Интервју со Коста Јаневски: Се насочивме кон борбата со ковид, дониравме во Општата Болница, а ќе скратиме и од новогодишното украсување

Помладите подобро ги користат новитетите во земјоделието, но сè уште има и доста традиционални пристапи кои мора да се модернизираат. Ова е битно зашто голем дел од семејствата во нашиот регион, егзистираат токму од земјоделското производство, вели во интервјуто за „Слободен печат“ градоначалникот на општина Струмица.

Коста Јаневски е „стар“ струмичанец, од лекарско семејство, и самиот пред градоначалничката функција го оправдал имиџот на стручњак лекар-интернист, а струмичани го дефинираат како човек од народот, искрен и љубезен, секогаш подготвен да помогне. Со избувнувањето на ковид-кризата, главната концентрација на енергија Јаневски ја насочи кон разни мерки и борба со ковид – 19, проблем кој избил на врвот на приоритетите на Општината, дури и одредени средства се пренамениле за актуелните состојби. На пример, неодамна општина Струмица скрати од непродуктивните трошоци и донираше во Општата болница. Меѓу скратените трошоци е и новогодишното украсување, кое ќе се случи во редуциран обем, земајќи го предвид и психолошкиот момент на новонастаната состојба и граѓаните.

Пред Јаневски е уште една година градоначалнички мандат во која треба да се довршат ветените проекти од изборната Програма, во меѓувреме пак, биле реализирани и проекти кои се наметнале од годишните средби со граѓаните,  буџетските форуми, или проекти кои се наметнале со својата актуелност и потреба.

Струмица сè уште има слободни парцели во општинските зони и клима за инвестирање.

Колкав процент од Буџетот издвојувате за капитални инвестиции и дали е тоа доволно?

-Според мене, капиталните инвестиции се фундаментот на Буџетот. И по нив се проценува успешноста на реализацијата на Буџетот, односно, ефектот од Буџетот. Во тој контекст, никогаш не можеме да кажеме дека капиталните инвестиции се доволни, напротив, колку повеќе ги има, толку подобро. Но, треба да се има предвид дека, конкретно, Буџетот на општина Струмица е доста дисперзиран, има многу ставки коишто опфаќаат и други сегменти кои исто така се важни, а не влегуваат во капиталните инвестиции, а се и по традиција, навика и по карактиристика на Општината доста значајни, како поддршка на култура, социјала, спорт, за кои водиме сметка да бидат присутни во Буџетот и за кои исто така треба да се одвои одреден процент. Добро е капиталните инвестиции да бидат повисоки, но исто така добро е и тие делови да бидат застапени, сега засега тој е некој баланс на нашиот општински буџет.

Инаку, за капиталните инвестиции за оваа година имаме планирано 47,11 проценти од основниот Буџет, скоро исто како во 2019 година 47,81 проценти и во 2018 година планирани беа 42,72 проценти.

Колкав процент од Буџетот издвојувате за културни настани? Колку културно-забавниот живот на струмичани доби поквалитетна содржина за време на вашиот мандат?

– За култура издвојуваме околу 3 проценти од основниот буџет на општина Струмица. Поддршка добиваат сите настани и тие кои се дел од годишната програма, тоа се настаните со подолга традиција, а поддршка добиваат и нови настани со кои ја збогатуваме културната програма. Во првите 2 години од мојот мандат, имаше од 80 до 100 настани во текот на годината, тоа се настани од сите институции и културни работници кои се инволвирани во севкупниот културен амбиент. Сметам дека имаме простор за подобрување на квалитетот и секогаш сме отворени за сите сугестии и давање можност на културните работници за Струмица да биде град на културата. Оваа година имаме значително помалку настани, но сè што можеше да реализираме го направивме тоа, во координација со организаторите понудивме културни настани на кои можеше да се почитуваат здравствените протоколи.

Имаат ли денес можност струмичани поквалитетно да практикуваат спортски ативности?

– Да, имаат можност за поквалитетно практикување на спортски активности, ако се земе предвид дека и во делот на спортски објекти има инвестиции коишто или се завршени или се во тек и кои значително ќе ги подобрат условите.

Искрено ме изненади фактот колку струмичани сакаат да спортуваат и рекреираат и колку брзо се зголемува бројот на рекреативци. Без разлика дали се луѓе кои трчаат во паркот или вежбаат на справите, дали се велосипедисти или се рекреативци кои играат на некој од спортските терени низ градот, најчесто фудбал или кошарка, јас како градоначалник сум горд на тоа и секогаш расположен за подобрување на се што може да биде искористено како можност за рекреација. Моментално, целосно се реновира мултифункционално игралиште во близина на центарот на градот, се подготвува уште еден терен со вештачка трева, во процес на градба е уште една спортска сала во основното училиште „Никола Вапцаров“, а во кординација со сите директори на училиштата ги приспособивме сите терени да бидат во служба на рекреативците, имаме многу примамливи трим патеки кои велосипедистите често ги користат а имаме и уште неколку планови со кои значително ќе ги подобриме условите за спортување. Што се однесува пак, за професионалниот спорт, секоја година традиционално ги подржуваме сите спортски клубови и поединци, а имаме и добри резултати на кои сум горд како градоначалник, посебно од младите категории.

Пред отчетот за извршување на програмата во овие три години, останаа ли незавршени проекти?

– Па има незавршени проекти, но останува уште една година да се обидеме во што поголем процент да ги завршиме. Важно е дека течат активностите, повеќе од проектите во нашата Програма се опфатени и се во почетна или понапредна фаза, но водиме сметка сè што сме ветиле да биде опфатено и во одреден процент реализирано. Покрај тие проекти коишто сме ги предвиделе во Програмата, има доста проекти за кои што сме искористиле можност да аплицираме во одредени фондови, наши и европски, кои пак дополнително ја збогатуваат Програмата со некои други содржини, зашто ете излегле такви можности, а ние сме ги искористиле. Имаме реализација и на проекти коишто се наметнуваат од годишните средби што ги правиме со граѓаните од урбаните и месните заедници, буџетските форуми, или проекти коишто се наметнале со својата актуелност и потреба.

Ковид кризата прекина планови на многу инвеститори, но дали имате најава за нови инвеститори од странство по смирувањето на здравствената криза?

– И во моментот во Струмица има странски инвестиции што се респектабилни и значајни и од кои бенефитот е што ќе имаме нови вработувања и повисок животен стандард. Секако дека очекуваме и нови по смирувањето на кризата, бидејќи Струмица сè уште има слободни парцели во општинските зони и клима за инвестирање.

На наша локална иницијатива, а преку средбите со граѓаните, наметнавме една нова мерка во Министерството за земјоделство, а тоа е тампонирање на полските патишта.

Струмичкиот регион е најголем земјоделски производител во Македонија. Какви се вашите заложби за подобрување на ситуацијата на земјоделците? Што значи денес да се биде земјоделец во струмичкиот регион?  

Ингеренциите на локалната самоуправа се многу мали, скоро и да ги нема во креирањето на политиките во областа на земјоделството. Но, сепак општина Струмица тоа што можела го правела и ќе го прави, како на пример, организирање на едукативни трибини и работилници преку наши или европски фондови за посовремени мерки и пристапи во земјоделието, преку Г1 Програмата за локален економски развој финансиска поддршка на здруженијата на граѓани од областа на земјоделието врз основа на Јавни повици, за кои се надеваме дека придонесуваат во подобрувањето на едукацијата на земјоделците во пристапот на современото земјоделие.

На наша локална иницијатива, а преку средбите со граѓаните, наметнавме една нова мерка во Министерството за земјоделство, а тоа е тампонирање на полските патишта. Тоа е идеја која потекна од Струмица, од граѓаните, а ние како Општина ја прифативме и пласиравме до Министерството и е мерка која досега не постоела, но се потврди како трајна мерка којашто земјоделците ја поздравуваат бидејќи им го олеснува пристапот до земјоделските површини и им обезбедува посигурен транспорт на земјоделските производи.

Дополнително, преку Југоисточниот плански регион од повеќе предлози на форумите за избор на проекти, го избравме проектот за обезбедување на агрометеоролошки станици, токму поради значењето коешто го има земјоделието во нашиот регион. Овој проект се покажа како многу успешен, поставени се 23 такви станици преку кои земјоделците добиваат одредени релевантни податоци што се важни и врз основа на кои применуваат соодветни агро мерки. Според кажувањата на некои производители, ефектите се евидентни, бидејќи адекватно се делува во одреден период, односно, кога е потребно и има значително подобрување на приносите.

Факт е дека Струмица е еден од препознатливите земјоделски региони и во најголем процент земјоделците работат на свои имоти, што само по себе дава некое задоволство во пристапот кон земјоделските поседи, бидејќи се нивни и имаат голем мотив да постигнат поголемо и поквалитетно производство. Тоа им дава посебен ентузијазам и гордост, а од друга страна, секогаш очекуваат поголема поддршка од Министерството за земјоделство преку разни мерки за поквалитетно производство и обезбедување пазари за посигурен откуп и пласман, што според мене е едно од главните барања на нашите земјоделци, за што и ние се залагаме. Помладите генерации веројатно подобро ги користат новитетите во земјоделието, но сè уште има и доста традиционални пристапи кои мора да се модернизираат, а кои ќе донесат подобар квалитет на производството и повисок животен стандард. Ова е битно затоа што голем дел од семејствата во нашиот регион, егзистираат токму од земјоделското производство.

Кој е Вашиот личен став- што да се направи за да се задржат младите во помалите места?

– Според мене, треба да се подобри квалитетот на животот. Условите за живот во малите места што повеќе да се доближат до условите во поголемите центри. Тоа значи да се подобри инфраструктурата, патна, водоводна, канализациона, социјалниот и културниот живот, да има можност за поголем избор на работни места, адекватно и сигурно напредување, институциите да бидат поблиски до граѓаните, што се заедно ќе им обезбеди посигурна и поизвесна иднина во местата во коишто живеат.

Планирате ли да се кандидирате за уште еден градоначалнички мандат и сметате ли дека ќе ја добиете повторно довербата од сограѓаните?

-Пред мене е уште една цела година во која има уште многу работи да ги завршиме од тие што сме ги ветиле и главната концентрација во моментот е насочена токму кон тоа. Факт е дека новонастанатата ситуација не само во нашата држава, туку и во цел свет предизвикана од ковид-19 кризата, доста делуваше врз обемот на реализацијата на некои проекти. Факт е дека последнава година беше многу оптоварена со тој проблем, дополнително и со изборните процеси, и многу процеси се кочеа во нашата држава, на што не остана имуна и нашата Општина, но и покрај тоа ќе се трудиме да исполниме што поголем дел од Програмата којашто беше планирана. Еве, ќе спомнам некои фактори коишто имаа свое влијание како што се мерките кои имаа редукција на вработените во општинската администрација, но и во фирмите преку коишто требаше да се реализираат одредени инвестиции, капитални пред се, ја успоруваа динамиката на реализација. Главната концентрација на енергијата беше насочена кон разни мерки и борба со ковид – 19, всушност тој проблем изби на врвот на приоритетите во одредени моменти, дури и одредени средства се пренаменуваа за актуелни состојби коишто беа наметнати.

Како докажан лекар интернист, како гледате на ковид-кризата во Македонија, колку успешно се справуваме и, освен познатите здравствени мерки, како да го сочуваме здравјето и психата?    

Ковид кризата не само во Македонија, туку и пошироко и во цел свет, наметна некои нови правила на однесување, на делување и донесе нови моменти во споредба со претходниот стил на живеење и работа и по мое мислење секоја држава имаше  мерки коишто согласно навиките, менталитетот, односот кон општеството, беа адекватни за нејзината средина. Во нашата држава се носеа мерки коишто во дадени моменти одговараа на нашите состојби. Суштината на мерките, без разлика на пристапот на разни држави, во цел свет беше иста, иако новиот предизвик, непознат до сега, во некои одредени моменти даваше некоја хетерогеност во пристапот, или различни пристапи во различни држави, иако сведоци сме дека одредени пристапи на почетокот кај некои држави подоцна беа ревидирани или променети, што дава уште еден доказ дека сепак е нешто ново, непознато поле и многу дополнителни сознанија придонесоа одредени мерки да се корегираат согласно сознанијата коишто од ден на ден се добиваа. Во тој контекст мислам дека и нашата држава и Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, успешно и будно ги следеа тие нови сознанија и врз основа на нив ги димензионираа мерките и сметам дека евентуалните нови моменти и сознанија ќе придонесат и за други, нови мерки коишто во моментот ќе бидат адекватни.

Тоа што досега се знае и ниедна држава или ниеден здравствен систем не го негира, а мислам дека и нашата држава го применува, е дека со дисциплина, верба во релевантни авторитети и институции, почитување на мерките и одговорно однесување кон нив, на тој начин ќе го зачуваме и нашето здравје и здравјето на луѓето околу нас. Сигурно е дека ваквите новонастанати ситуации предизвикуваат и одредени ментални реакции, страв од непознатото, несигурност, социјална изолираност во одредени моменти која несомнено влијае на менталното здравје и мислам дека одговорноста на институциите коишто носат вакви мерки мора да ги содржи и овие сознанија и забележувам дека во многу моменти се води сметка и на тој аспект.  Луѓето се социјални суштества, неопходно им е дружење, поблиски контакти, размена на мислења, комуникација, а оваа новонастаната состојба баш во тие сегменти засега и верувам дека мора да се најде некој начин и индивидуален и колективен за компензација на невозможноста на овие поблиски, физички и социјални контакти на традиционалниот начин како што сме навикнати, да се компензираат на некој друг начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот