Илјадници полицајци го обезбедуваат Стариот град во Ерусалим спроти Рамазан

Ридот на Храмовите во Ерусалим е свето место, но и критична точка на која почнувале судири - Фотографија ЕПА, Алаа Бадарнех

Не се подготвивме за да го пречекаме празникот, зашто постиме веќе пет месеци, вели Палестинката Маха, мајка на пет деца

Палестинците во мачна атмосфера ги прават последните подготовки за светиот месец Рамазан, прв откако почна војната во Газа.

Израел, пак, распореди илјадници полицајци во центарот на Ерусалим, за да спречат провокации, инциденти и судири околу џамијата Ал Акса, каде што се очекуваат десетици илјади муслимански верници.

Ридот на Храмовите е централното место во Ерусалим и едно од најсветите места за Евреите и муслиманите, но и критична точка на која избувнувале судири и востанија. Со пресметките пред џамијата Ал акса во 2021 година почна претходната војна помеѓу Израел и Хамас, која траеше само десет дена.

Сега ситуацијата е многу понапната. Египет, Катар и САД не губат надеж дека до почетокот на Рамазан може да ги убедат Израел и Хамас да прифатат прекин на огнот, заради ослободување израелски заложници и доставување хуманитарна помош до гладните и очајни Палестинци во Газа.

Министерот за безбедност Итамар Бен Гвир во февруари побара затворање на сите приоди до Ал Акса, но премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека храмот ќе биде достапен за приближно ист број верници како и лани.

– Ова е наша џамија и мораме да се грижиме за неа. Мораме да ги заштитиме муслиманите во џамијата, да може да влезат мирно и безбедно – изјави за Ројтерс Азам ал Хатиб, директор на фондација што се грижи за џамијата Ал Акса.

Рамазан почнува во понеделник. Во Стариот град во Ерусалим ги нема вообичаените празнични украси.

– Решивме годинава да не го украсуваме Стариот град во Ерусалим, од почит кон крвта на нашите деца, старите и мачениците – изјави Амар Сидер, лидер на муслиманската заедница во центарот на Ерусалим.

Полицијата објави дека ќе настојува да обезбеди мирна прослава на муслиманскиот празник. Преземени се дополнителни мерки за „сузбивање провокации и дезинформации“ по социјалните медиуми. Во изминатите денови беа приведени 20 лица осомничени дека планирале „терористички напади“.

Полицијата лани не можеше да обезбеди мирно одбележување на Рамазан во Ерусалим. Нереди избувнаа кога полицајци навлегоа во комплексот на Ал Акса.

Подготовки има и во Газа, каде што 2,3 милиони Палестинци страдаат од глад и од жестоката пресметка на Израел и Хамас. Стотици илјади луѓе, особено оние што се концентрирани во јужниот град Рафах, живеат во пластични шатори.

– Не се подготвивме за да го пречекаме Рамазан, зашто постиме веќе пет месеци. Нема храна, само малку конзерви и ориз. Храна се продава за астрономски суми и не можеме да си го дозволиме тоа – изјави за Ројтерс Палестинката Маха, мајка на пет деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот