Истражување: Насилство во училиштата има, социо-економскиот статус најчесто одредува кои деца се жртви, а кои насилници

Истражувањео за правата на децата во нашите училишта/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Децата во македонските училишта во голем дел се запознаени со содржината на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации која Македонија ја ратификуваше пред 30 години, покажува истражувањето кое го спроведе Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител, а финансиски поддржана од ЕУ. Но истражувањето за правата на децата во нашите училипта открива и дека учениците се жртви на насилство во училиштата и во сајбер сферата, но често не го препознаваат како насилство ниту знаат кому да му се обратат во такви ситуации.

-Насилството е се уште присутно, зазема сериозни замави во училиштата, добро е тоа што децата го препознаваат, меѓутоа, недоволното е тоа што не се доволно охрабрени да ги пријавуваат ваквите насислтва. Имајќи во предвид дека како жртви на насилство се јавуваат и машките и женските деца, меѓутоа загрижувачки се причините зошто настануваат ваквите булинзи или насилства кои наместо да практикуваат дијалог во надминување на проблемите го практикуваат насилството, нагласи Васка Бајрамовска Мустафа од Канцеларијата на Народниот праавобранител.

Според неа загрижувачки е податокот дека промовирање на сила или љубомора кај децата е причина за решавање на проблемите или несогласувањата со употреба на сила, а поплаките доаѓаат и до Народниот правобранител каде се обраќаат и децата – жртви, а помош бараат и нивните родители.

– Оваа година заклучно со минатиот петок имаме поднесени 191 претставка за повреда на правата на децата од различни области. И натаму останува најголем број на преставки поднесени за повреда на правата во рамките на семејството или семејно – правните односи кадешто исто така се става акцент и на насилството врз децата во рамките на семејството, вели Бајрамовска.

Таа додава дека бројни се претставките за повреда на правото во образование, предучилишното, основното до средното образование, а голем број претставки се поднесени за заштита на децата од насилство или некој друг вид злоупотреба вклучително и булингот меѓу децата.

Истражувањето покажа дека голем дел од учениците и нивните родители сметаат дека насилството е присутно во училиштата, а околу 46 проценти од нив се изјасниле дека биле жртви на некаков вид на насилство.

-Најчесто учениците сметаат дека тоа е вербално насилство врз нив, извикување со различни имиња, навреди и слично, додека нивните родители сметаат дека поголем замав има социјалното насилство односно отфрлање на ученциите од група, вели Нашата Анѓелеслка, проектна менаџерка од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Интересно е што социоекономскиот статус „дефинира“ дали едно дете ќе биде жртва или насилник.

-Најчести жртви се учениците кои доаѓаат од понизок социо-економски статус, и за тоа прашање се согласија во нивните одговори и учениците и наставниците и родителите. Во однос на прашањето кој е оној кој врши насилство, најчесто се тоа деца со повисок социо-економски статус, значи од побогатите семејства или хиперактивните деца. Кај жртвите се разбира имаме и дечиња кои се со посебни образовни потреби коишто и најчесто се отфрлани и социјално занемарени од врсниците, вели Анѓелеска.

Истражувањето откри и загрижувачки факти во однос на безбедноста на учениците во сајбер- просторот, а тие препознаваат и вознемирување на интернет односно непристојна комуникација од познати или непознати лица.

-Децата во прв момент викаат дека не доживуваат насилство или злоупотреба на интернет но кога ќе ги прашаме дали добиле непристојна фотографија или неприсотјна порака во нивниот инбикс по СМС или социјалните мрежи велат дека добиле, но тоа не го сметаат за насилство и тоа загрижува и затоа нашиот проект ќе се фокусира на тоа да ги информира учениците за сите можни опасности во интернет сферата и како да ги препознаат сите тие видови и како да се заштитат зошто со користењето на социјалните медиуми во замав е и тоа исклучување во социјалната сфера, ти вели Анѓелеска.

Дел од децата односно нивните родители или старатели во основното образование пријавиле и психичко, вербално или физичко насилство од страна на наставниците.

– Ги преземаме сите мерки во надлежноста на народниот правобранител со обраќање до училиштата, бараме вклучување на стручните служби во работа со децата бидејќи за жал истражувањето кое денеска се промовира иукажува на недоволна доверба или низок степен на доверба од страна на родителите и учениците, вклучително и стручните служби, вели Бајрамовска Мустафа.

Истражувањето содржи и препораки кои ќе бидат испратени до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и до сите надлежни институции кои работат со деца.

-Се надеваме дека препораки ќе допрат до родителите, МОН, до БРО и генерално до сите органи со цел да работат со децата, да внесуваат во образовните програми планови, содржини коишто ќе значат поголема едукација на децата, поголема толеранција, практикување на дијалог и меѓудругото поголемо запознавање со Конвенцијата за правата на детето и секако охрабрување на децата да ги пријавуваат ваквите случаи до механизнмите за заштита во самите училишта вклучително и до институцијата народен правобранител.

Она што најмногу отсуствува во училиштата е ученички активизам, односно децата да имаат право да учествуваат со свои иницијативи и проекти и да се слуша нивниот глас.

-Тоа е основата на демократијата, во секое училиште и дека можноста на децата да им се даде можност за учествување во донесувањето одлуки е клучна во градењето на една демократска свест за идни активни граѓани на ова општество, вели Сузана Пецаковска, проект менаџер од Фондацијата „Чекор по чекор“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот