„Кажи дека не ти се заканувале“: Сопругата на Владимир Тодоровиќ му напишала на сведок што да излаже на суд

Фото: Јутјуб/принтскрин

Против поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, скопското обвинителство поднело обвинение за давање лажен исказ пред суд, во судскиот процес „Талир“, каде Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска се обвинети за незаконско стекнување на пет милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ, објави СДК.мк.

Тие се обвинети дека потоа ги испрале парите преку уплатници со ист ракопис што ги пополнувале во име на партиски членови, без нивно знаење.

Во обвинението против Тодоровиќ, второобвинета е неговата сопруга, за кривично дело попречување на правдата, откако обвинителката Ленче Ристоска кај друг сведок фатила лист на кој обвинетата му напишала што да излаже пред судот.

За делото давање лажен исказ на Тодоровиќ му се заканува казна од минимум четири години затвор. За попречување на правдата за кое е обвинета неговата сопруга, казната е од една до пет години затвор.

Во овој предмет на крајот на 2020 година меѓу бројните бизнисмени кои сведочеа како од Груевски во Владата им биле вршени притисоци за пари, беше и Тодоровиќ. На изненадување на обвинителката Ристовска, на судењето Тодоровиќ го смени исказот даден во истрагата.

Претходно, Тодоровиќ тврдел дека бил викнат во Владата и таму во негово присуство на друг сведок му се заканувале дека мора да искешира десетици илјади евра за партијата. На судскиот процес тој даде различна изјава, дека во една релаксирана атмосфера другиот сведок бил прашан дали има и во рамки на можностите да донира за партијата. Обвинителката воочила дека изјавата што тој ја дал пред судот под заклетва, е суштински различна од таа во истрагата, во однос на постоењето на кривичното дело во обвинението во точка 1 за „Талир“ за притисоци врз бизнисмени, што им се става на товар на обвинетите.

Сопругата на Тодоровиќ, пак, за да обезбеди поткрепа на неговиот лажен исказ даден пред судијата Осман Шабани во Основниот кривичен суд, се досетила да дојде до другиот сведок на заканите во Влада. Таа ја нашла сопругата на сведокот и во рака ѝ дала лист хартија на која напишала што да прочита маж ѝ пред судијата Шабани. На листот обвинетата напишала:„Кажи дека не ти се заканувале!“, велат од обвинителството.

Обвинението е испратено на оценка во Основниот кривичен суд, пишува СДК.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот