Јубилеј 75 години „Остен“: Цртежот е искреноста во уметноста

Изложба на слики, цртежи и графики на повеќе од 200 уметници од целиот свет беше поставена од први до 10 октомври во објектот Чифте амам при Националната галерија во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 75 години постоење на „Остен“.

Јубилејот на „Остен“ се одбележува со две паралелни изложби што се поставени во галеријата „Остен“ и во Чифте амам. Во галеријата „Остен“ се изложени графички дизајни што ја прикажуваат еволуцијата на брендот „Остен“ од 1945 година до денешен ден и 52-та Светска галерија на карикатури, додека во Чифте амам можеа да се видат делата на повеќе од 200 уметници од целиот свет во рамките на два програмски сегменти на „Остен“ – Биенале на цртеж Скопје 2020 и Биенале на наградени автори Охрид/Скопје 2019-2020.

– Многу е тешко да се постави изложба што содржи дела од селектирани автори, бидејќи секој од нив учествува со свое дело, а сите треба да бидат претставени во ист простор. Станува збор за хетероген и обемен проект во чии рамки се и дела од наградени автори, како Илја и Емилија Кабаков, Оскар Кокошка, Јоргос Ксенос и Таки Павловски – вели Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“.

Во Чифте амам беа претставени селектираните дела на Биеналето на цртеж и Биеналето на наградени автори

Цртежот во „Остен“ е сфатен на најширок можен начин, односно повеќе како начин на размислување отколку како сликарска техника, цитирајќи го славниот Дали, кој рекол дека „цртежот е искреноста во уметноста“, бидејќи секој уметник своето дело го почнува со цртеж или со скица.

– Цртежот не сакаме да го претставиме само како краен резултат на некоја креација туку да го претставиме делото што го содржи цртежот во себе. Оваа година дури добивме видео на кое е претставена линија. Семејството Грабулоски на Биеналето на цртеж се пријави со тоа видео. Затоа секогаш трагаме по некои други димензии, кои го претставуваа цртежот во најразлични можни медиуми и форми. Секако, меѓу изложените дела на Биеналето на цртеж преовладуваат делата на хартија, како цртежи, масло, графика, но и акрил, масло, објекти, видео… – објасни Конеска.

Во текот на изложбата се одвива жирирање на пристигнатите дела, а до крајот на годината ќe бидат објавени наградените автори. Куратор на изложбата е Емил Алексиев. Заради пандемијата одлуките за наградите се донесуваат врз основа на пристигнатите дигитални слики наместо врз оригиналните дела, како што е вообичаената практика на Биеналето.

Во интернационалното жири што одлучува за наградите на Биеналето на цртеж се Кетрин Бекер (Киндл центар за современа уметност) од Берлин, Ларс Карулф Молер (Борнхолм музеј) од Данска и Жолт Петрани (Национална галерија на Унгарија) од Будимпешта, Унгарија. Во знак на јубилејот на „Остен“ ќе бидат одбрани 75 финалисти од кои ќе се дефинираат наградите предвидени од организаторот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот