
Интервју со д-р Елка Јачева-Улчар, македонист, ономастичар: Книга за презимињата која се чита во еден здив
Неодамна во издание на „Менора“ од печат излезе многу интересна книга-студија со наслов „Презимето кај Македонците“, на авторката д-р Елка Јачева-Улчар, наш познат македонист, ономастичар. Иако е стручна студија, се чита во еден здив, како и секоја интересна книга. „Сок“ ѝ даваат многуте изложени и образложени примери на презимиња, од кои многу се и на познати јавни личности. Каков беше процесот на истражувањето, мотивацијата и дали ќе „има уште“ (дополнувања) ме интересираше во овој разговор.
Препорачано
Неодамна ја објавивте книгата „Презимето кај Македонците“, која ни дава интересни податоци за потеклото, значењето и начинот на образувањето на презимињата во Македонија. Од кога се занимавате со темата на презимињата?
– Темата со презимињата почна да ме окупира пред петнаесетина години, нешто набргу по моето докторирање (2005 г.) на тема од другата главна ономастичка гранка, топонимијата (Топонимијата на Тиквешкиот Регион). Се сеќавам дека првата моја работа, поврзана со презимињата, беше еден споредбен реферат, подоцна објавен во зборник со статии под наслов „Македонско-хрватски книжевни, културни и јазични врски“ (2007 г.), која се однесуваше на паралели во презименските модели кај Македонците и кај Хрватите. Потоа низ годините, често се навраќав на оваа тема низ одделни статии, така што нивниот збир, заедно со уште некои понови сознанија доведе до создавањето на оваа книга.
Презимето на Вашиот сопруг е словенечко, а книгата му ја посветивте токму нему. Дали инспирацијата за вакво истражување доаѓа и од вашето семејство?
– Не директно, ами посредно. Ако се земе, на пример, предвид фактот дека презимето е една наследна антропонимиска категорија, така што мојата единствена рожба го носи презимето од татко му, на кого, јас – посветувајќи му ја книгава – сакам да му ја изразам својата благодарност за многу убави работи што ги направил за мене во овие заеднички, речиси, триесет години; почнувајќи од помошта при пријавувањето на мојата магистерска која беше напишана на неговиот лаптоп, веројатно, еден од првите во Македонија таа 1994 година, преку верната придружба на теренските истражувања низ Тиквешијата, Малешевијата, Воденско…, па преку улогата на „прв читач“ на сè што ќе напишам… па до раѓањето на Исток, што го ставам на крајот како најважно, како најважна улога во којашто сум се остварила, во којаштопретходно замешала прсти биологијата определувајќи да се родам како женско… Се разбира, како и во секој нормален брак, како, впрочем, и во животот не одело секогаш сè мазно, сме имале и лоши денови, сме доживувале загуби на блиски луѓе, но и големи разочарувања, повторно од луѓе… затоа и во посветата, реферирајќи на Конески, реков дека со Игор ткаеме два конца: едниот црн, а другиот црвен…
Наведувате обемна библиографија на крајот на книгата, но еден од најчесто цитираните извори е „Речникот на презимињата кај Македонците“. Колку истражувања од македонските лингвисти има на оваа тема?
– И во предговорот од книгата укажувам дека во периодот од формирањето на Одделението за ономастика, при Институтот за македонски јазик ,,Крсте Мисирков“ од Скопје, до денес, ќе се појават еден поголем број значајни институтски и индивидуални, покрај топономастички, и антропономастички изданија, кои фрлаат светлина врз најмладата антропономастичка категорија – презимето. Така во Одделението за ономастика при Институтот за македонски јазик започнува работата врз „Речникот на презимињата кај Македонците“, од кој во 1994 год. ќе излезе првиот том каде што се опфатени презимињата од буквите А до Љ. Во овој том како обработувачи се јавуваат: Марија Коробар-Белчева, Маринко Митков и Трајко Стаматоски. Вториот том од Речникот на презимињата кај Македонците, во кој се содржат презимињата од буквите М до Ш, излегува од печат во 2001 год., а во него, покрај горенаведените, како обработувач се јавува и Олга Иванова. Шест години по излегувањето на вториот том од речникот на презимињата кај Mакедонците О. Иванова, Обратен речник на презимињата кај Македонците, Скопје, 2007. Во енциклопедијата насловена како Słowiańska onomastyka (Словенска ономастика), издадена во Полска,колешката Марија Коробар-Белчева, како претставник од Македонија во овој меѓународен проект, покрај врз други ономастички прашања, се осврнува и врз презимето. Се разбира, во контекст на презимињата неизбежно е да се спомене и Речникот на личните имиња кај Македонците од Љубица Станковска, ако се има предвид дека во основата на презимето, најчесто се наоѓа личното име. Моите генерациски блиски колешки ВеснаМиовска и Мери Момировска, зборувајќи за „Антропонимискиот систем во Кривопаланечко“, односно за „Антропонимискиот систем во Крушевско“ во своите магистерски работи се осврнуваат и врз презимето, а одделни статии за презимето, личното име и прекарите, среќаваме кај сите македонски ономастичари од највозрасниот Трајко Стаматоски, и неговите помлади колеги Љубица Станковска, Маринко Митков, Олга Иванова, Марија Коробар-Белчева, преку средната генерација, на која ѝ припаѓам и јас, Весна Миовска, Мери Момировска, Лилјана Гушевска, до најмладиот овие денови, Зоран Спасовски.
Од опсежниот преглед на презимињата во Македонија се стекнува впечаток дека Македонија навистина секогаш била крстосница на Балканот. Во Македонија неретко се среќаваат и немакедонски презимиња од словенско и несловенско потекло. Колку беше напорно да се соберат, категоризираат и објаснат овие презимиња?
– Тоа ми беше најлесниот дел од работата. Прво, како што кажав и погоре, првата генерација ономастичари направила солидни картотеки на презименски фонд што се чува во Институтот за македонски јазик, каде што сум вработена, второ, тој материјал околу 30 000 презимиња е објавен и обработен во двата тома од речникот, и трето, како човек што лесно воспоставува комуникација со луѓето, уште само што ќе кажев зошто ме се потребни податоците, луѓето сами, без некое особено инсистирање од моја страна, ми ги даваа одговорите за поставените прашања во врска со нивното презиме… имав навистина многу убаво чувство додека ја пишував книгата… како да се создаваше колективен труд, а јас – да се изразам во прличевски стил, – бев само прост запишувач на нивните семејни приказни…

Велите дека категоријата презиме ги бележи првите никулци уште во XII век, но дека како норма се воведува дури во XIX век. Зошто беа потребни седум века за еволуцијата на стандардот име + презиме?
– Така, просто наложиле општествените услови. Презимето како постојан член на антропонимиската формула име + презиме се налага со развојот на општеството и на општествените односи во него. Според нашиот најискусен ономастичар, Трајко Стаматоски, „презимето кај нас се утврдило со навлегувањето на европските обичаи и институции, и со појавата на развиена администрација и управа, и тоа како во официјалната употреба, така и во народната јазична свест.Затврдувањето на презиметоне е истовремено настанато во сите краишта и кај сите слоеви на населението. Кај Мијаците тоа е настанато и порано, но на целата македонска територија се утврдило дури во XIX век.“ Кај другите народи во регионов, презимето како развиена категорија се јавило и порано. Така, кај Хрватите, исто како и кај Македонците записи на презимиња се јавуваат уште во средниот век, но тие не говорат за некаква развиена антропонимиска категорија, каков што е на пр., случајот со личното име. Во историјата на презимето кај Хрватите постојат два важни момента кои извршиле значаен поттик за настанувањето и проширувањето на хрватските презимиња. Велиме –проширување, зашто презимето не се јавува истовремено насекаде, па така додека во приморските градови, благодарение на подобрите врски со светот презимето се јавува многу рано, во другите делови на Хрватска тоа не е случај. Двата важни момента во историјата на презимето во Хрватска се однесуваат на Тридентскиот концил од 1545 – 1563 година, кога во римокатоличките земји, таму каде што тоа било можно, се воведуваат матици, но ни тогаш многу хрватски краишта, особено оние што биле под османлиска власт, не водат свои матици и немаат свои постојани и наследни презимиња. Вториот момент кој придонесува категоријата презиме да се наметне по територијата на цела Хрватска се случува во последните децении на XVIII век, поточно во 1780 година, кога стапува во сила т.н. Јозефински патент, според кој презимето станува задолжителен елемент на именувачко-идентификациската формула за сите Хрвати кои живеат под управата на Хабсбуршката монархија.
Спомнувате и некои имиња од претхристијанскиот период кои денес се изгубени како лични имиња (Ветер, Волк, Глава, Горазд, Грд, Грозен, Гулаб, Зуб, Железо, Јавор, Камен, Козел, Купен, Најден, Орел, Хлап; Груба, Груда, Јагода), но се вложени и така зачувани во коренот на презимињата. Бидејќи имињата почесто потпаѓаат под дејството на модните трендови, можно ли е овие имиња пак да се вратат во употреба?
– Не можам да бидам прогнозер, но овој тренд, – принудно наметнат од нашите соседи, на навраќање кон нашите корени и одново, и одново докажување на нашето македонство, – не ја исклучува ни таа можност.

Зборувате за женските презимиња, кои од некаков вид помодарство во последните децении бележат тенденција да ја губат родовата определба (најчесто жените при влегувањето во брак презимето на сопругот го додаваат во изворна форма, без да го менуваат машкиот род во женски). Притоа се залагате за поостра законска регулатива во оваа смисла. Зошто оваа појава е штетна?
– Од една страна, мислам дека квалификативот штетен е прегруб, но кога ќе размислам подобро оваа појави прави „штета“ во смисла на тоа што со ваквиот избор, се нарушува обликот на женското презиме што е карактеристично обележје на нашето женско презиме, нешто што, на пример, го немаат другите јужнословенски презимиња, освен бугарските. Значи, другите јужнословенски презимиња немаат женски род, иако, како што кажав и во книгата, го немаат, сигурно во официјалната форма, но женскиот род имплицитно е вграден во женските презимиња кога тие се употребуваат во разговорниот потстил при директно обраќање или кога за нив се зборува во трето лице. На пример, во Словенија, неретко студенти или помлади луѓе ми се обраќаат со „госпа Улчарјева“, еден женски лик од една белградска серија што ја памтиме ние повозрасните беше именувана како Госпоѓа Николаевиќка, на славистички симпозиуми моите српски, хрватски и словенечки колеги кога раскажуваат за тоа која што од колешките изнесла во својот реферат најчесто кажуваат: Милорадовиќка (Софија Милорадовиќ од Белград), Брозовиќка (Дуња Брозовиќ од Загреб), Фурланова (Метка Фурлан од Љубљана)… навистина за ова има безброј примери.
Велите и дека Законот за презимето е еден од најлибералните закони и дека треба да се измени со подефинирани определби во случај на менувањето на презимето. На кои измени конкретно мислите?
– Кога го велам ова мислам на две нешта. Првото се однесува на промената на презимето без некоја особена причина, при што, практично, се засегнува наследниот карактер на презимето, исто како што се засегнува и категоријата род кај презимињата за што зборував погоре. Второто нешто се однесува на повеќекомпонентноста на презимето, а имено: до пред десетина години двокомпонентни презимиња се среќаваа само кај жените што стапиле во брак, кои при овој чин од лични причини решиле на своето презиме да го додадат презимето од мажот (најчест редослед, иако Законот дозволува како прво да биде презимето од мажот, а потоа моминското презиме на невестата). Последниве години сме сведоци на двојни презимиња што ги носат новореденчињата: едно од таткото, другото од мајката независно од полот на детето. Во блиска иднина би можеле да очекуваме стапување во брак на лица со две презимиња и тогаш во случај невестата да реши да го земе презимето од мажот, презимето ќе има четири компоненти. Знам дека многумина ќе речат оти претерувам, но сепак сметам дека ваквата можност не се исклучува. Затоа, ми се чини дека е потребно еден подновен Закон за личното име да ги земе предвид и да ги регулира и овие нови појави во презименскиот систем кај Македонците.

Едно поглавје е посветено на семејните приказни на луѓето со поневообичаени презимиња. Колку ви беше интересен овој дел од истражувањето?
– Овој дел ми беше најинтересен… од самите носители на презимето дознавав како стасало некое презиме во Македонија, на пример, оние од арапско потекло како Ал-Асади, Ел-Арејси, Ниами; или колку се стари и кога се првпат забележани како, на пример, презимињата и др., до тоа зошто Самоковлија е Самоковлија, а не Барух или од каде, поточно каква е врската на писателот Томислав Османли со Турците Османлии за да го добијат тој и неговите предци ова презиме… или што значат презимињата на актерката Јелена Жугиќ, на поетесата Даница Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес, на мојата пријателка Емилија Роп или на мојот сопруг Игор Улчар; и за мене многу важно: од кои причини нашиот познат сликар модернист од влашко потекло, Никола Мартиноски се определил за обликот Мартиноски наспроти првичното Мартини…

Дали ќе продолжите да работите на ова интересно истражување и дали планирате нови, дополнети изданија на оваа книга?
– За следнава година веќе имам во план да објавам три покрупни старо-нови работи кои подолго време стојат така „заробени“ кај мене во компјутерот, па по зимските празници, под услов да бидам здрава и жива, планирам да ги подготвам за печат. Во однос на презимињата имам друг план. Оваа последна глава ми даде инспирација за пишување книга со наслов Ретки презимиња кај Македонците, а многу би сакала да се позанимавам и со некои македонски презимиња кои се нашле надвор од Македонија. Во овој контекст, многу интересна приказна во себе крие презимето Коцаре кое некаде во средината на 19 век го наоѓаме во Хаг. Неговиот носител е некој Јохан Коцаре (всушност Јован, роден во Охрид 1861 г., кој некаде пред својата смрт (1920 г.) почнува првичната форма на своето име во Хаг,Johann Kocareда го заменува со формата Jowan Kotzareff) кој бил сопственик на т.н. „eлектрична“ фабрика за кондиторски производи во Хаг… Јован, пак, бил син на убавата Катуше, опеана во една охридска староградска песна, и брат на Риса Коцаре мажена за Коста Каневчев (Kanevtschev), со кого, исто така, живеелe во Хаг… Но, ова, секако е друга, покомплексна тема и бара многу време и „копање“ по светските архиви кои не се секогаш олку достапни како холандските.