Италија го дочека крајот на карантинот: После два месеци затворени дома, еве како изгледаат градските улици (ВИДЕО)

Во Италија, првата европска земја што воведе општи карантински мерки во борбата против коронавирусот  денес, по макотрпни два месеци изолација, започнува постепеното олабавување на рестриктивните мерки, што ќе овозможи околу 4,4 милиони луѓе да се вратат на своите работни места.

Почетокот на имплементацијата на новите мерки Италија ги дочека со податоците дека бројот на заболени луѓе од коронавирусот се намалува, а вчера е забалежан најмал број на жртви во последниот месец – 174.

Новата уредба на италијанската влада ќе стапи на сила во наредните две недели, што ќе биде „пробен период“ за носење понатамошни одлуки во управувањето со коронакризата, а доколку продолжи позитивниот тренд со епидемиолошките податоци, ќе следи понатамошно олабавување на мерките.

– Тоа ќе биде нова страница што ќе ја испишеме  заедно, со доверба и одговорност – рече италијанскиот премиер Џузепе Конте на социјалните медиуми вчера објавувајќи ја примената на новите мерки.

Според него, од денес во Италија започнува „соживот со вирусот“.

Денешниот ден италијанските жители со чекаа со нетрпение, бидејќи минатите два месеци, според општите карантински мерки, тие мораа да останат во своите домови, излегуваа само по намирници, во аптека, на лекар или на работа, со пополнет образец во кој е објаснета причината за напуштање на местото на живеалиштето.

Со работа почнуваат, покрај другото, фабриките, градилиштата и трговија на големо, а со постепено започнување со деловните активности на работа ќе вратат околу 4,4 милиони луѓе, додека другите жители на Италија сега ќе имаат поголема слобода на движење во рамките на границите на регионот на живеење.

Во оваа преодна фаза, баровите и рестораните исклучиво ќе вршат испорака на пијалоци и храна.

Во рамки на границите на регионот каде што живеат, италијанските жители можат да ги посетат роднините без да се собираат во поголеми групи.

Според новите мерки, дозволени се индивидуални спортски активности, притоа почитувајќи го пропишаното растојание од два метра меѓу луѓето.

Правилата што стапуваат во сила денес во Италија бараат задолжително да се користи заштитна маска на затворени места кои се достапни за јавноста, како на пример во јавниот превоз и продавниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот