Кампањата почна, програмите на кандидатите за претседател уште ги нема

Почна поставувањето на рекламни паноа за претседателските избори / фото: „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ

Кампањата за претседателските избори почна завчера, а од седумтемина кандидати за иден шеф на државата само двајца, Билјана Ванковска и Арбен Таравари ја поставија својата програма онлајн за да можат да ја прочитаат заинтересираните гласачи на својот компјутер или телефон без да чекаат некој партиски активист да им донесе дома отпечатен примерок. Програмата на кандидатката Ванковска може да се прочита на официјалниот сајт на партијата Левица, levica.mk, која ја номинираше како кандидат, а на Таравари на сајтот arbentaravari.mk, изработен специјално за претседателките избори, каде програмата е објавена на македонски и на албански јазик.

Во изборните штабови на другите кандидати за претседател ни одговорија дека предизборните програми наскоро ќе бидат објавени за читање онлајн. Никој не сакаше да прецизира кога точно кандидатите ќе ги обзнанат деталите за тоа што планираат да прават кандидатите кога ќе стапат на должноста шеф на државата и врховен командат на вооружените сили.

Од штабот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ни рекоа дека во моментот се прават последните подготовки за печатење на програмата и дека јавноста навремено ќе биде известена кога и на која веб-страница ќе биде објавена и за онлајн читање.

Од штабот на кандидатот на ДУИ Бујар Османи ни дадоа сличен одговор, дека програмата е во подготовка за објавување, а наскоро ќе биде објавена и на наменскиот сајт bujarosmani.eu, кој исто така е во финална подготовка.

Од штабот на СДСМ не добиме одговор кога и на кој сајт ќе биде објавена програмата на актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат.

И кандидатот Максим Димитриевски од ЗНАМ уште не ја објавил програмата. Од неговиот штаб ни рекоа дека на почетниот митинг во Крушево завчера се промовирани петте столба на кои се заснова целосната програма на Димитриевски, која наскоро ќе биде објавена.

Иста е ситуацијата и со кандидатот Стевчо Јакимовски, од чиј штаб нè известија дека програмата наскоро ќе може да се чита на партиската веб-страница grom.mk.

Според комуниколозите, ваквите потези на партиите кои и по официјалниот почеток на кампањата не ги објавија веднаш своите предизборни програми покажуваат несериозност. Иако можеби таква била праксата во претходните изборни циклуси, но сега, во ера на дигитализација и онлајн содржини е недопустлива, особено за земја-членка на НАТО која избира врховен командант.

Во оваа почетна фаза од кампањата партиите не обрнуваат толку големо внимание на предизборната програма и на нејзината промоција, туку со активностите што ги преземаат се силно насочени кон будење на нивното членство. Со митинзи, активности на социјални мрежи, трибини и средби со граѓаните, тие сега на почетокот испраќаат пораки за моболизација на членство и на активистите и како да немаат време плус детаљно да ја образложуваат програмата. Во подоцнежната фаза од кампањата партиите и кандидатите сигурно ќе поентираат и со главните делови од предизборните програми и со тоа тогаш ќе целат кон неопределените гласачи. Сега им е главна групната мобилизација на членството, на симпатизерите, на оние кои им се сигурни гласачи, а тоа се гледа и поред тоа со какви слогани настапуваат – вели комуникологот Сеад Џигал за „Слободен печат“.

Професор Сеад Џигал – комуниколог/ прингскин – Youtube

Тој се согласува дека со ненавременото објавување на предизборните програми партиите испраќаат порака дека не веруваат дека некој ќе се определи за кого ќе гласа врз основа на програмата, а од друга страна, ги потценуваат заинтересираните читачи, односно поинтелектуалниот дел од гласачкото тело што сака да направи информиран избор.

– Ова е објаснување, а не оправдување за ситуацијата. Како да немаат верба дека некој е заинтересиран да ги чита. За членка на НАТО, ова е секако под сите стандарди. Особено што одамна се знае кога се претседателските избори и имале доволно време за пишување, подготовка за печатење и за објавување. Со тоа покажуваат дека и самите не веруваат дека имаме квалитетни демократски процеси – вели комуникологот Џигал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот