фото: kfsm.mk

Јуниорите поразени на стартот на Европското првенство дивизија „Б“ во Матишинос

Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација „Под 18“ загуби во првиот натпревар на Европското првенство дивизија „Б“ во Матошинос, Португалија, откако беше совладана од Велика Британија со 68:84.

Британците водеа по првите 10 минути со 17:9, а во 15 минута, Македонија намали на само 19:21, доволно за селекторот на ривалите да побара минута одмор за да го сопре налетот на нашите јуниори и серијата од 10:4. Поените на Луканоски, во 18 минута, ни го донесоа и првото водство (26:25). Но, во последните две минути Велика Британија влезе во своја серија од седум поени, доволно да ја врати предноста (32:26). И на големиот одмор да замине со солидни 34:27.

Британските јуниори подобро почнаа и во второто полувреме, а овојпат беа уште поефикасни, и за само четири минути, обезбедија плус од дури 20 поени (53:33). Немавме одговор за брзата и ефикасна игра на противникот, кој зголеми и на максимални 56:33, за серијата да изнесува 22:6.

Шошкиќ, со тројка, го прекина тој далеку од идеален период на нашата селекција, која за разлика од првото полувреме, остана без дефанзивни решенија за играта на Британците. Јаничиќ, со лесно положување и една неверојатна тројка од осум метри, со помош на Луканоски, ја симнаа негативата на многу пониски 47:58. Не успеавме негативата да ја сведеме на едноцифрена во последниот дел од премиерата во Матошинос. Напротив, ривалот дури и ја покачи, на средина од четвртиот период водеше со 77:59.

Марко Луканоски со 22 поени и девет скока беше нашиот најкорисен играч, Јаничиќ додаде 11 поени, а Шошкиќ, кој имаше проблеми со личните грешки низ целиот тек на мечот запиша 12.

В недела од 16.30 часот, Македонија ќе игра против репрезентацијата на Австрија, која по стартната победа на средбата со Норвешка (97:64), вечерва играше против Исланд. И на крајот стигна до втор триумф (82:72) кој ги става на делба на првата позиција со Велика Британија во групата „А“ по двете одиграни кола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот