Јавна дебата за Законот за спречување дискриминација: Потребни се јасни критериуми за изборот на членови на Комисијата за недискриминација

Амандманите на Законот за спречување и заштита од дискриминација во делот која ја уредува постапката за изборот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа во центарот на јавната расправа организирана денеска од собраниските комисии за европски прашања и за еднакви можности.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со предложениот Закон, Комисијата за превенција и заштита од дискриминација ќе биде независно тело кое ќе го сочинуваат седум професионалци со седумгодишно искуство во сферата на човековите права и пет години искуство во делот на еднаквост и недискриминација. Ќе има сопствена буџетска независност, а изборот на членови ќе биде на јавна расправа во Комисијата за избори и именувања,што значи, вели, јавноста ќе биде вклучена преку таа расправа. Дополнително Комисијата ќе направи предлог – листа која ќе ја предложи на пленумот со апликациите на сите кандидати.

– Важно ни е граѓаните ден поскоро да го добијат овој закон. Ги повикувам пратениците да го изгласаат овој закон кој ги адресира европските вредности и пред се ќе ги штити правата на граѓаните од секаков облик на дискриминација, рече Шахпаска.

Пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за еднаквост на жените и мажите Гордана Силјановска Давкова посочи дека нивните забелешки на законскиот текст се однесуваат на мандатот на членовите на Комисијата, на заострување на критериумите за избор, и за разрешување на членови и на поимникот употребен во законот.

-Забелешката на Венецијанската комисија е дека не е добро да има реизбор, јас исто така сум поборник на тоа дека не треба да има мандат 5 + 5 , десет години, туку треба да има флуктуација на луѓе кои се квалификувани за оваа материја. Се плашам од премногу моќ на едно место. Второ мислам дека критериумите за избор треба да бидат построги. Не е доволно за мене да напишете 240 кредити и седумгодишно искуство во сферата на слободите и правата туку поконкретни критериуми. Постапката целосно се согласувам со НВО секторот дека треба да биде поинаква. Би сакала профилот на Комисијата да личи на оној за  изборот на Антикорупциската, односно да има повторно партнерство меѓу НВО и пратениците, вели Силјановска Давкова порачувајќи дека е потребен квалитетен закон.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација на граѓански асоцијации појасни дека бараат да се усвои нивниот амандман на член 18 од Законот со кој се регулира изборот на Комисијата со цел да осигураат, вели дека изборот на членови ќе биде спроведен во транспарентна и инклузивна постапка и ќе се изберат луѓе врз основа на нивната заслуга, а не на нивната партиска припадност.

-Членовите на независните регулаторни тела мора да се избираат согласно заслуги, само така ќе имаме професионална комисија и само така вистински ќе инвестираме во системот за спречување и заштита од дискриминација. Претходните два состава на комисијата беа оценети и од нас како здруженија и од ЕК како непрофесионалци, луѓе кои се поврзани со политичките партии и со тоа не успеаја да обезбедат ефективна заштита од дискриминација, рече Дрндаревска.

Арбер Адеми претседател на Комисијата за европски прашања истакна дека станува збор за идентичен текст на закон кој беше укинат од Уставниот суд, а целта на денешната јавна расправа е токму да има инклузивност во целиот процес и да се слушне мислењето на сите заинтересирани страни, со цел унапредување на  законот.

Во однос на дискриминација по етничка основа при вработување во државни институции од власта и од опозицијата се согласуваат дека основен предуслов за вработување треба да биде исполнувањето на критериуми и професионални квалификации.

Законот за спречување и заштита од дискриминација  ќе се најде утре во второ читање на Комисијата за европски прашања. Првично Законот беше донесен во 2018 година, но тогашниот претседател на државата не го потпиша указот за негово прогласување. Повторно беше вратен во Собранието и пратениците го изгласаа но заради процедурални пропусти, во мај, оваа година беше укинат од Уставниот суд. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот