ЈСП расчистува со партиските вработувања: Прекинати договорите на 30-тина луѓе, Синдикатот во обид да ги врати на работа

ЈСП
Градски автобуси на ЈСП / Фото: Драган Митрески

Од ЈСП тврдат дека никој не е избркан од работа туку едноставно на лица кои преку партија биле ставени на платен список во претпријатието со договор на дело им се истечени договорите за работа.

На триесетина привремено вработени во ЈСП „Скопје“ од денеска им се прекинати договорите за работа, без најава и без образложение за ваквата состојба. Станува збор за луѓе ангажирани за различни работни задачи, кои во претпријатието работеле неколку години. Овој пат со отказите не се засегнати возачите на автобусите, кои и онака се дефицитарен кадар и неопходни за нормалното функционирање на јавниот превоз.

Претпоставка е дека договорите се прекинати поради тоа што ЈСП е во тешка финансиска состојба, а градските советниците, и покрај тоа што јавниот превозник отсекогаш функционира со помош на субвенции од Град Скопје, не добија дополнителни субвенции од 110 милиони денари, неопходни за исплата на плати, ниту беше изгласана одлука за покривање на загубите прикажани во завршната сметка на претпријатието за минатата година. Претходно, годинава, ЈСП веќе доби субвенции од Градот во износ од 440 милиони денари.

Веста за прекинувањето на договорите за „Слободен печат“ ја потврди претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, кој вели дека веќе се преговара за нивно враќање на работа.

 Станува збор за 26-7 луѓе вработени преку Агенцијата за привремени вработувања. Договорите им се прекинати и од денеска не се на работа. Меѓу нив нема возачи, но се отпуштени членови на Синдикатот, одржувачи на хигиена, одржувачи на автобуси, магационери и други вработени. Не знам точно кои се причините, дали е поради субвенциите или се работи за притисоци, но договори на привремено вработени се прекинати и во Град Скопје и во другите јавни претпријатија. Веќе разговаравме со раководството и тенденцијата е да се вратат на работа. Утре има седница и на Управниот одбор, па ќе видиме што ќе се случи – вели Стојановски.

На прашањето дали поради тоа што ЈСП не доби дополнителни субвенции е загрозена исплатата на плати, Стојановски се надева дека нема да има проблем со платите. Досега, како што вели, редовно се исплатувани, во спротивно Синдикатот веднаш би реагирал.

Од ЈСП пак велат дека расчистуваат со партиските вработувања и превработеноста која создавала товар на месечно ниво на буџетот на ова јавно претпријатие. Оттаму тврдат дека никој не е избркан од работа туку едноставно на лица кои преку партија биле ставени на платен список во претпријатието со договор на дело им се истечени договорите за работа.

 Со години различни градски администрации на претпријатието се однесувале кон ЈСП како кон приватен бизнис од кој на секој можен начин се обидувале да извлечат лична корист со цел полнење на своите џебови на грбот на скопјани. Претходните администрации во претпријатието тоа го правеле преку наместени тендери, криминал и корупција и партиските вработувања кои станаа рак рана на македонското општество. Претходните администрации поради ваквото работење создадоа во ЈСП структурни проблеми за кои ќе бидат потребни години за да се решат – тврдат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека со постоечкиот кадар кој е вработен на неопределно време ЈСП го исполнува оптималниот кадровски капацитет за пружање на граѓаните кои користат јавен превоз редовна, безбедна и сигурна услуга.

Сепак, деновиве, откако ЈСП не доби субвенции, за состојбата во ЈСП се огласи и директорот Крсте Петревски кој нагласи дека втора година по ред, советниците во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат одлуката за доделување средства на ЈСП, кои му следуваат на претпријатието, а се потребни за исплата на плати за вработените. Исто толку време, според директорот, истите советници ја блокираат одлуката за набавка на нови автобуси за ЈСП, за да се обнови возниот парк и граѓаните да добијат поквалитетна услуга.

Личните и партиски интереси повторно се поважни за советниците на ВМРО-ДПМНЕ, па смислено ја блокираат исплатата на плати за вработените во ЈСП свесно обидувајќи се да предизвикаат криза во јавниот превоз – рече Петревски.

Во последната година и пол, откако се влошија односите меѓу градоначалничката Данела Арсовска и нејзините поддрѓувачи на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, во Советот на Град Скопје тешко поминуваат одлуките кои таа ги предлага и со кои се засегнати и јавните претпријатија. Состојбата е до таму влошена што Арсовска сосема ја игнорира работата на Советот и со месеци не се појавува ниту на редовните, ниту на седниците посветени на советнички прашања. Притоа, во нејзиниот двегодишен мандат таа смени неброено многу директори на јавните претпријатија без никакво образложение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот