Измами со документи: И без бугарски пасош в рака и без пари в џеб

Бугарски пасош / Фото: passport / Alamy / Alamy / Profimedia

Со пристапување на Бугарија во Европската Унија во 2007 година, бугарскиот пасош стана најпосакуван документ за Македонците. Дел од нив на секој можен начин пробуваа да стигнат до него сѐ со цел полесно заминување во некоја од европските земји. За бугарски документи се плаќаа(т) превисоки суми, а голем број на Македонци упееаја на каков било начин да извадат бугарски документи.

Но бугарскиот пасош значеше и можност за започнување на нов бизнис. Оние пак поснаодливите со ниско ниво на совест, претставувајќи се како посредници за бугарски документи ги наполнија сопствените џебови со пари, лажејќи дека за одредена сума обезбедуваат бугарски документи.

Жител на тетовско село којшто вчера во полиција пријавил измама е најновата жртва на лажните посредници. Измамениот во 2022 година стапил во контакт со жена од Кочани којашто се претставила како посредник за добивање бугарски документи. На лажните приказни лесно потпаднал па за целата процедура најпрво платил 30.000 денари, а потоа уште дополнителни 15.000 денари. Тетовецот сфатил дека е измамен кога по поминати година и пол не добил никакви документи, а измамничката ги прекинала сите контакти.

Иста пријава имаше и минатиот месец кога кочанчанка измамила двајца тетовци на кои им ветила дека за паричен надомест ќе им обезбеди бугарски пасоши, но тие никогаш не ги добиле документите за кои платиле, а биле „олеснети“ за околу 450 евра по човек.

Од СВР Тетово информираат дека истрагата е во тек, и засега нема информација дали станува збор за иста измамничка.

Тој апелира граѓаните да не наседнуваат на приказните на лажните посредници и да бидат претпазливи со кого воспоставуваат контакти.

– Апелирам до граѓаните да внимаваат со кои воспоставуваат контакти, да не веруваат во лажните приказни кои им се сервираат и да бидат претпазливи, бидејќи посредници-измамници ги има на секој чекор, вели Јосифовски.

Бугарските пасоши се популарни кај Македонците, најмногу кај оние од источниот дел на државата каде што процедурата за вадење на бугарски документи им е многу подостапна поради големиот број на посредници кои за одредена сума на пари вадат бугарски документи.

Жител на Делчево за „Слободен печат“ вели дека ретко кој во неговиот град нема бугарски пасош и додава дека сите го вадат поради економски причини, и полесниот начин за заминување во странство.

– Ретко кој нема бугарски пасош во Делчево и околината. Само првиот бугарски пасош во семејството чини илјадници евра, а за другите пасоши плаќаме по околу 300-400 евра. Но потребни се неколку одења во Бугарија додека се заврши целата постапка. Половина Делчево е на работа во европските земји, најмногу во Швајцарија и сите помлади иднината ја гледаат надвор, ретко кој сака да остане во Македонија, вели 21-годишно момче.

Македонците своевремено беа најголемите муштерии за бугарски документи и правеа метеж пред чекалницата за добивање бугарски пасош. Сепак тоа набргу се промени, па мината година до ноември, Македонците поднеле 2.990 барања што ги прави четврти на списокот според бројката на апликации.

За споредба, во 2022 година 1.992 Македонци добиле бугарско државјанство, во 2021 година Бугари станале 7.696 лица, додека пак во 2020 нивниот број бил 9.098.

Најголем број бугарски пасоши побарале турски државјани кои цела вечност се во чекалницата на ЕУ и го користат бугарскиот пасош за работа во европските земји, слично како и македонските државјани откако Бугарија стана членка на ЕУ и можноста на мала врата и со корупција на службите брзо и лесно да се стигне до бугарска патна исправа заради работа во странство. Украинците поради војната со Русија која трае речиси две години, иднината си ја бараат со бугарски пасош во ЕУ. Но во Украина живее и значително бугарско малцинство и има многу мешани бракови. Албанците пак, до ноември минатата година поднеле 2.992 барање за добивање бугарски документи.

Голем број на албанските апликации за добивање бугарски пасош се од Македонци кои живеат во Пустец и Голо Брдо кои спасот од сиромаштија го бараат во работа во странство за што им е потребен европски пасош, чија цена движи од 5.000 до 25.000 евра.

Кочанчанка измамила двајца тетовци дека за пари ќе им обезбеди бугарски пасоши

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот