Искушенијата на неопределениот гласач

Марин Гавриловски

Убеден сум дека наредните избори ќе ги добијат кубиците дрва за огрев и понудата на основните прехранбени потрепштини во трговијата со нашиот просечен гласач. На празниот стомак не му требаат приказните за демократијата и за нејзините придобивки, туку леб.

Растргнат помеѓу честите барања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и обидите на владејачката СДСМ со прибирање нови парламентарни политички партии (најчесто во корист на сопствената штета) и со зголемување на парламентарното мнозинство да ги пролонгира изборите до редовниот термин следната година, неопределениот гласач, без оглед дали ќе треба да го заокружи својот фаворит во 2023 или во 2024 година, се наоѓа пред уште едно искушение.

Големите политички партии од македонскиот блок, како никогаш да не научија дека победникот на изборите секогаш го избираат неопределените гласачи, оние што не се ниту симпатизери ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Тие, наместо тоа, како ноеви со главата во песок се концентрираат единствено и само на своите гласачи, по принципот секој вработен партиски војник носи помеѓу два и четири нови гласа на контото на тој што ги вработил. Чиста математика, но дали е така?

И двете големи партии се соочуваат со раситнување на своето сигурно гласачкото тело. ВМРО-ДПМНЕ секогаш имала повеќе сигурни гласачи од СДСМ, без оглед на тоа што како политичка програма ќе понуди и без оглед на тоа какви кандидати ќе кандидира на изборите. „Магаре да е, од ДПМНЕ да е“, гласачите што ги имаат истетовирано Гоце Делчев или Тодор Александров на своите гради или надлактица, ќе гласаат за ДПМНЕ, без оглед на сè. Непродуктивната, јалова и негативистичка политика што ја води актуелното раководство на најголемата опозициска партија успеа дури и тоа сигурно гласачко тело да го намали. Имено, последните интерни анкети во оваа партија покажуваат тенденција најекстремните вмровци пополека да се „шалтаат“ кон Левица, прифаќајќи ја нивната фашизоидна политика на лево-десен екстремизам. Бројот на овие потенцијални нови „левоекстремни десничари“ воопшто не е занемарлив.

Од друга страна, СДСМ во втората половина од владеењето на Заев, како и сега кога кормилото на партијата го води двоецот Ковачевски – Зечевиќ, успеа од своето гласачко тело да оттргне гласачи што од осамостојувањето на Македонија гласале само за нив. Тие, сега, разочарани од политиките на СДСМ, а особено од тоа дека не се оствари ветеното од Шарената револуција, од сигурни гласачи на СДСМ пополека се пренасочуваат кон корпусот неопределени гласачи, по принципот „никогаш нема да гласам за ДПМНЕ, но не сум веќе за СДСМ“.

Најголемиот одлив на гласачи се случи за време на локалните избори и со фијаското на СДСМ во Куманово. Таму, најсилната општинска организација на СДСМ во земјата не успеа да ги убеди гласачите дека треба да гласаат за партија, а не за човек. Граѓаните на Куманово јасно им дадоа до знаење на големите партии дека безличното криење зад партијата не е доволно за добивање на изборите, туку треба да се има програма, искуство и име и презиме за некој да гласа за тебе. И така, СДСМ самиот си го создаде својот најголем конкурент на некои следни избори. Максим Димитриевски, актуелниот кумановски градоначалник, по победата на локалните избори, покрај градоначалничката функција се зафати и со формирање партија (тој повеќе сака да ја нарече движење, знаејќи дека народот сè уште се „лепи“ на популистичката матрица и реторика) чија примарна цел ќе биде околу себе да ги придобие пред сè, незадоволните сдсмовци, а потоа и делот од неопределените гласачи што сè уште планираат да гласаат, а по своето убедување се насочени кон центарот и левицата.

Користејќи ја својата комотна позиција на локален функционер што не е ниту власт ниту опозиција, Димитриевски во само едно гостување на бугарската телевизија успеа, во свој стил, да ги придобие симпатиите на граѓаните на кои им е доста од сервилната меѓународна политика што ја води, пред сè, Бујар Османи, а која најлесно може да се опише со христијанската максима – „ако те удрат по едниот образ, сврти го и другиот“. Принципите на дипломатијата се сепак поинакви, а тоа добро го знае Максим Димитриевски, кој „покажа заби“ на бугарската телевизија и без ракавици и флоскули го кажа пред бугарската јавност она што го мисли поголемиот број од македонското граѓанство.

Доколку се остварат и некои предвидувања дека СДСМ на следните парламентарни избори ќе оди во предизборна коалиција со ДУИ, тоа ќе значи целосно „албанизирање“ на оваа некогаш водечка партија во државава, што како граѓански концепт и не е воопшто лошо, но тоа ќе предизвика и нејзино бавно, но сигурно заминување на маргините на политичките збиднувања и сцена. Процесот добива константно забрзување уште од времето на Заев со влезот на Алтернатива, и продолжува со истата тенденција од страна на Ковачевски со влезот на Алијансата на Албанците во Владата. Последново, секако, повеќе ќе ѝ штети на СДСМ отколку што ќе ѝ донесе полза (како, впрочем, и влезот на Алтернатива во Владата), бидејќи многу далеку сме од двотретинското („бугарско“) мнозинство во парламентот што беше примарна цел на Ковачевски, кога тргна во оваа самоубиствена авантура. Поради тоа, не ми е јасно зошто е овој театар (во кој пластично се гледа немоќта и неспособноста на СДСМ) и губењето драгоцено време, кога ефектот од тоа нема да биде добивање на посакуваното владино мнозинство. Единствено што е извесно е падот на рејтингот на СДСМ на некое следно испитување на јавното мнение. Тенденција што ќе продолжи сè до одржувањето на следните парламентарни избори. А тогаш, за СДСМ веќе ќе биде доцна, таа ќе ја има судбината на еден број европски социјалдемократски партии, кои се маргинализираа во последните неколку години, како на пример грчкиот ПАСОК  (по кого, целиот овој процес е наречен „пасокизација“), кој на времето важеше за едно од најголемите политички движења во Грција во втората половина на минатиот и во почетокот на овој век, предводена од таткото и потоа од синот Папандреу. Со победата на СИРИЗА, ПАСОК беше целосно маргинализирана и сега таа не е значаен фактор на грчката политичка сцена.

Инерцијата и рефлексијата на светските процеси во Македонија секогаш до нас доаѓаат со задоцнување; значи, нашиве политичари, доколку се мудри и имаат визија, имаат време да ги предвидат (во овој контекст ќе го споменам само навременото повлекување од мејнстрим политиката на Радмила Шеќеринска, која имаше доволни искуство и сенс да го предвиди ова) и да ги контролираат тие новодојдени бранови и рефлексии сообразувајќи ја својата политика кон светот и кон домашната јавност, се разбира за општо добро. За жал, актуелните политички движења и процеси покажуваат дека нашиве политичари немаат ниту визија, ниту храброст, ниту знаење да ја водат државава во вистинска насока.

На крајот, за неопределениот гласач, оној што секогаш одлучува кој ќе ја води државата во следниот четиригодишен мандат – тој се наоѓа пред предизвикот за кого овој пат би гласал, ако воопшто излезе на гласање. Тоа отвора простор за појава на опскурни ликови и, следствено, политики, а сето тоа имплицира крајно непредвидлив исход, најчесто штетен по државата и нејзините граѓани. Дали неговото височество гласачот ќе се одлучи за поддршка на големите политички играчи и за нивните политики или, пак, ќе се обиде да направи промена во политичкиот ритам на државава со поддршка на маргинализирани, независни кандидати (секако не како „нашата“ Данела) или ќе гласа за политички субјекти во вид на такси-партии, останува да се види. Во секој случај, по следните парламентарни избори, без оглед дали тие ќе бидат редовни или предвремени, работите во Македонија веќе нема да бидат исти.

Над граѓанството на нашата земја се надвиснати облаци на сиромаштија и безизлез, проследени со загарантирана неперспектива. Заморот од празни ветувања и реторики е присутен кај сите нас. Нема воопшто да звучи ненормално, ако политичката вредност на нашиот гласач биде доминантно проценувана низ вредноста на 100 грама кафе, брашно или шеќер. Дури сум убеден дека наредните избори ќе ги добијат кубиците дрва за огрев и понудата на основните прехранбени потрепштини во трговијата со нашиот просечен гласач. На празниот стомак не му требаат приказните за демократијата и за нејзините придобивки, туку леб.  Се плашам дека откако Државната изборна комисија ќе ги даде официјалните резултати од некои идни избори, нашиот народ и понатаму ќе остане гладен, жеден и бос, но збогатен со уште едно горчливо политичко искуство.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот