ВИДЕО | ИРЛ: Криминална банда подигала брзи кредити на име на изнемоштени, сиромашни граѓани со фалсификат лични карти

Криминална група од Македонија изработувала фалсификувани лични карти, во кои биле злоупотребувани личните податоци на македонски граѓани и биле „лепени“ фотографии од луѓе од Бугарија и Србија, после што на нивно име земале брзи кредити, открива најновиот документарец на „Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ)“ со наслов „Украдени животи“. Групата со истите такви фалсификувани лични карти, отворала и банкарски сметки на име на граѓаните и тоа во помали банки. Една од жртвите на криминалната шема која е разоткриена во овој документарец, во еден момент имала 7 кредити на свое име, иако никогаш не подигнала ниту еден и сметката ѝ била блокирана од извршител со запирање на една третина од платата.

Во документарниот филм се открива дека постоеле фиктивни фирми во кои биле вработувани па експресно одјавувани ранливи категории граѓани (лица со телесна и психичка попреченост, лица што не живеат во Македонија) – кои што сите имале нешто заедничко, а тоа е дека на нивно име биле подигани брзи кредити од финансиските друштва во Македонија и тие фигурирале како должници, иако како што се гледа од посетата во нивните домови, некои од нив не биле способни ниту да се прехранат.

Во истражувањето на камера се појавува човек кој имал директно учество во криминалната шема кој самиот објаснува дека личните податоци на жртвите, фалсификаторите ги добивале „преку соработка со вработени во Министерството за внатрешни работи“, кои им ги давале податоците на криминалците за потоа тие да им го загорчат животот на измамените. Лажните лични карти според неговото тврдење, „биле висококвалитетни, изработувани во Косово и Албанија и со нив можело да се помине граница без проблем“.

Тој посочи дека фотографиите пак, не биле на граѓаните туку на лица од Бугарија или Србија, за МВР да не може да изврши брзо препознавање во системот за препознавање на лица, а и зашто јазикот на кој што зборувале српските и бугарските соработници бил погоден за меѓусебна комуникација. На крајот на документарецот се открива дека лицето што ја раскажува шемата тврдејќи дека не е поврзан со неа туку само нејзин сведок – всушност бил сопственик на една од фирмите во која што се вработени лицата на чие име биле вршени задолжувањата со брзи кредити (измамените граѓани).

Документарецот го отвора прашањето за заштитата на граѓаните од крадење на нивните лични податоци и злоупотреби, како и од вакви и слични криминални шеми за кои што досега биле пријавени 100 оштетени лица. Двата модус-операнди што се откриваат во истражувањето се: Ако лицето е вработено, тогаш само со неговите податоци и туѓа фотографија се изработувала фалсификувана лична карта. Вториот модус-операнди бил дека ако лицето е невработено или од ранлива категорија, тогаш било фиктивно пријавувано и одјавувано во фирми, со цел на негово име да се подигне брз кредит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот