ИНТЕРВЈУ | Филип Темелковски, градоначалник на Општина Кисела Вода: Најмногу време и енергија потрошив на разрешување на урбанистичкиот хаос

Првиот човек на Кисела Вода, Темелковски, говори за наследените долгови и ДУП-ови, за приоритетите за оваа година, но и за поддршката од граѓаните што чувствуваат дека општината е на нивна страна

П. Кои се приоритетите што планирате да ги сработите во Општина Кисела Вода во последниве месеци од Вашиот актуелен мандат, со оглед на тоа што 2021 е изборна година?

-Плановите се многу, желбите и потребите уште повеќе, а очекувањата на граѓаните разбирливо неограничени. Кога ќе се соочиш со реалноста, а во Кисела Вода тоа беше наследен долг од 184 милиони денари што е еквивалентно со општинскиот буџет наменет за капитални инвестиции за една или две години, работите веќе добиваат друга димензија. Тоа што е изборна година единствено го намалува просторот за дејствување со оглед на законските ограничувања, инаку по ништо нема да влијае врз нашата работа. Нема да работиме ни повеќе ни помалку од досега. Активности во Кисела Вода се одвиваат континуирано од првиот ден кога сум дојден за градоначалник. Можеби несвојствено за градска општина, мандатот го започнав со решавање на насушните основни потреби со изведба на инфраструктурни објекти канализации, атмосферска канализација, водовод и асфалтирање улици. Во оваа година ќе имаме малку повеќе енергија и финансии да се посветиме на реставрирање на зелените површини во општината и уредување на урбаните делови, кои досега морам да кажам, за жал, не беа на листата на приоритети, а причината веќе ја споменав, беше наследена! Планирано е асфалтирање на неколку улици кои никогаш не биле асфалтирани и реконструкција на неколку постоечки кои се во многу лоша состојба.

П. Општината станува пренаселена. Сметате ли дека интензитетот на изградба на станбени објекти треба да се намали?

-Општина Кисела Вода се соочува со друг проблем, а тоа е неразумното и непланско градење односно ДУП-овите донесени во периодот 2013-2017 го нарушуваат секое разумно очекување и тоа особено во деловите на потегот помеѓу Рампа (МЗ Цветан Димов), Шампионче и Расадник, каде што зградите се премногу густо поставени, а узурпирани се и улиците и целиот слободен простор и тоа создава привид на пренаселеност. Тоа е процентуално мал дел од територијата на општината, а пренаселеноста се асоцира поради недостаток на паркинг-простор поради злоупотреби и непочитување на законските обврски и уште побитно човечки здраворазумски услови за густина на градба. Како единствено изводливо решение имаме предвидено изградба на катни гаражи на најкритичните точки.

Филип Темеловски, градоначалник на Општина Кисела Вода Фото: Општина Кисела Вода

П. Кој е Вашиот став околу барањата на жителите на Пржино, кои неколкупати излегуваа на протест за да го искажат своето незадоволство? Каде го лоцирате проблемот?

-Проблемот во Пржино е уште еден наследен проблем кој произлегува од ДУП кој е донесен во 2016 година. Согласно тој ДУП приватни лица инвестирале и купиле одреден имот и сега започнаа со градба. Откога сум дојден на позицијата градоначалник скоро 90 отсто од моето време и енергија ги посветив на разрешување на урбанистичкиот хаос и проблеми на кои сите сме заложници. Со стручната администрација на општината и надлежни државни органи ги претресовме сите постојни ДУП-ови барајќи решенија и одговори. Неколку оспоривме пред Уставниот суд, за други за кои не бевме убедени применивме конзервативен пристап при издавање дозволи за градба. Под мое раководство стручната служба на Општината дури сега привршува одредени дополни и измени на постојните ДУП-ови за колку-толку да се санираат последиците, а на планот за Расадник сѐ уште се работи на инкорпорирање одредени забелешки и усогласување со ГУП и јас лично поради тоа сум мета на огромно незадоволство и хајка од одредени таканаречени инвеститори и креатори на овој хаос од минатото. За жал, и граѓаните се жртви и заложници на оваа ирационална состојба на претходно злоупотребена доверба и жалам што голем број чесни граѓани се соочуваат со тешкотии при градбата на индивидуални станбени објекти, но на пат сме во догледен рок да ги разрешиме овие проблеми. Според мојата визија општината мора да е сервис на граѓаните и по брза едноставна постапка мора да издава дозволи за градба. Но за тоа мора да се направаат соодветни планови и ДУП-ови кои оптимално го користат просторот и создаваат услови за пристоен, а јас би рекол достоен живот.

П. Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?

-Задоволен сум што конечно сме при крај да го решиме најгорливиот и најтежок проблем на Кисела Вода, а тоа е ДУП за Расадник, кој предизвика многу внимание на целокупната јавност. Одржавме три јавни анкети и ќе организираме уште една. Консултиравме повеќе архитекти и урбанисти. Претрпевме огромен број притисоци, обиди за влијание, се соочуваме со лични напади и квалификации, кои воопшто не се пријатни. Но во исто време се запознавме и со голем број добронамерни граѓани кои со конструктивни предлози и размислувања ни помагаат. На овој предмет цел тим работи веќе три години. Мојата визија е да создадеме простор, кој ќе ги обезбеди сите карактеристики на урбана заедница што ќе рече да добиеме своевиден плоштад или барем сквер во општината, пешачка зона, собиралиште за движење и разонода, да обезбедиме простор за неопходните јавни функции кои недостасуваат, а притоа да не го нарушиме правото на лична сопственост. Балансирањето помеѓу јавниот интерес и поединечните барања, но и просторни можности бара многу енергија и посветеност. За мене лично изградбата на 32 километри подземни инсталации, 20 километри улици, училишта и градинки, спортски терени, шеталишта… воопшто не ги сметам како успех или нешто со што би се фалел. Срам ми е и жал што има населби и жители што дури сега за првпат ги добија овие „удопства“. Создадовме и очекувања кај граѓаните, колку повеќе работиме толку повеќе барања пристигнуваат. Граѓаните гледаат дека работите се движат и првпат чувствуваат дека општината е на нивна страна и секојдневно ни пишуваат и предлагаат и бараат нови зафати. Тоа ми е желба да можеме да ги решиме сите овие барања и потреби. Во секој случај, мораме да избираме приоритети согласно расположливите средства.

Задоволен сум од разбирањето и поддршката од градоначалникот на Град Скопје, кој ни помогна за повеќе проекти. Горд сум на општинската администрација која обезбеди  проекти и поддршката од повеќе донатори. Во мојот мандат тимот на општината успеа да обезбеди 19 гранта од разни донатори со вредност од повеќе од 100 милиони денари. И се разбира за една презадолжена општина клучна беше поддршката од Владата преку Фондот за развој на рурални подрачја и Агенцијата за млади и спорт.

 П. Што направивте како градоначалник за да се реши проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух? Кои се Вашите идни активности за решавање на овој проблем?

-Изготвивме катастар на загадувачи, кој ги содржи потребните податоци за деловните субјекти, кои ја загрозуваат или можат да ја загрозат животната средина. Изработуваме и катастар на зеленило. Во дел од градинките го заменивме начинот на затоплување на просториите, а на тревните површини засадивме околу 2.000 разни видови садници. На територијата на општина Кисела Вода, ги исчистивме најголемите диви депонии. Набавивме сопствени возила и воспоставивме екипи кои се секојдневно на терен и по одреден распоред и динамика ги расчистуваат јавните површини. Од површините на кои несовесни граѓани одложуваа отпад, направивме  зелени паркови, уредени со урбана опрема.

П. За месец-два неофицијално ќе почне изборната кампања. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?

-Воспоставивме ефикасен систем и добра екипираност, ги отплативме најголем дел од наследените долгови и ги решивме најскапите инфраструктурни зафати. Ни преостануваат полесни зафати и тековно одржување и разубавување но најважниот приоритет е заштита на урбаноста на општината од непринципиелни игри и злоупотреби на кои беше изложена во минатиот период. Да, имам амбиција. Поддршката од граѓаните која ја добивам е голема. Се разбира има и поединци кои секогаш бараат повеќе, а и јас сум еден таков, кој секогаш ја подига пречката повисоко.

Приоритетите зависат од финансиите на Општината

П. Дали сметате дека како градоначалник еднакво се залагавте за развивање на сите делови од Општината?

-Дали родителот повеќе го сака едното или другото дете? Кој и како ќе го измери тоа? Кисела Вода е општина на крајности, опфаќа дел кој гравитира кон централното градско јадро кој е урбанизиран од времето и делови што се развивале без план и каде што недостасува основната инфраструктура и каде што никој досега не се заинтересирал да им обрне внимание. Јас сум градоначалник на сите и не гледам кој како гласал и кој ме поддржал, а кој не при изборите. Прв приоритет ни беа условите за здрав развој и престој на најмладите кои се недолжни за грешките на возрасните. Втор приоритет е воспоставување основни услови. Трето, одржување на постојната инфраструктура и зеленилото, и тоа ќе биде фокус на пролетните месеци. Приоритетите не зависат од енергијата или мултитаскинг на администрацијата или градоначалникот, како што ме советуваше еден мој добронамерен следбеник на Фејсбук, туку од расположливи средства и финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот