Историчарите во Комисијата добија асистенти, ќе ги плаќа МНР

Бујар Османи/ Фото Слободен печат

Тројца историчари и двајца административни работници ќе им помагаат на членовите на Комисијата поефикасно да се подготвуваат за средбите и подобро да комуницираат со јавноста.

За да бидат поподготвени, историчарите од македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија ќе добијат петмина асистенти, кои ќе им помагаат во работата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера на брифинг со новинарите објави дека е формиран Секретаријат, чии членови ги предлагаат историчарите членови на Комисијата, а ќе ги плаќа Министерството за надворешни работи, кое ќе ги склучува договорите.

Задачата на овие асистенти – тројца се историчари, двајца административни работници – ќе биде да им подготвуваат материјали на експертите, да им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа.

– Секретаријатот ќе биде во функција на Комисијата за историја, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа – изјави Османи.

Членовите на Комисијата, со помош на Секретаријатот, објасни министерот, ќе може повеќе да работат и да бидат што поотворени со јавноста, односно да бидат во комуникација со медиумите.

– Ни јас не сум повеќе информиран за работата на Комисијата отколку вие, бидејќи Комисијата си е автономна во својата работа, во разговорите, во содржината на темите. Тоа што знам е дека воопшто не стигнале да разговараат за Гоце Делчев, а утринава има соопштение од опозициска партија дека се договориле за Делчев. Разбирам политичка дебата, меѓутоа класични лажни вести за да се манипулираат граѓаните е опасен преседан, што го воведуваме во дневнополитичкиот дискурс – оцени Османи.

И бугарските историчари, членови на заедничката комисија, имаат помошници со таа разлика што тие не се новоангажирани, туку избрани од веќе вработените во Министерство за надворешни работи.

Македонскиот тим во Комисијата информираше дека тема на дводневната средба со бугарските колеги биле учебниците по историја, кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

Во кусото соопштение се додава дека во однос на учебниците по историја, тема на дискусија биле средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и за словенската писменост и култура. А бидејќи дискусијата по оваа тема била долга, членовите на Комисијата не отвориле други теми, па дискусијата за Гоце Делчев и за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба закажана за крајот на октомври.

На претходната, што се одржа на 15 август, Заедничката македонско-бугарска комисија донесе и објави препораки што се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – светите Кирил и Методиј, Климент, Наум и цар Самоил.

Османи вчера информираше дека добил уште една функција – раководител на интерресорска група, формирана на предлог на МНР, која со четири тематски подгрупи на експертско ниво ќе го следи спроведувањето на обврските што произлегуваат од билатералниот Протокол помеѓу Македонија и Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот