Карпошани со пластични канти чуваат места за паркирање

Фото: Слободен печат

Дел од проблемот беше решен преку апликацијата „мЗаедница“, каде што по пријава за поставените блокатори на улицата Руѓер Бошковиќ, реагираа инспекциските служби од Општина Карпош и ги отстранија блокаторите.

Со канти и со самоволно поставени блокатори на тротоарите, дел од жителите во Карпош 1 се обидуваат да си сочуваат слободно паркинг-место за својот автомобил, во населбата што се соочува со огромен проблем со недостиг на простор за паркирање. Ова предизвикува кавги меѓу соседите, расправии, особено што станува збор за јавен, а не приватен простор што незаконски се узурпира.

Недоразбирањата се големи, затоа што со ова се соочуваат сите жители на Карпош 1, кои секојдневно, по половина час кружат по уличките во потрага по слободно место, па за нив е несфатливо со кое право дел од жителите имаат привилегии да си чуваат место и притоа да поминат неказнето.

Дел од проблемот беше решен преку апликацијата „мЗаедница“, каде што карпошани можат да пријавуваат проблеми за чие решавање е надлежна Општината. По пријава за поставените блокатори на улицата Руѓер Бошковиќ, реагираа инспекциските служби од Општина Карпош.

По пријавата за поставените блокатори, инспекциските служби од Општина Карпош според своите ингеренции интервенираа и ги отстранија непрописно поставените блокатори. Службите на Општина Карпош немаат законска можност да ги казнуваат узурпаторите на потенцираната локација туку само може да реагираат соодветно и да ги отстранат како што беше направено – објаснува Бранко Петров од Општина Карпош на апликацијата „мЗаедница“ .

Но, кантите од „поликолор“ и натаму останаа во должина на уличката Гиго Михајловски да „чуваат“ места за паркирање. Според Петров, за реакција од инспекциските служби на Општина Карпош за непрописно поставените пластични канти, потребно е да се поднесе пријава до архивата на Општина Карпош во барака 2.

Граѓаните се задоволни од брзата реакција на Општината, но како што велат, со тоа не се решава проблемот со паркирање.

Редно е да се регулира паркирањето во општина Карпош затоа што на потегот каде што граничи општина Центар со Карпош (улица Рузвелтова) се узурпираат слободни паркинг-места од лица што работат во Центар, а возилата ги паркираат во Карпош. Исто така, во малите улички треба да се бележи простор за резиденти како што прават впрочем соседите од Центар за да не кружиме по 5 круга околу новите згради што ни ги насадија за да најдеме паркинг-место – коментира жителка на Карпош 1.

Жителите потсетуваат и дека на многу локации низ населбата и воопшто низ Карпош со години стојат стари, неупотребливи и хаварисани возила, кои исто така зафаќаат паркинг-места, а досега ништо не е преземено за да се отстранат. Потсетуваат и на тоа дека пред две години беше спроведена анкета меѓу жителите на населбите Карпош 1 и Карпош 2 за тоа дали сакаат зонско паркирање. И покрај тоа што мнозинството се изјаснија потврдно, работата се одолговлекува, меѓу другото и затоа што е проблем по тесните улички да се обезбеди место за паркирање за сите жители.

Проектот за регулирано паркирање требаше да го подготви ЈП „Градски паркинг“. Неодамна новиот директот на претпријатието Бојан Христовски спомена дека се подготвува проект за паркирањето во Карпош. Каков, не се знае, затоа што и покрај нашите прашања, одговор не добивме.

Од друга страна, градоначалникот Стевчо Јакимовски во предизборната кампања вети дека паркирањето во Карпош ќе остане слободно и нема да се воведува зонско паркирање и дека проблемот ќе се решава со катни гаражи и тоа над земја и под земја.

Во Карпош 1, дел од жителите имаат гаражи, но ретко кој од сопствениците ги користи за таа намена. Тие најчесто ги користат како замена за подруми.

Што се однесува до проблемот со граѓаните што не ги паркираат своите возила во гаражите, за жал не постои начин на кој Општината може да ги натера да ги користат за вистинската намена – одговори неодамна за „Слободен печат“ градоначалникот Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот