Јапонија мора да обесштети група жени кои биле сексуални робинки на јапонски војници во Втората светска војна

Јапонија мора да обесштети група жени кои биле сексуални робинки на нејзини војници во Втората светска војна / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Јужнокорејски суд и нареди на Јапонија да обесштети група жени кои биле принудени да работат во воени бордели за време на Втората светска војна. Случајот на 16-те жени, кои биле чувани како сексуални робинки на јапонските војници, претходно бил отфрлен.

Тие поднеле тужба во 2016 година, но Централниот окружен суд во Сеул ја отфрли пет години подоцна, повикувајќи се на суверен имунитет. Високиот суд во Сеул сега ја поништи пресудата, пренесува Би-Би-Си.

Во соопштението на судот се вели дека ја признава јурисдикцијата на Јужна Кореја над јапонската влада бидејќи жените живееле во земјата и барале компензација за дела кои се сметаат за „незаконски“.

„Разумно е да се смета дека постои заедничко меѓународно право кое не признава државен имунитет за незаконски чин, без разлика дали чинот бил суверен акт“.

Ли Јонг-су, 95-годишна активистка и жртва била емотивна откако му се заблагодарила на судот за пресудата. Кога ја напуштала судската зграда, таа им рекла на новинарите дека е „благодарна“.

Таа додаде дека би сакала да може да им каже за пресудата на сите жртви кои веќе починале. Се проценува дека повеќе од 200.000 жени и девојки биле принудени на проституција за да им служат на јапонските војници во Втората светска војна. Многу од оние што се чувале во воените бордели биле Корејки, други биле од Кина, Филипините, Индонезија и Тајван.

Јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикава ја нарече пресудата „крајно жална и апсолутно неприфатлива“.

„Јапонија уште еднаш силно ја повикува Република Кореја веднаш да преземе соодветни мерки за да го поправи статусот на нејзиното прекршување на меѓународното право“, рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот