Интервју со Биљана Тануровска-Ќулавковски: Исклучително важно е да се промени општествениот однос кон културата, образованието и науката

Граѓанскиот сектор во културата со години активно и гласно заговара и повикува на политичка волја за подобрување на состојбите во културата и уметноста, истакнува Биљана Тануровска-Ќулавковски, извршна директорка на Здружението на граѓани „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Извршната директорка на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Биљана Тануровска-Ќулавковски, минатата седмица учествуваше на онлајн настанот „Акто Агора“, што беше организиран по повод 15 години од основањето на Фестивалот за современа уметност „Акто“. Дебатата на „Акто Агора“ се одржа во рамките на програмата со наслов „Културата е насловна страница на секое општество“ и вклучи 15-ина домашни и регионални креатори на современите културни политики, а беше реализирана во партнерство помеѓу „Факултет за работи што не се учат“ и „Локомотива“.

Како менаџер на уметност и култура и куратор Биљана Тануровска-Ќулавковски повеќе од 15 години работи во областа на креирањето на културните политики, културниот менаџмент, интеркултурализмот, теоријата на институциите во културата, додека практичните искуства ги стекнала со работа во независниот сектор низ многубројни проекти со современи изведувачки уметности.

Учествувавте на јавната дебата „Акто Агора“ на која се зборуваше за креирањето на современи културни политики базирани на хоризонтално учество на сите сектори во културата. Според Вас, што е потребно за функционирање на таков систем кај нас?

– Хоризонталното учество во теоријата на културни политики подразбира повеќе пристапи, но јас ќе одвојам два значајни, кои се возможни во функционално демократско општество кон кое ние се надевам се стремиме. Тоа се „партиципативни процеси“ во градење политики и „споделени политики“. Концептот „партиципативно“ се однесува на активности во кои учествуваат граѓаните и имплицира дека оние што имаат моќ на одлучување, односно владата (централно ниво), властите (локално/регионално ниво) и управувачкиот систем (институциите), треба моќта да ја споделат со граѓаните на кои културата и општеството му припаѓаат. „Споделените политики“, пак, значат комплементарно и меѓусебно збогатување на планираните процеси на креирање на политики преку вклучување на истражувачи и креатори на политики што доаѓаат од сите три сектори (јавен, приватен и граѓански).

Синергијата на власта, експертската моќ и општествено одговорните сили од граѓанскиот сектор кои пристапуваат кон процесот на креирање политики од различни гледишта, дефинитивно ќе придонесат во создавање на современи културни политики, наместо формирање на „конструирани културни политики“ од центарот на власт. И двата концепта се со цел да овозможат распределба на моќ, а со тоа да обезбедат право на учество и одлучување, и како што вели Шери Арнштајн [1969] „учеството/партиципацијата без прераспределба на моќта е празен и фрустрирачки процес за немоќните“. Нејзината „Скалата на граѓанско учество“ е еден од најреференцијалните и највлијателните модели во областа на демократското учество на јавноста. Или како што таа формулира: граѓанското учество е граѓанска моќ.

Системските промени сѐ уште се мали, па затоа звучиме како да сме редундантни, како да се повторуваме и бараме исти работи со години наназад

Зошто во јавните дебати, сѐ уште, најмногу се употребува честичката „ќе“, односно како ништо да не е променето во системот на функционирање и постојано се очекува да се случат промени во иднина?

– Системските промени сѐ уште се мали, па затоа звучиме како да сме редундантни, како да се повторуваме и бараме исти работи со години наназад. Она што е клучно е дека нема базична промена во моделот на креирање политики и донесување на одлуки, па сѐ уште имаме централизиран систем на управување кој е подложен на клиентелизам, иако слушаме од Владата дека сака да гради систем базиран на меритократија. Што се однесува до другите непроменети политики, или системски (дис)функции, тие според мене, приоритетно се однесуваат, пред сѐ, на работничките права, развој на планови за одредени области (театар, танц, музика, итн.), планови за интерсекторска, меѓународна соработка, како и механизми и инструменти, како и зголемување на буџетите за програмска и институционална поддршка на централно и на локални нивоа.

Некои од наброените работи се вклучени во предлог-Законот за остварување на јавниот интерес во културата, а некои и во Националната стратегија за култура 2018-2022, а за некои сѐ уште нема насоки. На проект од ЗГ „Факултет за работи што не се учат“, „Локомотива“ заедно работеше на истражување за работничките права и предложивме додавка „културен работник“ како професија да се вклучи во Законот и Правилникот за слободни уметници. На реформите во Правилникот се работеше со Министерството за култура и граѓанскиот сектор, и се направи адаптирање, воведување на неколку уметнички дисциплини и професии, како и подобрување на критериумите. Остана да се направи вклучување во Правилникот на културните работници кои се главен дел од сцената, а немаат никакви социјални бенефиции (придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход), а тие промени се условени со донесување на Законот.

И, на крај околу застапената „ќе“ реторика – мислам дека доаѓа и оттаму што како општество често забораваме што имаме до себе, и што сме направиле во минатото. Она што треба да научиме, е да ја градиме институционалната меморија, да стимулираме континуитет, да ги следиме процесите и да ги архивираме. Преовладува реториката – „за прв пат“ и „пионери“, односно како сѐ кај нас да се почнува одново, па затоа се чувствуваме дека стоиме во место и немаме развој. Сметам дека и навистина да е нешто „ново“ и „пионерско“, сепак, треба да реферира на дела што придонеле да дојдеме дотаму. Исто како во науката, што повеќе се реферира, повеќе се развива тоа поле или таа парадигма. Така и ние, треба да реферираме, да архивираме, и така да ја градиме „институционалната меморија“. Овде институцијата за која зборувам е целиот систем и поле на уметноста и културата, не само установите на уметност и култура. Мислам дека имаме квалитетни професионални лица околу нас, треба јавно да ја истакнеме нивната важност за средината и да ги развиваме и надградуваме заедничките капацитети. Но, истото важи и за власта, кога критички рефлектираме треба и да потврдиме добри чекори кои се направени, како на пр.: нов закон и стратегија за култура, по наша иницијатива културата влезе во Агендата – Западен Балкан, итн. И за крај, ќе успееме само ако храбро одлучиме да менуваме, а можеби предуслов за тоа е да сфатиме дека културата и уметноста не можат и не смеат да бидат партиски раководени, тие мора да се дел од систем кој ќе биде катализатор, а не креатор на политики одозгора – надолу.

Практично во каков систем функционираат граѓанските организации од областа на културата, како „Локомотива“, чиј претставник сте?

– За жал, граѓанскиот сектор во областа на културата е дел од систем во кој сѐ уште имаме нефункционални и еродирани институции, со чест на исклучоците, занемарено културно наследство, анахрони образовни модели и програми, недостаток на систем за регулирање и формулирање на работнички права, и малку и лоши механизми за поддршка на културата – со мали буџети наменети за развојни програми во граѓанскиот сектор. Власта нѐ смета како нешто секундарно или терцијално, а не како витален дел во градењето на општествената и институционалната парадигма на уметноста и културата. Ние го градиме полето каде се институираат, односно се воспоставуваат и одржуваат нови дискурзивни, продукциски, естетски, едукативни практики и правци. Граѓанскиот сектор делува развојно и непрофитно, застапува одредени заедници и се занимава со нешто што го нарекувам „рециклирана економија“, одново вложување на приходот во програмите наменети за одредена заедница. Тој е коректор на власта, и без него сѐ повеќе ќе сведочиме на партизирано, митоманско и клиентелистичко општество. Граѓанскиот сектор во културата со години активно и гласно заговара и повикува на политичка волја за подобрување на состојбите во културата и уметноста.

Културата и уметноста не можат и не смеат да бидат партиски раководени, тие мора да се дел од систем кој ќе биде катализатор, а не креатор на политики одозгора – надолу

Минатата година добивте престижна европска награда за Вашата докторска теза „Теорија на институции и културни политики за современи изведувачки практики“ од областа на културните политики и културниот менаџмент. Колку е долг патот од теорија во практика во македонскиот систем на дејствување во културата и има ли културен менаџмент?

– Теоријата и практиката се надополнуваат, а за да имаме холистички пристап во развојот на културата, треба да се поддржуваат и развиваат и двете полиња. Кај нас теоријата и истражувањето во полето на културни политики и современи уметности и култура недостасуваат. Немаме институт кој се занимава директно со оваа проблематика, а во неколку наврати сугериравме негово формирање, како и на катедра за културни политики и управување со културата. Сметам дека е неопходен интерсекторски фонд што ќе поддржува независни истражувања и издаваштво во полето. Од моето докторско истражување, за кое ја добив меѓународната награда, издавач од Брисел ќе издаде книга, и имам чест да ме поканат колегите од „Ми-Ан“ за да издадат македонско издание, за кое се надевам дека ќе добиеме поддршка. За издавање вакви трудови буџетот е секогаш мал, и повеќепати авторите се откажуваат од своите хонорари само за да се издаде книгата.

Сметам дека исклучително важно е да се промени нашиот општествен однос кон културата, образованието и науката. На нашите простори има исклучителни мислители и во минатото и сега, – ама, за жал, во нив не се вложува, а и многу од нив ако се издадени овде, не се преведени, па, ги нема на мапата или во историјата на одредена теорија или парадигма. Сѐ повеќе се соочуваме со тоа и зборуваме за теориска хегемонија на западната мисла, а не вложуваме во развој дома. А за да имаме развој и во практиката, не смееме да ги маргинализираме образованието и науката, бидејќи тие се врзани садови.

Прекаријатните работници беа први на удар со појавата на ковид-кризата, но и претходно ситуацијата не беше сјајна. Имаше ли некаква системска поддршка за прекаријатот годинава и можно ли е некакво системско решение за овој вид културни работници?

– Заедно со иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ и „Јадро – Асоцијацијата на независната сцена“ направивме неколку барања за поддршка, и поддршка добија слободните уметници што веќе се дел од системот на бенефиции, каде освен социјални бенефиции добија и надоместок од минимална плата за неколку месеци. Со друга уредба беа опфатени уметници и физички лица кои самостојно или преку авторски или друг вид на договор, учествуваат во реализација на проекти кои се откажани.

Уредбата не ги содржеше и нашите барања во поддршката да се вклучат и вработени во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата, така што, и покрај залагањата да бидат опфатени и другите, како и оние од граѓанскиот сектор, тоа не го издејствувавме. Но, сепак, бевме задоволни, бидејќи наши колеги имаа можност за поддршка. Тоа беа исклучително тешки услови, и сѐ уште се, па и во такви услови наидовме на добра комуникација од страна на власта. Се надевам дека таа политичка волја ќе продолжи и ќе зборуваме за системски решенија за темите за кои веќе зборував.

Танц-претставата „Скринсејвер“ премиерно беше изведена на 45. МОТ

Со Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – „Локомотива“, сепак успеавте да реализирате повеќе проекти, меѓу другите имавте и премиера на 45. МОТ. Како функциониравте оваа година?

– Оваа година решивме да не застанеме и да чекаме да се случи нешто или некое чудо, па уште во април решивме да ги адаптираме нашите програми. Направивме бројни настани со извонредни соработници, уметници, куратори, теоретичари, меѓу кои и споменатата премиера на „Скринсејвер“ на Александар Георгиев на МОТ. Некои од активностите ги реализиравме во хибриден формат – дел од нив во живо, а преку стрим достапни за јавноста, а дел преку други дигитални алатки. Повеќето се достапни на Јутуб-каналот на „Локомотива“. Сметам дека оваа година нѐ научи дека мораме да прифатиме и да продолжиме да работиме во други и нови облици. Научивме за еден друг простор, дигиталниот простор, кој е многу различен од физичкиот, кој секако во земјава недостасува.

Излеговме од проектниот простор „Кино Култура“, кој со љубов го градевме неколку години, но сфативме дека продолжуваме со работа и надвор од зградата. Сфативме дека идејата за „Кино Култура“ не зависи од зградата и не згаснува со неа, туку се преместува, како и многу други активности што се преместија поради пандемијата. Научивме да се преместуваме, и на тој начин да премостуваме ситуации што може да ни го загрозат делувањето, како таа со губењето на физичкиот простор.

На кој начин „Локомотива“ беше присутна на „Оракл“ – Меѓународен конгрес на менаџери во културата и културни оператори?

– „Локомотива“ беше домаќин на меѓународниот конгрес и заедно со мрежата „Оракл“ ја креираше темата и програмата оваа година. Темата вклучи промислувања околу популизмот во културата и социо-политичките и економските поларитети од една страна, и визиите за порамноправна и солидарна иднина, од друга страна, во општествата во Европа, а и пошироко. Конгресот траеше три дена, од 11 до 13 декември, се одржа онлајн и се состоеше од работилници, дискусии, презентации и предавања, а учествуваа македонски и меѓународни гости и културни оператори.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот