
Изложбата „Колаж на еден разурнат град“ е поставена во Музејот на град Скопје
Збирката разгледници од старо Скопје од фондот на Музејот на град Скопје е основата за подготовка и поставување на изложбата „Колаж на еден разурнат град“, која беше отворена на 26 јули по повод 58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Препорачано
Збирката содржи разгледници од крајот на 19-ти до крајот на 20 век, додека во фокусот на изложбата се разгледници – колажи што се карактеристични по мотивите и темите инспирирани од земјотресот. Подеталната анализа на разгледниците колажи наведува на три основни групи.
Една група се црно-бели и колор разгледници издадени набргу по земјотресот во кои е претставен градот со мотиви од првите мигови по земјотресот, со напоредни фотографии на исти локации пред и по 26 јули 1963 година.
Во втората група се изложени разгледници – колажи издадени по повод меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, која се одржувала во годините по земјотресот.
Во третата група се поместени колор разгледници – колажи издадени кон крајот на 60-тите години со претстави на разурнатото и на новото Скопје. Авторка на изложбата е кустосот советник историчар Зоја Богдановска. Каталогот и изложбата се реализирани со поддршка на Град Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)