Искрено со Илина Арсова: Во Америка ме викаат рок-ѕвезда, но јас ценам скромен живот

Фото: Приватна архива

Повеќе од една година откако е во Америка на докторски студии, планинарката и ликовен уметник Илина Арсова вели дека полека се навикнува на животот во Тенеси. Илина на Универзитетот во Тенеси работи како професор на одделот за кинезиологија, рекреација и спорт. Арсова е речиси на средина од предметите што треба да ги заврши како дел од докторските студии. За „Слободен печат“, Илина раскажа интересни нешта за животот во Америка, но и за моментите кога ја фаќа носталгија по домот и блиските.

– Напредувам во истражувањето што најчесто се занимава со проблемите на родова еднаквост во спортот. Како единствена Македонка која се искачила на Монт Еверест и на највисоките врвови на сите седум континенти, многупати бев дискриминирана и деградирана од власта и од институциите. Токму тоа е мојот мотив за работа и научно истражување на таа тема – ни изјави планинарката.

Фото: Приватна архива

Илина ја користи секоја можност за да отпатува некаде и да искуси некоја нова скриена убавина. Според неа, најголемата благодат на САД се природните убавини и многубројни национални паркови.

– Тоа е мојот животен стил што очигледно не се променил многу во последниве дваесет години. Сепак, студиите и работата доста побаруваат од мене, така што не секогаш имам многу слободно време. Задоволна сум од сопствениот напредок, од она што досега го сработив, како и од работите што досега ги научив. Работам како професор на одделот за кинезиологија, рекреација и спорт. Ми се допаѓа едукативниот систем што е доста поразличен од она што го паметам кај нас. Интересно е да се спомнат разликите во пристапот кон едукација, домашните задачи и дневни практики на американските студенти како основа за нивниот понатамошен успешен развој – раскажа Илина.

Таа живее релативно блиску до планините Смоуки и вели дека иако навидум не изгледаат големи, тие се многу стари планини што нудат безброј опции за планински активности и тренинг.

– Сепак, како омилени планини што ги искачив годинава би ги издвоила врвовите на Кордилјера Реал, кои ги искачував во текот на летниот престој во Боливија.
Би забележила дека веќе три години по завршување на проектот 7 врвови на 7 континенти, мојот предизвик не е повеќе планинарење, туку спортско качување и алпинизам. Овде во Тенеси има одлични услови за качување карпи, како и во другите држави на САД што досега ги посетив: Јута, Колорадо, Вајоминг, Кентаки, Западна Вирџинија, Невада и Аризона – вели Илина.

Откако во август минатата година замина во Америка, Илина не е дојдена дома, во Скопје. Планинарката вели дека има моменти кога ја фаќа носталгија по домот и блиските.

– Кога ќе ме фати носталгија, си слушам македонска музика, разговарам со моето семејство и со моите пријатели, од кои повеќемина се на различни страни од светот. Се обидувам да одржувам врска со моите пријатели од Македонија со кои меѓусебно се поддржуваме во работата, иако тоа не е секогаш лесно поради разликите во временските зони. Мојата програма секој ден вклучува предавања од наутро до кај 16 часот попладне. Некои денови се долги, од 8 наутро до 20 часот навечер. Честопати, штом завршам со работа и часови, вежбам и пливам додека да се приберам дома и си подготвам оброк, во Македонија е веќе доцна за разговор – ни раскажа планинарката и ликовен уметник.

Фото: Приватна архива

Илина вели дека може бесконечно да пишуваа за разликите во културите на кои не може сосема да се навикне.

– Слично е и со новите пријателства. Тука човек навистина треба да внимава како пристапува и како се изразува – вели Арсова и додава дека во Америка постојат многу норми и непишани правила за она што е пристојно или непристојно.

– Американците ми се чини ме доживуваат како херој. Ми даваат епитет рок-ѕвезда или „бадас“, што се термини што се користат за некому да му дадат комплимент и почит за огромно достигнување. Универзитетските журнали и портали повремено пишуваат за моите достигнувања, кои некако сега земаат нов академски тек. Од оваа година сум и сенатор во студентскиот сенат. Активна сум и со ликовната уметност. Досега имав две самостојни и две групни изложби во Ноксвил и една во Вашингтон – вели Арсова.

Среќна е што има пријатели од факултетот, од качувањето по карпи и од ликовната сцена. Има и една Македонка на факултетот, за која вели дека обожава да се дружи со неа.

– Имам уште една пријателка Нина, која живее во сосема друга држава, сепак, секојдневно сме во контакт и се поддржуваме во работата. Јас секогаш сум ценела скромен живот и тоа ми помага да опстанам овде и да живеам пристојно, иако познато е дека докторандите тука не заработуваат многу – искрена е Илина.

Нејзината љубовна врска со Игор Џамбазов, и покрај разделбата, и денес буди интерес во јавноста, особено откако таа замина за Америка.

На прашањето за нивниот однос по разделбата, Илина вели: „Тоj одбра да не бидеме во контакт. Не сум сигурна дали тоа ги олеснува или ги прави работите потешки. Не е лесно да немаш чувства кон оној што си го сакал и си бил во врска речиси три години. За нашата разделба немаше виновник, така што и нема причина да не бидеме пријатели“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот