Институциите кои не инвестирале ќе останат со празни раце

Димитар Ковачевски - премиер на РСМ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека лани биле реализирани речиси 90 проценти од предвидените капитални проекти, а вредноста на инвестициите на државата по тој основ во последните три години изнесува 1,1 милијарда евра

Согласно воспоставениот механизам на Министерството за финансии, на сите институции кои не го реалирале планот за капитални инвестиции, парите им се одземени и се префрлени на други корисници, рече премиерот Димитар Ковачевски, кој побара време да ги прочешла буџетските ставки за да види кои министерства не ја завршиле својата обврска за инвестирање. Како најдобри „инвеститори“ за лани, пак, тој ги издвои министерствата за образование, за труд и социјала и за екологија.

Премиерот се пофали дека лани биле реализирани речиси 90 проценти од предвидените капитални проекти, а вредноста на инвестициите на државата по тој основ во последните три години изнесува 1,1 милијарда евра. Поединечно ја потенцираше изградбата на патот Крупиште-Кочани, гасоводот до Битола, изградбата на нови училишта и градинки, а го најави и довршувањето на изградбата на браната Коњско, како втора најголема во државата.

-Фактите покажуваат дека и покрај тоа што минатата година беше критична од повеќе аспекти, што оставаше сомнеж дека нема да се успее, сепак имаме реализација на капитални проекти од речиси 90 проценти од проектираното, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години. Сето ова го направивме со цел да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните, рече на прес-конференција премиерот Ковачевски.

Споредено со 2014 година кога капиталните инвестиции беа во вредност од 286 милиони евра, како што рече премиерот, тие лани се искачија на 465 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 60 проценти. Според премиерот, се бележи пораст на капиталните инвестиции во повеќе ресори кои се клучни за развојот на државната, а само во последните три години во услови на пандемија и светска енергетска и економска криза се реализирани капитални инвестиции во вредност од 1,1 милијарда евра.

Нивото на планираните инвестиции во Буџетот за 2023 годинава е повисоко за 58 проценти и изнесува околу 800 милиони евра, а средствата ќе се обезбедат од Буџетот, ИПА фондови и од заеми.

-Плановите за реализацијата на капиталните инвестиции догодина се достижни. Се издвојуваат автопатот Кичево-Охрид, чија изградба е реализирана со 75 проценти и ќе биде завршен догодина, а тука е и сериозната изградба на Коридорот 8, автопатот кон Албанија – посочи Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот