Интервју со актерот Бајруш Мјаку: Пензионер сум само во однос на месечните примања

Долгометражниот документарен филм „101 ролја, 102 животи“ во режија на Филип Херин, а кој е посветен на личната, семејната и актерската работа на Бајруш Мјаку, ќе има своја скопска премиера во текот на декември во Албанскиот театар во Скопје.

Актерот Бајруш Мјаку има извонредна професионална кариера, која одамна ги надмина границите на нашето поднебје и се прошири низ Европа, дури и до Русија. Со неколку свои претстави, како „Дневникот на лудиот“ и „Татко“, го прошета, речиси, целиот свет. Иако набрзо ќе влезе во 70-тата година од животот, ентузијазмот за работа не го напушта и сѐ уште наоѓа и работи на нови проекти. Меѓу таквите проекти е и документарниот филм „101 ролја, 102 животи“, кој се однесува на неговата личност и творечка работа во текот на целиот живот.

Како дојде до снимањето на документарниот филм, како потреба за твој автобиографски филм или имаше поттик и од друга страна?

– Станува збор за долгометражен документарен филм. Целата приказна ја водиме во три насоки, во три колосеци. На првиот колосек е мојата приватна биографија, мојот приватен и семеен живот. Втората насока е мојот уметнички живот, во кој следната година во јануари ќе навршам 70 години живот и 50 години на театарската сцена. Третата насока е развојот на Албанската драма од 1973 година, кога почнав таму да работам, до денес. Мислам дека во филмот успеавме сите три насоки да ги развиеме и да им покажеме на гледачите како се одвивале работите во изминативе 50-ина години. Во филмот учествуваат повеќе соговорници, кои зборуваат за моите дела и за моите креации. Тоа се театарски луѓе, критичари и интелектуалци од Скопје, Тирана, Приштина, Москва, Стокхолм, Париз, кои ја следеле мојата работа и зборуваат за конкретни претстави и конкретни улоги.

Насловот на филмот е „101 ролја, 102 животи“. Колку во насловот има симболика, а колку статистика, бидејќи се појавуваат податоци за над 110 твои театарски улоги?

– Уште како млад бев убеден дека сум најангажираниот актер во Албанскиот театар, а кога седнав да ја пишувам мојата книга и кога почнав да ги бројам анализираните ликови, излезе дека за 44 години сум одиграл точно 101 улога како професионален актер, од кои 61 во Албанската драма, а 40 претстави сум имал на други сцени, односно 9 улоги во „Театарот на еден актер“, што е мој театар, и 31 улога со други продукции низ светот.

За 44 години Бајруш Мјаку одиграл точно 101 улога како професионален актер, од кои 61 во Албанската драма, а 40 претстави на други сцени / Фотографија: Слободен печат / Виктор Поповски

Каде е прикажан филмот досега?

– Премиерата на филмот беше на Фестивалот за документарен филм „Докуфест“ во Призрен, Косово. Македонската премиера беше на ТИФФ (Тетовски интернационален филмски фестивал), каде што добив и награда за придонес во театарската и филмската дејност, бидејќи покрај 101 театарски улоги имам и 20-ина филмски ролји, главно со средни или епизодни улоги. Сум учествувал и во четири серии и четири ТВ-филма. Тоа е целото мое богатство на реализирани ликови.

Кои соговорници се појавуваат во филмот?

– Во Москва, покрај режисерот Иван Поповски со кого ја направив претставата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ, која имаше голем успех не само во Македонија и на Балканот, туку и во многу европски земји, додека го снимавме филмот се сретнавме со две дами кои се занимаваат со театарска критика и кои, иако претставата ја гледале пред 15 години, се сеќаваат на детали што и јас сум ги заборавил. Толку силен впечаток им оставила мојата креација во „Дневникот на лудиот“. Во Стокхолм се сретнавме со Крис Торч, кој е основач на „Интеркулт“ и кој е еден од најпознатите театарски и културни менаџери во Европа. Мојата интернационална кариера ја почнав кај него со мојот прв ангажман во проектот „Еурелијан“ во 1998 година, кога во Шведска не собра актери и уметници од седум држави, меѓу кои Полска, Естонија, Латвија, Бугарија, Словенија и Македонија. Во неговата продукција учествував и во проектот „Хотел Европа“ по сценарио на Горан Стефановски. Со таа претстава бевме дел од многу значајни театарски фестивали во светот, како „Виена фест вохен“ и на престижниот фестивал во Авињон во Франција, каде што одигравме 21 претстава по ред. Практично во филмот зборуваат луѓе што ги гледале моите претстави во градовите каде што сме гостувале.

Познати се твоите креации во улогите на претставите „Дневникот на лудиот“, „Татко“, „Генералот на мртвата војска“. Можно ли е да се издвои една улога која најмногу те трансформирала како личност?

– Има повеќе такви улоги. Секогаш сум одговарал дека не можам да направам таква поделба, бидејќи секоја улога си има свој живот, свое доживување и кон сите нив сум имал посебен однос додека сум ги подготвувал. Иако сите зборуваат за ликот Попришкин од „Дневникот на лудиот“, чијашто креација е навистина големо достигнување во однос на театарот од ова поднебје, сепак не можам да кажам дека на исто ниво не е реализиран и ликот во „Татко“, или во „Крал Лир“. Тука се и „Вујко Вања“ и „Пер Гинт“. Сето тоа се големи претстави и големи креации. Но, ако наутро, кога ќе станам, мислата ме води кон некој лик, тогаш овие се некои од ликовите кои и мене ме трансформирале.

Ретки се актерите што успеале да реализираат толку многу значајни ликови од светската драматургија, а јас ја имав таа среќа да бидам еден од ретките / Фотографија: Слободен печат / Виктор Поповски

Во филмот има три насоки, но и во животот имаш најмалку три насоки, или подобро кажано релации – однос помеѓу актер и режисер, однос кон „Театарот на еден актер“ и однос како режисер кон актер. Како е себеси да се режираш?

– Во однос на релацијата актер-режисер, за моја среќа, само една режија сум направил во театарот. Тоа беше претставата „Зоо приказна“ од Едвард Олби, која ја поставив во мојата продукција, а беше реализирана како независна претстава. Стануваше збор за амбиентална претстава. Кога поранешниот министер за култура, Благоја Стефановски Баге, ми даде финансиска поддршка да одам во Њујорк, каде ја имав 50-тата изведба на претстава „Дневникот на лудиот“, најдов време да одам во паркот и да ја побарам клупата каде што Олби пишува за Џери и Питер. Таму сфатив дека претставата сум ја реализирал на иста таква клупа без да ја видам претходно.

Во однос на релациите со режисерите, мислам дека прво актерот треба да го постави ликот така како што мисли во својата глава, а потоа во тесна соработка со режисерот да учествува во создавањето на целата слика на претставата. Во претставите, како „Крал Лир“ или како „Татко“, главниот лик мора да биде во тесна соработка со режисерот, но без актерот да има свој удел во креативниот процес нема да може да се направи добра претстава. Од друга страна, мислам дека сум еден од ретките привилегирани актери кои успеале да играат во ликовите кои ги сакале. Под ова поднебје, а тука мислам и на Македонија и на Косово и на Албанија, ретки се актерите што успеале да реализираат толку многу значајни ликови од светската драматургија. Јас ја имав таа среќа да бидам еден од ретките. Но, останувам на ставот дека актерот треба прво да се докаже пред самиот себе и во односите кон ликот што го толкува, за потоа од режисерот да добие насоки како да се развива до крај. Ако се случи ситуација актерот да влече на една, а режисерот да влече на друга страна, тогаш не може да има никаков успех и подобро е да се прекине и да се најде или друг актер или друг режисер.

Дали во филмот се ставени само убавите работи од твојата професионална кариера?

– Посебно место во филмот зазема еден период од 80-тите до 90-тите години на минатиот век, кога ме повикуваа на информативни разговори во тогашното СВР (Секретаријат за внатрешни работи). Почнаа во 1979 година, кога ме ставија како член на една делегација што требаше да оди во Албанија. Бевме пет души, таму бевме десет дена. По враќањето од таму, ниту крив ниту должен, почнаа да ме бараат на информативни разговори. Се обидуваа од мене да извлекуваат некои работи што ми беа туѓи. Истата 1979 година, во октомври, ме назначија од Комисијата за култура и врски со странство да бидам домаќин на гостувањето на Народниот театар од Тирана. Бев сам со гостите и со нив се дружев 15 дена. Беа доделени средства што ги користев за да го покријам нивниот престој тука. Беа околу 75 луѓе, со два автобуса и шлепер со сценографија. Откако гостите си заминаа, ме обвинија дека сум злоупотребил дел од наменетите средства. Потоа дојде 1980 година, време кога умре Тито. Во 1981 година се одржаа и студентски демонстрации во Приштина. Тогаш се појавија и обвинувања дека сум националист, сепаратист и иредентист. Тогаш се појавија и ситуации кога за моите улоги во театарот назначуваа алтернации. Во тоа време имаше „будни и со отворени очи“ кои очекуваа дека ќе ме исфрлат од театарот и затоа беа поставувани тие алтернации. За сите овие работи, исто така, зборувам во мојот документарен филм. Денес сите се свесни дека нивните диференцијации и состаноци на кои ме обвинуваа само ми дадоа поголем поттик да се посветам на тоа што го сакам во театарот.

Со каква цел го основаше „Театарот на еден актер“?

– Во 1998 година, кога видов дека во театарот веќе не можам да го реализирам тоа што јас го сакам како актер или како режисер, тогаш дојдов до заклучок дека треба да го напуштам театарот, но паметно направив што одлучив да основам свој театар. Првиот проект беше една комедија, потоа дојде „Дневникот на лудиот“ со Иван Поповски и почнав со неа да настапувам низ цела Европа и во Русија. Потоа се случија и „Татко“ и „Вујко Вања“, а за мојата 40-годишнина во актерската професија ја поставив „Народен непријател“ од Ибзен. На ред дојде и „Пер Гинт“. Кога сфатив дека морам да ги задоволам, пред сѐ, моите потреби и да го реализирам тоа што го сакам, тоа беше можно само преку мојата независна продукција. Со Ибзен имам една релација уште од 70-тите години, бидејќи мојата дипломска работа во гимназијата беше на тема „Народен непријател“ и сакав истата претстава да ја реализирам и на мојата 40-годишнина од актерската дејност. Практично, Доктор Стокман на Ибзен беше причината поради која во животот се определив за актерската професија.

Колку години посвети на Детскиот театарски центар, како уште една многу значајна активност во твојот професионален театарски живот?

– Повеќе од 20 години трае мојата посветеност на тој театар. Основачи бевме Дритро Касапи, јас и Рефет Абази. Потоа Дритро си замина во Стокхолм. Рефет во 2008 година се посвети на професорската работа на ФДУ. Така останав сам со Центарот. На почетокот добивавме поддршка од фондации и амбасади, но откако останав сам две години добивав средства за одржување од „Сорос“, а во последниве четири години од Општина Чаир. Неверојатно е како успеав да ги преживеам последниве години и како дојдов до состојба на позитивна „нула“. Тоа никој друг не би го направил, туку само мојата состојба на лудило зашто многу сакав да се посветам на децата Албанци, кои не само што немаат театар за деца, туку и немале можност да видат театар. Пресреќен сум што Детскиот театарски центар успеавме да го институционализираме, независно што со Законот за денационализација ни е одземен просторот. Во текот на 2022 година дури и планираме театарот да се доекипира, а простор секако ќе се најде.

Има ли пензионирање за актер и уметник како тебе?

– Јас сум пензионер само во однос на месечните примања. Пред десетина дена имав нова премиера во Косово. Имав понуда да работам и во новата претстава на Албанскиот театар во Скопје, но морав да ја одбијам од здравствени причини. Инаку, имам и други конкретни проекти што сакам да ги работам. Со Иван Поповски од Москва сме во контакт за нов проект што би го подготвиле за следното „Охридско лето“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот