Интервју со Весна Ивановиќ-Кастаред раководителката на UN Women во Северна Македонија: Жените не се рамноправни на пазарот на трудот

Весна Ивановиќ- Кастаред/ фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Со 42,5 проценти на застапеност на пратенички на почетокот на 2023 година, Северна Македонија се вбројува во првите 25 земји во светот со најголем процент на жени во Собранието и зазема највисоко место меѓу земјите од регионот како резултат на воведување на родовата квота за застапеност на жените со 40% со измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2015 година. Сепак, родовите нееднаквости и понатаму преовладуваат во поглед на застапеноста на жените надвор од квотата.

Зајакнувањето на жените во сите сфери на животот е од клучно значење за креирање на позитивни промени во различни области во општеството, како и надминување на економската нестабилност, или пак придонес со родова перспектива за надминување на различните негативни влијанија од климатските промени. Со раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред разговаравме за глобалната тематска кампаања на UN Women по повод 8 Март, застапеноста на жените во Северна Македонија на места на кои се донесуваат одлуки, како и за состојбата со насилството врз жените и девојчињата и еднаквите можности за образование и вработување.

UN Women, секоја година има глобална тематска кампања по повод 8 Март. Темата оваа година е „Инвестирајте во жените: забрзајте го напредокот“. Може ли да ни кажете повеќе во врска со оваа тема?

-Бројките во светски рамки покажуваат дека без дополнителна интервенција, особено во финансиска смисла, милиони жени и девојчиња ќе западнат во тешка сиромаштија до 2030 година. Секоја 1 од 10 жени живее во екстремна сиромаштија, а проекциите покажуваат дека 342,4 милиони жени и девојчиња нема да излезат од оваа сиромаштија до 2030 година, освен ако не се променат сегашните трендови кон што цели и глобалната кампања. Само 26,5% од жените имаат социјална заштита на глобално ниво, додека 61,4% се вклучени на пазарот на труд, но заработуваат 20% помалку од мажите на исти позиции. Ова ја нагласува потребата Владите да дадат приоритет на родово одговорното финансирање, финансирање на стратегиите и националните акциски планови за родова еднаквост, како и да ги зголемат своите инвестиции за основните социјални услуги и социјалната заштита. Проценката е дека се потребни дополнителни 360 милијарди американски долари годишно на глобално ниво за да се постигне Целта 5 за родова еднаквост и зајакнување на жените од Целите за одржлив развој.

Оттука произлегува и изборот на тема годинава, „Инвестирајте во жените: забрзајте го напредокот“ со цел да се потенцира важноста и итноста на инвестирање за родова еднаквост, со што ќе се забрза напредокот кон еден побезбеден и поправеден свет за сите.

Во исто време, темата за 8 Март е поврзана со темата на 68-та Сесија на Комисијата за статусот на жените, која ќе се одржи во периодот од 11-22 март 2024 година во Њујорк, каде фокусот ќе биде како да се забрза постигнувањето на поголема родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојчиња преку справување со сиромаштијата, зајакнување на институциите и финансирање со родова перспектива.

Кое е значењето на 8 Март и како Вашата Канцеларија го одбележува овој ден? Кој е вашиот фокус на Меѓународниот ден на жената?

-Меѓународниот ден на жената – 8 Март, претставува значаен ден за да се потсетиме на борбата на жените за нивна рамноправност со мажите во економска, политичка и социјална смисла. На овој ден ги славиме општествените, културните, економските и политичките достигнувања на жените и се присетуваме како почнал да се слави 8 Март, иако кај нас и во некои други земји овој ден се поистоветува со Денот на мајката, но во суштина се однесува на надминување на нееднаквата положба на жените во општеството.

Бидејќи на 8 Март се троши значителна сума на пари, најчесто на подароци, цвеќиња, прослави, и слично, оваа година, нашата Канцеларија го користи слоганот „Инвестирај во родова еднаквост, не само на 8 Март“ со која се испраќа порака дека инвестирањето во родовата еднаквост треба да е постојано и да трае во текот на целата година. Потребно е да се инвестира во вештините и способностите на жените за нивен напредок и постигнување на својот потенцијал, како и овозможување на еднакви можности за учество на жените во општеството преку нивно вклучување во процесите на донесување на одлуки и преку родово одговорното буџетирање во мерките и политиките со цел зајакнување на родовата еднаквост. Сите ние имаме обврска да бараме и поддржиме вакви мерки, бидејќи тоа е за благосостојбата на сите во општеството, општество каде жените ги имаат истите права, истата застапеност, истата моќ на одлучување во домот, на работа, таквите општества бргу се развиваат, напредуваат и зајакнуваат, бидејќи потенцијалот и на жените и на мажите е правилно искористен, а нивните човекови права се апсолутно испочитувани.

Канцеларијата на UN Women има долга традиција во одбележување на Меѓународниот ден на жената преку организирање културни манифестации и едукативни настани како што се тематски изложби, филмски вечери, дебати и активности со цел поттикнување на критичка мисла и акција за рушење на бариерите и родовите стереотипи, спречувањето на насилството врз жените и девојчињата и давање можност за реализирање на потенцијалот кај сите жени и девојчиња. Во нашите напори за постигнување на овие цели ги вклучуваме младите, ранливите категории, невладините организации кои работат на прашања за родова еднаквост, институциите и сите други чинители кои може да придонесат.

Весна Ивановиќ- Кастаред/ фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Како би ја оцениле застапеноста на жените во Северна Македонија на места на кои се донесуваат одлуки. Дали жените се доволно вклучени во јавниот и политичкиот живот?

Со 42,5 проценти на застапеност на пратенички на почетокот на 2023 година, Северна Македонија се вбројува во првите 25 земји во светот со најголем процент на жени во Собранието и зазема највисоко место меѓу земјите од регионот како резултат на воведување на родовата квота за застапеност на жените со 40% со измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2015 година. Сепак, родовите нееднаквости и понатаму преовладуваат во поглед на застапеноста на жените надвор од квотата. Во моментот имаме само три политички партии чии претседателки се жени од вкупно 55 партии, од осамостојувањето на државата досега сите претседатели на Собранието биле мажи, додека од 21 собраниска комисија само со шест претседаваат жени (28,6%), а само една комисија има урамнотежена родова структура; дополнително на тоа, на последните локални избори во 2021 година, само две жени се избрани за градоначалнички во 81 единица на локалната самоуправа. Од друга страна, севкупната застапеност на жените во судството претставува позитивен тренд во поглед на жените на места на кои се донесуваат одлуки каде жените сочинувале 60,6% од сите актуелни професионални судии во 2022 година.

И покрај значителниот напредок во однос на застапеноста во нашата земја, ваквите податоци даваат индикации дека жените кои се стремат кон лидерски позиции во политиката или јавниот живот се соочуваат со голем број бариери што произлегуваат од присутните патријархални вредности и предрасуди, како и општествено-културните норми и родовите стереотипи што ги лимитираат жените во домашната сфера, а ги поставуваат подалеку од рамноправна вклученост во јавниот живот.

На извршните функции, како и на министерските места, учеството на жените е несразмерно помало отколку на мажите, а истото може да се каже и за високите раководни места во јавната администрација, безебдноста и одбраната и слично. Вклученоста на жените подразбира вклучување на нивниот глас во процесите за донесување на одлуки, на раководни позиции, а со тоа се овозможува еднакво да учествуваат и придонесат во обликувањето на јавниот живот преку споделување на своите мислења, ставови и искуства. И покрај зголемената застапеност на жените во јавниот живот, обезбедување на целосно и ефективно учество во донесувањето на одлуки подразбира и поголеми заложби за остварување на родова еднаквост.

Какви се условите во земјата и дали има еднакви можности за образование и вработување на жените. Се забележува ли поделба на „машки“ и „женски“ професии?

-Земјата има стабилна правна рамка што ги препознава родовите прашања во политиките за вработување и пазарот на труд, а согласно законските прописи на жените и мажите треба да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со пристапот до вработување, условите за работа, еднаква исплата за еднаква работа, унапредување и професионална обука во работата итн.

Во 2017 година, со новите законски одредби за минимална плата се намали родовиот јаз во платите со изедначување на минималната плата со националниот просек за работниците/работничките во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, во кои најголем дел од вработените се жени. Дополнително, во Националната стратегија за вработување (2021-2027) и во нејзиниот Акциски план (2021-2023) вклучени се и конкретни мерки за вработување на жените и пристап до услуги за пазарот на трудот, а родовата перспектива е интегрирана и во повеќе стратегии и програми за зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот. Меѓутоа, дополнителни заложби се потребни за да се искорени родовата нееднаквост, вклучување и понатамошно зајакнување на капацитетите на сите жени, особено во руралните средини, жените со попреченост, жените од ранливите категории, како и поттикнување на претприемничкиот потенцијал на жените и поддршка преку финансиски и нефинансиски мерки.

Неповолната положба жените на пазарот на трудот во земјава е впечатлива бидејќи жените претставуваат 62,7% од неактивното население на пазарот на трудот и треба активно да работиме и понатаму за да го промениме ова. Според податоците кои ги добивме од истражувањата во подготвувањето на Профилот на родовата еднаквост во Северна Македонија, кој нашата Канцеларија го објави во септември 2023 година, можеме да дојдеме до заклучок дека сепак и денес може да се забележи поделба на „машки“ и „женски“ професии.

Покрај секторите како градежништвото, транспортот или рударството, каде мнозинството од вработените се мажи, најголеми разлики се забележуваат во образованието каде што 60,6% од вработените се жени, здравството и социјалната заштита каде што 77,7% од вработените се жени и секторот на информациски и комуникациски технологии (ИКТ) каде што 65% од вработените се мажи. Жените се вработени во значително поголем број во секторите што се карактеризираат како „сектори за грижа“ и кои се помалку се платени. Главните бариери за вработување и учество на жените на пазарот на трудот во земјава се непропорционалната родова поделба на домашните обврски и товарот врз жените за грижа за децата и постарите лица во семејството, главно, поради поделбата на улогите кои ги имаат мажот и жената во домот и семејството, потоа финансиската моќ, како и недостигот на градинки за децата , особено во руралните области. Жените честопати иако работат немаат статус на вработени, и/или имаат ниски примања, немаат бенефиции, платено пордолино отсуство и слично.

Правото на образование е уставно право на секој граѓанин/ка на државата под еднакви услови, а основното образование е бесплатно и задолжително. Иако нема значителни родови разлики во стапките на запишување во основно и средно образование, бројот на ученици/чки е во опаѓање во основното образование во последните две децении, како за девојчињата така и за момчињата. Без оглед на ова, како позитивен податок се јавува и високата стапка на завршување на основно (90%) и средно (98%) образование. Воедно, една од најзначајните разлики е тоа што во високото образование постојано се запишуваат повеќе жени (59%), но и поголем број на жени (60%) магистрираат и докторираат споредбено со бројот на мажи. Како традиционални „женски“ научни области доминираат здравството, личните услуги и гимназиското образование, додека електротехниката, земјоделството, шумарството и градежништвото се доминантно „машки“ научни области и во средното и во високото образование, иако ваквите поделби придонесуваат за понатамошна родова сегрегација на занимањата на пазарот на трудот.

Каква е состојбата со насилството врз жените и девојчињата? Што предвидува националната правна рамка за заштита на жените од родово базирано насилство и семејно насилство и дали има доволно ресурси за помош на жените кои се жртви на насилство?

-Нашата земја беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, и ја ратификуваше во 2017 година. Во 2021 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој ги опфаќа сите форми на насилство и содржи специфични дефиниции за „насилство врз жените“ и „родово базирано насилство“, во согласност со меѓународните стандарди и Истанбулската конвенција. Законот воспоставува координиран систем за превенција, заштита и одговор на семејното насилство, вклучително и превентивни мерки што треба да ги преземат сите засегнати страни на национално и локално ниво. Се воспостави и Национално координативно тело кое вклучува учество и на граѓанското општество.

Минатата година, се усвоија и измените на Кривичниот законик, кои претставуваат значаен исчекор напред, со кои се воведе дефиниција за сексуално насилство и силување врз основа на отсуство на согласност. Во Кривичниот законик сега како кривични дела се внесени демнењето (вклучително и преку интернет), сексуалното вознемирување и осакатувањето на женските полови органи. Тука е вклучено и сексуалното вознемирување, кое може да биде вербално, невербално, физичко и со употреба на технологија. Во семејното насилство пак, покрај физичкото, сега се опфатени и психолошкото и економското. Во Кривичниот законик имаше дополнување во однос на дефиниција на родово базирано насилство врз жена, што во голем број на кривични дела се смета како отежнителна околност, доколку делото е сторено при вршење на родово базирано насилство. Исто така, се одредува и поголема затворска казна доколку делата силување и демнење се извршат од сегашен или поранешен брачен или интимен партнер. За ефикасно спроведување на одредбите од Кривичниот законик потребни се буџет и човечки ресурси, а потребно е да се обучат и сите останати, релевантни чинители.

Истанбулската конвенција предвидува воведување на сервиси соодветни за спречување на сите форми на родово базирано насилство, но и преземање на обврската за нивна одржливост од Буџетот на државата. Сепак, бројот на специјализирани сервиси сѐ уште не е доволен, како и сервиси кои ќе бидат достапни за жени со попреченост, но и сервиси достапни на другите јазици кои се зборуваат кај нас. Потребно е да се вработи дополнителен персонал, соодветно обучен за препознавање и постапување во однос на различните форми на родово-базирано насилство.

Весна Ивановиќ- Кастаред/ фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Кои се вашите препораки за вклученост на жените во јавниот живот. На што треба да се фокусираат сите чинители за да имаме напредок?

-Генерално, во текот на последната деценија земјата покажува зголемени заложби за спроведување на законодавството за промовирање на родовата еднаквост и заштита на правата на жените иако преостанува да се преземат повеќе активности за спроведување на мерките и заложбите за унапредување на родовата еднаквост. Па така, од клучно значење се вложувањата на земјата во буџетската транспарентност и унапредувањето на реформите во управувањето со јавните финансии, зголемена транспарентност во распределбата на средства од буџетот за унапредување на родовата еднаквост, за да се зголеми отчетноста кон жените и мажите. Покрај релативно големиот број на пратенички во Собранието, потребно е да се подигне ниското ниво на застапеност на жените во локалната власт.

Кога станува збор за учеството на жените во јавниот сектор, жените сè уште се недоволно застапени на местата каде се донесуваат одлуки во јавната администрација, вклучително и во дипломатската служба, армијата и полицијата. Затоа пожелно е воведување на привремени насочени мерки, како на пример систем за родов паритет, за зголемување на учеството и зголемување на бројот на жени на раководни позиции во овие и други приоритетни области со кои ќе се олесни и промовира вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот. Ова е особено важно и за жените што припаѓаат на немнозинските групи, жените во неповолна положба, жените со попреченост, жените од етничките малцинства, жените бегалки и барателки на азил.

Некои од клучните предизвици и понатаму се однесуваат на намалувањето на невработеноста на жените и трансформацијата на неформалната економија во формална, поврзувањето на јазовите помеѓу образованието и пазарот на труд, како и обезбедување пристап до квалитетни сервиси за здравствена заштита, домување, вработување и програми за социјална заштита. Дополнително на ова, преостанува постојано да се работи на спречување на стигматизацијата и предрасудите, промената на патријархалните норми и ставовите на јавноста кон родовите улоги во земјата, подигнување на колективната свест, бидејќи сите имаме бенефит од зајакнувањето на родовата еднаквост. Затоа, важно е да се препознаат значителните, но често потценети придонеси на жените, особено во поглед со неплатената работа поврзана со грижа во домот за други лица, како и извршување на голем број домашни обврски. Запрашајте се ако треба едно семејство да ангажира некое лице да готви, друго да чисти, трето да се грижи за децата/возрасните во семејството итн., колку тоа би чинело? Тој неплатен труд во најголем број домаќинства во земјава е спроведуван од жените, а тоа не се вреднува, туку се зема како дадено, тоа се очекува од жената, а се случува и да биде жената осудувана и малтретирана психолошки, па и физички доколку не ги спроведува тие „обврски“.

Преку нашата работа, ние и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме националните заложби и имплементација на закони и мерки за подобрување на родовата еднаквост и зајакнување на жените. Исто така важни се и меѓународните обврски кои земјата ги има преземено за родова еднаквост, на пример Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (ЦЕДАВ), Пекиншката платформа за акција, Истанбулската конвенција, како и обврските што произлегуваат од правото на Европската Унија и Агендата за одржлив развој 2030.

Апелот и пораката е да инвестираме секојдневно во родова еднаквост и понатамошно зајакнување на сите жени во општеството. На 8 Март да се потсетиме што претставува овој празник, зошто се слави и како соодветно да инвестираме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот