Изложбата претставува поетска видео-инсталација

Изложбата „Откривање и ритам“ на Мартин Џепароски е поставена во галеријата на МКЦ

Во ликовната галерија на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, на 2 октомври беше отворена самостојната изложба „Откривање и ритам“ на мултимедијалниот уметник Мартин Џепароски.

Изложбата претставува поетска видео-инсталација составена од две интерповрзани видеа – „Откривање“ и „Ритам“ – кои се надополнети со просторна инсталација. Делото е сензорно доживување што го вклучува просторот како активен елемент, во кој се спојуваат визуелната уметност, звукот и движењето.

Преку симболична нарација, динамичен ритам и визуелна естетика, Џепароски ги истражува темите на внатрешното будење, трагањето по сопствената суштина и универзалниот ритам на животот.

Централниот елемент на изложбата – маслиновото дрво поставено во внатрешен простор – симболично поврзува природа и урбана реалност, материјалност и поетика.

Куратор на изложбата е Марија Коробар, музиката е на Горан Атанасовски – Роботек, а дизајнот на каталогот и визуелниот идентитет е дело на Василија Чали.

Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, во рамки на годишната програма за визуелни уметности, архитектура и дизајн за 2025 година.

Изложбата е отворена секој ден до 10 октомври и нуди ретка можност за интроспективно и мултисензорно уметничко доживување.

Мартин Џепароски (роден 1991, Скопје) е мултимедијален уметник чија практика опфаќа скулптура, видео-инсталации и дигитални концепти. Дипломирал вајарство и сценографија на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди. Неговото уметничко истражување е насочено кон односот меѓу човекот, природата и урбаната реалност, испитувајќи ги начините на кои овие димензии се вкрстуваат, коегзистираат и меѓусебно се трансформираат.

Комбинирајќи традиционални методи со современи техники, Мартин развива препознатлив визуелен јазик кој ја поврзува материјалноста и симболизмот. Неговите дела честопати ги повикуваат гледачите на интроспективно и сензорно доживување, каде што се спојуваат поетската експресија и концептуалната истражувачка мисла. Преку овој мултидисциплинарен пристап, тој постојано ги проширува можностите на визуелното раскажување, позиционирајќи ја својата практика во рамките на локалниот и на меѓународниот современ уметнички дискурс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот