Изложба на цртежи од Стефан Јакимовски ќе биде отворена во Струмица

Во струмичкиот бар „наГоре“ на 18 ноември, со почеток во 21 часот, ќе биде отворената третата самостојна изложба на цртежи од Стефан Јакимовски со наслов „Персонификација“.

Цртежите во голем дел во самата основа се графики кои потоа се доработени со рапитографи и маркери со цел да ја добијат последната форма. На изложбата ќе бидат претставени 12 дела, кои се работени за време на студиите на Јакимовски, како потенцијални скици за идни дела, а потоа доработени со соодветна техника и материјали за да бидат категоризирани во ликовната дисциплина цртеж.

– Тематиките кои се застапени се најчесто конфузно и елементарно сочинети од најразлични детали, симболи и интервенции кои формираат целина. Претставуваат соодветна метафора на хаосот во кој живееме секојдневно, испреплетување на емоции и моментални умствени премрежја. Небаре извадени од тефтерот на уметникот, препознаени како „doodles“, тие не секогаш имаат задача да пренесат конкретна порака, но се обидуваат да внесат ред во просторот на хартијата и истовремено да пренесат збир од најразлични доживувања на светот, но и внатрешните состојби на човек кој е во потрага по одговори за животот што го опкружува.

Навидум едноставни на прв поглед, тие пленат и се обидуваат максимално да го окупираат вниманието на гледачот/ посматрачот. На моменти целосно апстрактни, додека да почнеш да ги откриваш деталите кои го ангажираат цртежот во својата уникатност и неповторливост.

Во време на брзо живеење, да се биде креатор, но и сведок на концизни, збиени, а навидум детски и искрени цртежи, кои во својата структура кријат заборавени приказни е навистина уникатна прилика – стои во најавата на изложбата.

Изложбата се организира како соработка меѓу Здружението за развој и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ и бар „наГоре“.

Стефан Јакимовски е роден 1993 година. Основно и средно училиште завршил во Крива Паланка, а дипломирал графика со сценографија на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 2016 година, во класата на проф. Славица Јанашлиева.

Во моментот е на магистерски студии каде ги раздлабочува и експериментира со мултимедијалните техники кои се тема на неговата дипломска работа. Има реализирано две самостојни изложби, учествувано на десетина домашни и меѓународни изложби и неколку ликовни колонии. Ова е негова трета самостојна изложба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот