Катица нè работи ко бавча

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Не можеш да ја фатиш ни за опаш, ни за глава. Ѝ дадоа нешто што сега не можат да ѝ го земат-моќ. А ѝ ја дадоа сите. И домашни и гости (читај странци). Затоа СДСМ и Брисел главно воздржани, а ВМРО ДПМНЕ се пењави. Не знам зошто! Па тие ја одбраа Катица како најкомпромисно решение за нив. Ним не им се допаѓаше проф. Калајџиев зашто бил многу остар, не го бендисаа ниту адвокатот Тортевски, демек бил близок до СДСМ… Што си мислеа, ќе ја одбереме оваа… хм, неопитна обвинителка од село и можеби ќе се провлечеме некако со криминалите имајќи го во џеб „сваровски“ судството.

Катица, симболот на отпорот кон криминалот на власта, сега барем според муабетите се претвори во симбол на искористување на својата власт, но и на севкупната Власт во државата. Таа вели било обратно – неа ја искористиле. Кој? Не кажува.

Во меѓувреме толку итро навреме си даде, но и не си даде оставка, што сега џабе веземе сите: Катица оди си, Катица во апс… Што е до неа, таа своето си го направи и тоа добро познавајќи ги опциите што на институциите и на партиите им стојат на располагање – ВРЗАНИ РАЦЕ. Затоа сега сите нè работи – ко бавча. Зема боловање ад хок, па си оди на одмор, се враќа кога ќе ѝ текне. Па као држи прес од кој бега без одговори на новинарите, па дава/не дава наредба за форматирање на компјутерите, па наредува претрес на сите вработени на влез и на излез од просториите на СЈО. (Не слушнав дали и неа ја претресуваа и нејзините снаи, внуци, свастики, друга родбина).

Па наеднаш се појавува „кул“ пред Обвинителство на организиран криминал СО АДВОКАТ!!!! И онака „кул“ вели па што, јас си имам советници! Ало, па тој адвокат е адвокат на еден од обвинетите во „Империја“, најспорниот предмет кој всушност го „роди„ случајот „Рекет“, во кој интригантна е токму улогата на Катица Јанева.

Она е едноставно НЕЗАМЕНЛИВА. Не смее, не дај боже, ништо да ѝ се случи.

Таа е избрана со двотретинско мнозинство во Парламентот со претходна согласност на четирите најголеми политички партии, и од Советот на Јавни обвинители по предлог на Собранието без јавен оглас. Истата процедура важи и за утврдување на престанок на мандатот на обвинителот кој раководи со СЈО.

Ако е од Катица, доста е. Како да ви кажам, ако после сè и се испостави дека била „чиста“, таа нема шанси да се „врати“ на старото место. Таа веќе е прогласена за персона нон грата од јавноста. Со право или без право.

За неа постојат само „Од извора два путиќа…!“

Спасот е во новиот закон за Јавно обвинителство. Но од него нема абер. Така Катица ги вози сега и партиите.

Или едната од двете!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот