ЈСП доби пари за плата, но како скопјани да добијат уверување дека нема повторно да останат без автобуси?

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Од „Зелен хуман град“ сметаат дека граѓаните не треба да дозволат овој циркус во Советот да продолжува секоја година, па ги повикаа да се активираат и директно да се вклучат во работата на институциите.

Не престануваат реакциите во јавноста по случувањата во Советот на Град Скопје, кога во еден ден се одржаа две вонредни седници под притисок на синдикатите од ЈСП, кои бараа субвенции за да им се исплати декемвриската плата. По жестоки расправии, обвинувања, па дури и навреди, откако на првата седница за еден глас не поминаа субвенциите, по еден час се одржа уште една седница, на која беа одобрени средствата за ЈСП.

Додека се одржуваше седницата во Скопје немаше јавен превоз, а вработените со часови стоеја пред бараките на Град Скопје. Интересно е што зад барања за исплата на субвенциите со кои треба да се исплати плата, овој пат заеднички настапија синдикатите и директорот на ЈСП Крсте Петровски, па вината за состојбата на јавниот градски превозник беше насочена кон Советот, а од одговорноста беше амнестиран менаџментот на претпријатието. Граѓаните, како и секогаш, повторно без нивна вина беа жртви на овие случувања, па вчера по студот беа оставени без јавен превоз да се снаоѓаат како ќе се вратат дома од работа или училиште.

Притоа остана нејасно како средствата од дополнителните субвенции, што ЈСП ги доби на седницата одржана на 27 ноември за исплата на плати за ноември и декември, не биле искористени за намената, туку, како што рече директорот Петревски, со тие пари се исплатиле плати за октомври и ноември.

На ова прашање повеќепати вчера побараа одговор советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Денеска од партијата излегоа со соопштение во кое тврдат дека причината за неисплаќањето на платите во ЈСП не е Советот, туку „разузданото раководство на ЈСП, директорот од ГРОМ Крсте Петревски и уште понеспособната градоначалничка Арсовска“.

Во ноември, советниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата изгласаа 120 милиони денари за субвенции за ЈСП, и тогаш директорот на ЈСП кажа дека тоа е за плати за вработените за ноември и декември. Денес сме 23 јануари и иако е законскиот рок до 15 јануари, вработените во ЈСП немаат сѐ уште плати. Прашањето е каде завршиле веќе доделените субвенции. Вчера ЈСП бараше нови 700 милиони денари субвенции – велат од партијата.

Оттаму додаваат дека овој Совет додека е Арсовска градоначалник, досега веќе исплатил 1.265.000.000 денари субвенции за ЈСП и сите тие биле поддржани од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

И овие 700 милиони денари најмалку ќе отидат за плати на вработени, туку за исплати на „Пуцко петрол“ и други доверители ангажирани под сомнителни тендери. Што се однесува до душегрижништвото на СДС, зошто Арсовска молчи за милионите евра што Владата му ги должи на ЈСП? Молкот објаснува дека вчера и синдикатите и ЈСП беа грубо политички злоупотребени – тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со апсолутно мнозинство донесена одлука за давање субвенции на ЈСП Скопје

Од СДСМ, пак, обвинија дека локалната власт на ДПМНЕ создаде хаос со јавниот превоз во Скопје, а ЈСП го доведе на раб на функционалност, да нема автобуси и вработените да не може да земат плата.

 Иако ДПМНЕ во Советот на Град Скопје има мнозинство, на вчерашната вонредна седница одби да ги поддржи субвенциите за ЈСП, одби на вработените да им се префрлат средства да може да им се исплати плата. Срамно, тажно и само поради лични хирови на Мицкоски, советниците на ДПМНЕ се противеа на доделување финансиски средства за да може да функционира ЈСП – соопштија од партијата.

Оттаму потсетија дека и членовите на Управниот одбор и на Надзорниот одбор во ЈСП се од ВМРО-ДПМНЕ, кои според нив ништо не преземаат додека претпријатието се дави во долгови.

„Зелен хуман град“ во неколку куси црти се обиде на граѓаните да им го објасни, како што велат, циркусот што се случил во Советот. Според нив, ЈСП секоја година добива субвенции и во ред е да е субвенциониран затоа што јавниот превоз речиси никогаш не е профитабилен. Но, според советниците од ЗХГ, нема прецизни извештаи каде се трошат парите од субвенциите.

ЈСП не дава јасни извештаи на Советот каде одат парите што ги добиваат и често се бараат дополнителни субвенции низ годината. Советот бара, но не добива дополнителни извештаи. Работењето на сите институции во Град Скопје и Македонија не е оптимизирано ниту проверено и често завршуваат како црни дупки за пари со огромен број партиски вработувања. Граѓаните и вработените се држат заложници во секое препукување меѓу партиите, без разлика дали се на власт или во опозиција – велат од „Зелен хуман град“.

Оттаму сметаат дека граѓаните не треба да дозволат овој циркус да продолжува секоја година, па ги повикуваат да се активираат и директно да се вклучат во работата на институциите.

Скопје двапати во рок од година и пол остана без автобуси поради штрајк на вработените во ЈСП. Денеска имаше автобуси, но прашање е дали повторно граѓаните ќе бидат заложници на меѓусебните недоразбирања на раководството на претпријатието и советниците и на лошата состојба во ЈСП. До кога можат да бидат спокојни дека ќе имаат превоз, па и ваков лош каков што е сега? Скопјани очекуваат да се најде некое долгорочно решение за да се нормализира функционирањето на претпријатието.

Недоразбирањата меѓу ЈСП и советниците ќе „удрат“ по граѓаните: Ако до понеделник нема субвенции, ќе нема ни автобуси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот