Како си, сине?

Марин Гавриловски

Ние како родители ја имаме таа одговорност од нашите деца да направиме здрави и самоодржливи индивидуи способни самостојно да се справат со животните предизвици. Затоа, откако ќе го прочитате овој текст, најдете време за вашите деца, поминете малку квалитетно време со нив, пропешачете или отидете во некое кафуле каде што тие одат, поразговарајте и покажете колку ги сакате и колку се гордеете со тоа во какви личности тие се оформиле. Позитивната фамилијарна интеракција е лек се секаква горчина и проблем

Себеси не се сметам ниту за строг, ниту пак за претерано либерален родител, умерено влијаам  на моите деца, но она за што секогаш сум наоѓал време било да поразговарам со нив, да ги прашам како се и дали имаат некој проблем за кој би им требала мојата, односно нашата родителска помош. За среќа, моите ќерки се веќе полнолетни и чекорат по своите патишта и никогаш не се најдовме во ситуација да решаваме некој многу сериозен проблем токму во оној период од нивните животи кога тие се беа најранливи и подложни на разни негативни влијанија.

Ние, возрасните, родителите, преокупирани со секојдневните обврски и проблеми (кои, за жал ги одбележаа животите на нашите неколку генерации) многу често знаеме да заборавиме на нашите деца, сметајќи (погрешно) дека нивното „безгрижно детство“ не им носи проблеми и премрежија. „Битно е да учиш и немаш никакви други проблеми“, знаеме многу често да кажеме, поаѓајќи од онаа старата „тато носи, мама меси“. Но дали е така? Многу брзо сме заборавиле на времињата кога и ние бевме деца и кога една лоша оценка или невозвратена младешка љубов може да значи уривање на цел еден свет и доаѓање на работ на бездната.

Токму тие страшни работи се случуваат сега во нашето соседство. Грозоморните сцени од Србија го активираа алармот на најсилно, тревожејќи не дека ситуацијата одамна е отидена надвор од контрола и дека понатамошни ескалации, многу веројатно, ќе се случуваат и во иднина. Сега сите стануваат експерти, психијатри, психолози, социолози, ја анализираат ситуацијата со фатални и неповратни последици и секако никој не може да ја има апсолутната и единствена вистина за причините што ги предизвикаа немилите настани. Како и се во животот, работите никогаш не се црно-бели. Нијансите помеѓу овие две крајности можат приближно да го дадат одговорот на прашањето: „Зошто, по ѓаволите?“

Врсничкото насилство, деградацијата на вредностите во општеството, несоодветните ријалити шоуа, социјалните мрежи, односот на родителите и децата, употребата на оружје уште од млади години (па дури и за спортски или рекреативни цели), деградацијата на позицијата на наставникот во образовниот систем и несоодветните образовни курикулуми, предодреденоста на некои личности да извршуваат кривични дела (Чезаре Ломброзо и Енрико Фери – Човекот злосторник), лошото друштво, употребата на наркотични средства, сите заедно се непознати од равенката чиј сублимиран резултат ќе биде одговор на погоре поставеното прашање.

За жал, она што се случуваше во Србија е неповратен процес со фатални последици. Не сакам да сум им во кожата на родителите на децата што ги изгубија своите животи, бидејќи велат дека најголемата несреќа во животот е родителот да го надживее своето дете, ниту, пак, во кожата на родителите на насилниците за кои исто така може да се каже дека иако живи, тие веќе немаат деца, барем онакви какви што биле пред да ги извршат злосторствата. Дополнителен товар ќе им биде и оправданата осуда од јавноста и евентуалните обиди за одмазда.

Живееме во тешки времиња во кои оние вредности во кои верувавме и на кои нè учеа пополека се рушат, а со нив се рушат и некои основни елементи на модерната цивилизација. Релативизирањето на положбата на семејството, пред сè, како основна репродуктивна клетка што овозможува продолжување на човечкиот род – води неминовно кон намалување на наталитетот особено во земјите на либералната западна демократија кои веќе мака мачат со основната репродукција и мора да „увезуваат“ работна и друга сила од земјите со потрадиционални вредности  со цел да можат, колку толку, нормално да функционираат.

Влијанието на социјалните мрежи и реалити програмите на телевизиите доведуваат до „отапување“ на младите генерации кои се насочуваат кон минимална елементарна комуникација, која многу често не вклучува ниту зборови, туку употреба само на слики и емотикони со кои се изразуваат мислите и чувствата. Младите генерации скоро и да не знаат да читаат и да пишуваат. Реалитијата, од друга страна, ги величаат оние квазивредности на старлетите и криминалците и на младите им праќаат погрешни сигнали за тоа што е добро и како треба да се гради една личност.

Долгогодишната деградацијата на образовниот процес и на наставниците како основна алатка (надвор од семејството) која има за цел една млада личност да ја изгради во нормален, општествено користен човек, полека почнува да ги покажува своите негативни ефекти. Училиштето не е само место каде младите се обврзуваат и стекнуваат со знаење кое понатаму ќе им помогне во животот, туку место на кое се покажуваат сите индивидуални и семејни фрустрации – кој колку пари има и колку е големо влијанието  на родителите врз наставниците и директорите и нивниот негативен импакт на образовниот процес.

На крајот, се враќам на почетната теза – односот на родителите и децата. Сметам дека на таа релација започнува сè и завршува сè. Ние како родители ја имаме таа одговорност од нашите деца да направиме здрави и самоодржливи индивидуи способни самостојно да се справат со животните предизвици. Затоа, откако ќе го прочитате овој текст, најдете време за вашите деца, поминете малку квалитетно време со нив, пропешачете или отидете во некое кафуле каде што тие одат, поразговарајте и покажете колку ги сакате и колку се гордеете со тоа во какви личности тие се оформиле. Позитивната фамилијарна интеракција е лек се секаква горчина и проблем. Тоа и еволуцијата нè учи; секоја единка има поголема шанса за успех доколку расте и се развива во својот микро чопор.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот