ИНТЕРВЈУ со Жарко Иванов: Талент и ентузијазам за анимација во државава има, посериозна поддршка нема

Македонскиот авторски анимиран филм, по повеќе од триесетгодишна стагнација, во последно време се враќа на светската мапа и режисерите од „новиот бран“ на македонскиот анимиран филм се дел од најважните светски филмски фестивали.

Режисерот и продуцент на анимирани филмови Жарко Иванов (1976) е основач на продуцентската компанија „Флип бук“, со која продуцира повеќе од дваесет кратки анимирани, документарни и играни филмови во последниве десетина години. Дипломирал италијански и руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а потоа магистрирал на Културолошки студии на Институтот за македонска литература при УКИМ и завршил магистерски студии во областа на анимираниот филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности во Скопје. Како режисер, неговите филмови се прикажани на повеќе од 120 фестивали и имаат освоено над 15 награди. Покрај продукцијата на анимирани филмови, со работата на „Флип бук“ одлучи да оди чекор понатаму.

Во овој период работите на првото издание на Фестивалот на европски авторски анимиран филм „Флип бук“. Кога планирате да се одржи фестивалот и кој е во организацискиот тим на првото издание?

– Продуцентската компанија „Флип бук“ во соработка со Младинскиот културен центар (МКЦ), со поддршка од Европската Унија и Агенцијата за филм, и во соработка со филмските фестивали од регионот, како „Балканима“ во Белград, „Аниматека“ во Љубљана, „Анимест“ во Букурешт, ќе го организира првото издание на Фестивалот на европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“. Освен селекцијата на европски анимирани филмови од најновата продукција, фестивалот ќе прикаже и селекција на европски студентски анимирани филмови од најважните европски школи (француската, белгиската, данската, полската, чешката, хрватската, бугарската) и најновата продукција на анимирани документарни филмови, феномен што е нов во светската документарна кинематографија и кој има сѐ похрабра и поекспериментална продукција, со анимацијата како составен дел. Фестивалот ќе се одржи од 28 до 31 мај 2020 година, а во организацискиот одбор сме јас, Иван Ивановски, Крсте Господиновски и Владимир Лукаш.

Од каде се појави потребата за организирање на новиот филмски фестивал на анимирани филмови?

– Идејата за ваков фестивал ја развиваме неколку години и конечно дојде моментот за фестивал за авторски анимиран филм, кој на македонската публика ќе ѝ ја прикаже најновата европска продукција на анимиран филм, но и ќе ја крене креативната свест на младите автори и пошироката публика. На филмските професионалци од областа на анимацијата фестивалот ќе им овозможи да разменат идеи и искуства со поканетите гости од европските филмски фестивали и институции, со гостите автори што ќе ги претставуваат своите филмови и ќе овозможи понатамошни копродукции и соработка.

Освен проекциите на филмови во официјалните селекции, ќе биде организирана и панел-дискусија на тема „Влијанието на фестивалите на анимиран филм врз развојот на домашната аниматорска сцена“ со потврдено учество на организаторите и директорите на најважните фестивали за анимиран филм од регионот. Понатаму, најмногу за студентите на факултетите за визуелни уметности и филм, а и за сите заинтересирани, ќе бидат одржани работилници за пишување сценарио за анимиран филм, работилници за дизајн на карактери и заднини и нивно анимирање, а за филмските професионалци од оваа област, работилница за развој и продукција на долгометражен анимиран филм. Меѓу другото, планирани се и неколку изложби на цртежи, колажи и кукли од анимирани филмови, како и концерти.

Како режисер, анимираните филмови на Жарко Иванов се прикажани на повеќе од 120 фестивали и имаат освоено над 15 награди (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Долги години создавањето анимирани филмови во државата беше згаснато, иако во времето на стариот „Вардар филм“ македонската анимација добиваше и врвни награди на светските фестивали. Кога се појави искрата на воскреснување на анимацијата, процес во кој и вие имате голем удел?

– Македонскиот авторски анимиран филм, по повеќе од триесетгодишна стагнација и успесите на македонските автори, кои беа дел од југословенската анимирана сцена од 70-тите и 80-тите, во последните десет години се враќа на светската мапа и режисерите од „новиот бран“ на македонскиот анимиран филм се дел од најважните светски филмски фестивали. Ние сме веќе во светските текови, кога зборуваме за анимиран филм, и на фестивалите се зборува за македонски анимиран филм, нешто што до пред десет години не постоеше.

Многу работевме во последните години и имаме одлични резултати. Државата одвојуваше средства и до пред три години се финансираа на двапати по три анимирани филма годишно. Но, на последните конкурси средствата се намалени и сега се финансира само по еден филм на двата конкурси во годината, а на последниот конкурс не беше поддржан ниту еден анимиран филм.

Секоја европска држава има национален фонд од каде што распоредува средства за филм, а анимираниот филм се третира еднакво и се цени трудот и времетраењето на процесот. За споредба, државите од регионот, Бугарија, Србија, Хрватска лани имаат поддржано барем по дваесет анимирани проекти и вложено сериозни средства во анимираниот филм. За да можеме да бидеме конкурентни, за да можеме да покажеме сериозен квалитет на фестивалите и да останеме во оваа игра, не треба да одиме предалеку и да земаме пример од Франција, Германија или Белгија, доволно е да погледнеме како тоа го прават соседите. Талент и ентузијазам за анимација во државава има, потребна е посериозна поддршка.

Досега „Флип бук“ главно се појавуваше како продуцентска куќа на одјавната шпица на Вашите анимирани филмови, но и на филмови на Крсте Господиновски, Иван Ивановски, Владимир Лукаш. Дали сега како платформа се шири и во други дејности поврзани со анимацијата?

– Студиото „Флип бук“, најмногу благодарение на ентузијазмот на авторите, но и со поддршка од Агенцијата за филм на РСМ, во последните десет години создаде близу дваесет анимирани филмски наслови прикажани на стотици филмски фестивали и освоени десетици награди. Наведените автори активно соработуваат и се основачи и на АСИФА Македонија, полноправна членка на светската организација за промоција на анимирани филмови АСИФА, преку која интензивно соработуваат со филмски работници и со филмски фестивали како членови на филмски жирија, ментори на работилници итн. Освен производството на кратки филмови, работиме и на музички видеа, во развој е и анимирана детска серија, долгометражен анимиран филм и, секако, филмскиот фестивал со кој ќе се обидеме да охрабриме нови автори да влезат во светот на анимацијата.

Колку автори работат во моментов на свои филмови? Можеме ли да зборуваме за сцена?

– По македонската премиера на фестивалот „Киненова“ кон крајот на минатата година, краткиот анимиран филм „Змијулче“, кој го работевме со Кристина Стојановски и Крсте Господиновски, го очекува меѓународна премиера и фестивалска дистрибуција. Во завршна фаза на постпродукција се и филмовите „Орфеада“ на Владимир Лукаш, филм кој на премиерата ќе биде придружен и со графички роман, колажната анимација „Јадица“ на Иван Ивановски и експериментален анимиран филм на Господиновски. Со него во моментов работиме на куклениот анимиран филм „Неми филмови“ по сценарио инспирирано од истоимениот наградуван расказ на Димитар Димоски, а со Кристина Стојановски на детски анимиран филм.

Во напредна фаза на продукција е и првиот македонски долгометражен анимиран филм „Џон Вардар“ на Гоце Цветановски. Ако ги додадам и неколкуте сценарија и филмови во развој, може да се каже дека започнуваме да развиваме сериозна сцена на која очекуваме да ѝ се приклучат и нови автори.

„Готлиб“ – режија Крсте Господиновски

Кои техники на анимација ги практикува новата генерација македонски автори?

– Со новите дигитални технологии процесот на создавање анимиран филм е поедноставен, но не полесен и пократок. Сѐ уште, на пример, за куклена стоп-анимација куклите треба да се поместат по барем дванаесет пати за секоја секунда и да се фотографираат, но денес не фотографираме на негативи, кои потоа треба да се развиваат за да се видат евентуалните грешки, туку со дигитални фотоапарати низ кои процесот го следиме во реално време. Исто така и за цртежите, ако порано се правеле на хартија или целулоид, па потоа се фотографирале, денес цртежите ги правиме на графички таблети, како што е случај со „Кружното патување“.

„Образец Б16“ – режија Иван Ивановски

Другите автори работат во специфични техники: Иван Ивановски, на пример, наоѓа многу оригинални решенија за изразување во колажната стоп-анимација; со Владимир Лукаш работиме со исечоци од хартија или кат-аут анимација, а во подготовка сме на проект со песочна анимација и анимација со кафе; Крсте Господиновски периодов работи на експериментален анимиран филм, во кој користи растителни производи во процес на распаѓање за создавање филмска приказна. Во анимацијата сѐ е дозволено, а експериментирањето и пронаоѓањето нови и оригинални изразни средства е голем предизвик. Сѐ на сѐ, занимавањето со анимација во едно општество отруено со политика, корупција и скандали, е еднакво на (херојски) подвиг.

„Девојката што паѓа“ – режија Владимир Лукаш

Во авторска смисла, трилогијата „Кружно патување на сенката“, „Кружно патување на Марето“ и „Кружно патување на монахот“ ќе остане трилогија, или можеби имате нова кружна идеја?

– Трилогијата „Кружно патување“ сега-засега останува како заокружен проект, кој беше прикажан на над 120 фестивали и освои 15 награди. Но, еве и сценариото за мојот нов филм како да ја има таа нишка на заокружено движење со почеток и крај на едно место и може лесно да биде дел од еден поширок проект, омнибус од седум или осум филмови, нешто што по траење би било како долгометражен филм. Идеите се тука, но треба да се земе предвид и фактот дека за еден од овие авторски филмови се потребни најмалку две години напорна работа.

Колку време, цртање (цртачи) и продукција беа потребни да се направи трилогијата?

– Проектот „Кружно патување“ е класична анимација, во која секој кадар е цртан рачно. Ни беа потребни повеќе од осум години, цртавме по 10 до 12 цртежи за секоја секунда од филмот и за целосно завршување на проектот беа нацртани повеќе од 20 илјади. Со ликовниот уметник Александар Зафировски, кој е автор на визуелните решенија во филмовите, се обидовме да ја доловиме специфичната атмосфера преку груби и меки потези на молив на хартија, од силни експресионистички линии што оставаат „празнини“ во цртежот, создавајќи притоа една сонлива реалност и овозможувајќи имагинарно создавање на нови настани или ликови, до играта со сенките, сцените да изгледаат како далечни сеќавања.

Секој од овие цртежи е правен со посебно внимание и сам за себе претставува посебно дело. На филмот работеа и Крсте Господиновски како директор на анимација, аниматор и актер, Викторија Динева и Гоце Господиновски како аниматори, Ивана Стевановска и Анета Русовска како актерки, специфичниот звучен дизајн е на Милан Симовски, композитор на музиката е Оливер Јосифовски заедно со вокалот Вера Милошевска од групата „Љубојна“.

Како ги селектирате сценаријата и кои се авторите на приказните на трите дела од трилогијата?

– Во 2011 година со писателот Александар Прокопиев почнавме да развиваме сценарио за краток филм базирано на расказот „Кружно патување на сенката“ од Димитар Солев. Станува збор за расказ за Скопје, со современа градска тема, длабоко поврзана со проблематиката на човековото живеење. Еден стар железничар ги преселува коските од својот, починат во војната, син, од едни гробишта на други, како што и биле преместувани гробиштата во историјата на нашиот град. Врз основа на ова сценарио го направив и првиот истоимен анимиран филм.

„Кружно патување на Марето“ – режија Жарко Иванов

Сценариото за вториот дел од трилогијата „Кружно патување на Марето“ е со повесела тема. Со Прокопиев го базиравме на вистинска приказна раскажана од татко ми уште како дете и зборува за млада девојка, селанка говедарка, која за првпат оди на кино и додека гледа вестерн филм, скока за да ги избрка говедата што трчаат кон неа на платното. Говедарката во сценариото ја сместивме во село близу Битола и која на пат кон градот поминува во сцените снимени од браќата Манаки, а потоа, за првпат, ќе влезе и во нивното кино на Широк Сокак.

„Кружно патување на монахот“ – режија Жарко Иванов

За сценариото на „Монахот“ се инспириравме од фреска во манастирот Св. Заум на Охридското Езеро на која е прикажана жена како дои дете со гола града. Нè интересираше како фрескописецот се инспирирал да ја наслика во дванаесеттиот век и така, всушност, и го напишавме сценариото за единствената фреска од византискиот период каде што се гледа голотија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 21, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот