
„Јутјуб“ прави значајни измени, сака да нѐ принуди да ги гледаме рекламите
Најпопуларниот светски видеосервис, „Јутјуб“, планира да ги замени двете реклами од 15 секунди што сега се прикажуваат, со една рекламна порака што ќе трае 30 секунди и нема да може да се прескокне – веб-страницата се обидува да ги принуди корисниците да ги гледаат рекламите, а единствениот начин да се избегнат прекините за реклами да биде плаќањето за премиум претплата, која во моментов чини 120 долари годишно, пишува порталот „The Street“.
Препорачано
Важно е да се напомене дека промената засега ќе биде спроведена само кај корисниците кои гледаат содржини на „Јутјуб“ на ТВ-приемници, додека на мобилните уреди ќе остане досегашната пракса со рекламите. Официјалниот датум на воведување на промената не е познат. Во средата „Јутјуб“ најави воведување подолги реклами, откако аналитичарите на веб-страницата забележале дека 70 отсто од содржината во „Јутјуб селект“ се гледа на телевизорите, а доколку се продолжи времето за рекламирање, огласувачите имаат повеќе време за подобро да го претстават производот или услугата.
„Овој формат се вклопува во она што гледачите го очекуваат и доживуваат на големиот екран. Наместо две реклами од 15 секунди, ќе биде прикажана една реклама од 30 секунди“, се вели во соопштението.
„Јутјуб“ не откри повеќе детали за промените, освен тоа дека во иднина, рекламите ќе можат да се паузираат, за да им се овозможи на гледачите да дознаат повеќе за производите или услугите кои се најавуваат, а кои ќе бидат „високо визуелни и интерактивни“.
Од своите скромни почетоци во 2005 година, YouTube направи драматична промена, која беше најизразена откако „Гугл“ ја купи веб-страницата во 2006 година. Таа ги задржа своите темели како платформа за споделување видео, а во 2017 година се обиде да го освои пазарот со стриминг телевизиски сервис наречен „Јутјуб ТВ“, кој исто така е во целосна сопственост на „Гугл“.
– Гледачите се повеќе го гледаат YouTube на најголемиот екран во нивниот дом. Гледачите, особено помладите, не прават разлика помеѓу содржината што ја гледаат. Кога ќе го вклучат телевизорот, тие сакаат сè што сакаат на едно место – од нивните омилени Јутјубери, преку хит-филмови, до фудбал. Тие можат да го најдат сето тоа на „Јутјуб“, вели извршниот директор Нил Мохан.
Заедно со најавената промена, „Јутјуб“ тестира начини како да ги принуди корисниците да ги оневозможат апликациите за блокирање реклами и да ги натера да ја платат „премиум“-претплатата која чини 119,99 долари за една година користење.
Според веб-страницата „Статиста“, приходите на „Јутјуб“ од рекламирање изнесувале речиси 30 милијарди долари лани, а пет години преходно – само 8 милијарди.