Институтот за трансфузиона медицина со успешна стратегија за крводарување и во пандемија

Крводарување

Светот во 2020 година се соочи со нов и голем предизвик, тоа беше пандемијата со SARS­CоV­2 вирусот. Оваа појава имаше негативни реперкусии на различни полиња од живеењето, а најмногу се одрази на нормалното функционирање на здравствениот систем. Болниците се соочија со зголемена потреба од персонал и медицински материјал поради големиот број болни.

Институтот за трансфузиона медицина како дел од здравствениот систем, чија улога е да снабдува соодветни количини крвни единици се соочи со овој нов предизвик. Уште на почеток се соочивме со тешкотии за психолошката подготвеност на дарителите и стравот да не бидат заразени од вирусот во тек на самото дарување. Освен тоа, голем број работни организации во кои претходно се организираа традиционални крводарителскиакции, јапрефрлијаработата онлајн. Училиштата и факултетите, исто така, онлајн ја продолжија наставата, со што ни се оневозможи организирање крводарителски акции во образовниот систем. Заради тоа, на почеток на пандемијата се соочивме со намалување на бројот на доброволни дарители на крв. Тоа нè поттикна дека треба да делуваме со нови концепти и нови идеи во организирањето доброволно дарување крв. Првично воведовме мерки со кои обезбедивме сигурни услови за дарување крв со цел подигнување на довербата кај дарителите. Со прогласувањето на пандемијата, на Институтот за трансфузиона медицина се воведе „челична дисциплина“,која се однесуваше на нови и построги критериуми во селекција на дарителите, во однос на постоење симптоми, контакт со болни, патување во странство и друго. Се спроведуваа сите безбедносни протоколи. Просторот каде што се одржуваа крводарителските акции на терен, половина час пред почетокот целосно се дезинфицираше, а потоа се поставуваше опремата, креветите, се воспоставуваше ред при дарување, со цел избегнување метеж, мерење телесна температура, држење растојание, носење маски и други мерки, согласно светските препораки.

Се спроведе успешната стратегија од Институтот за трансфузиона медицина и општинските организации на Црвениот крст во промоција и унапредување на крводарувањето во секојдневна координација со службите кои повикуваа дарителите. За дополнителна мотивација во крводарувањето се вклучија и јавни личности, како претседателот на државата, претседателот на Владата, министерот за здравство, градоначалници, директори на јавни институции, директорите на клиниките, лекарите кои спасуваат животи, видни личности од православната и исламската заедница, како и многу други авторитети од јавниот живот со личен пример ја искажаа својата хуманост.

Во оваа хумана мисија свој придонес даде и приватната општа болница Ре­ Медика која организираше традиционална крводарителска акција за својот јубилеен 15­ ти роденден во која учествуваа вработените во болницата.

Ова беше една од првите организирани акции од почеток на пандемијата, која нè подготви за предизвици со кои бевме соочени, во врска со реалните потреби од крв и организирање и спроведување крводарителски акции. Свој придонес во хуманата мисија имаше и крводарителската акција во Клиниката „Жан Митрев“, каде вработените и покрај своите работни обврски најдоа време да ја покажат својата несебичност и алтруизам. Би сакале да го истакнеме хуманиот гест на Жан Митрев, кој меѓу две операции даруваше крв. Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ се организираа дури пет крводарителски акции. На секоја од нив имаше огромен интерес, а вработените несебично ја даруваа скапоцената течност. Голема благодарност до клиничката болница „Аџибадем Систина“ како општествено одговорна компанија која е активен учесник во повеќе хуманитарни акции, а крводарителските се секогаш со приоритет. Во организацискиот план за одржување крводарителски акции се вклучија и студентите под мотото „Хуманоста на испит“.

Акциите беа поделени во четири универзитетски кампуси и тоа кампусот на клиничкиот центар, на ФЕИТ, на Природноматематичкиот факултет и општествениот кампус, како и факултетските кампуси во Битола, Штип и Тетово. Со ваквата организација се поддржува идејата да се регрутира младата популација, која е иднината на државата и крводарувањето. Тука учествуваа и шефовите на катедрите, кои истовремено даруваа крв, проф. д­р Соња Бојаџиева, проф. д­р Тања Макаровска Бојаџиева и проф. д­р Горан Димитров. Покрај онлајн наставата, со голема помош и придонес од Даниела Адамова, раководител на сектор за образование на Град Скопје, успеавме да ги организираме учениците од средните училишта да даруваат крв. За поголем дел од нив ова беше прво искуство, а за нас надеж дека ќе станат редовни крводарители. Исто така, беа вклучени и средношколците од другите градови низ државата. Институтот за трансфузиона медицина секојдневно, според потребите од крвни единици, се вклучи во повикување крводарители од потребните крвни групи. Свој придонес даде и движењето „Караван на хуманоста“ што опфати крводарителски акции организирани во различни градови и еден вид „натпревар“ меѓу нив во обезбедување најголем број дарители. Секако, за спомнување е „Празникот на хуманоста“, акција која традиционално се одржува по повод роденденот на Тоше Проески на 25 јануари во Скопје и во родното Крушево.

Комуникацијата на дарителите и Институтот се одржува со помош на FB Page BLOOD BANK–TENK, каде на неделно ниво се објавуваат информации за крводарителските акции со место и време на одржување, како и други важни информации поврзани со крводарувањето. Голема заслуга во промовирањето на крводарувањето имаат и медиумите.

Институтот за трансфузиона медицина и општинските организации на Црвениот крст успеаја да ja обезбедат потребната бројка на крвни единици за време на пандемијата. И покрај предизвиците со кои се соочивме со нашата пожртвуваност, посветеност и професионалност, придонесовме здравствениот систем да функционира соодветно и ниту еден пациент да не остане без потребниот лек­крв. Во сето горенаведено, свој придонес имаа крводарителите кои ние ги прогласивме за ХЕРОИ, кои со својата хуманост, пожртвуваност и алтруизам несебично помогнаа во овие тешки времиња.

Автор Прим. д-р Горан Андонов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот