Иако сериозните бугарски политичари се оградија од шоуменот: Државата мора да реагира на провокациите на Трифонов

Слави Трифонов / Фото: Profimedia

По „трговскиот“ предлог „визи за деблокада“ на Трифонов, завчера и вчера во Бугарија следуваше серија од оградувања од трите коалициски партии. Координаторот на пратеничката група на ПП Андреј Ѓуров рече дека Бугарија има јасен став за односите со Македонија.

Владата и Министерството за надворешни работи засега не реагираат на провокативниот говор на лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов, кој е коалициски партнер во бугарската влада и од чии ставови вчера се оградија останатите три партнери – Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ).

Од Владата и од МНР до затварањето на овој број од весникот, не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали реагирале и во која форма е реакцијата на тоа што Трифонов редовно ги ословува Македонците со навредливиот израз „Северномакедонци“, како што е и случајот деновиве кога тој преку статус на Фејсбук им понуди „пазар“ на САД и на ЕУ да ги укинат визите за Бугарите, во замена на тргање на ветото за македонските преговори со ЕУ.

Кордалов: Секогаш да се реагира на „Северномакедонци“

Според комуникологот Бојан Кордалов, Владата треба да формира служба што ќе реагира секогаш кога каде било во светот ќе се употребат зборовите „Северномакедонци“ и „северномакедонски“.

– Овој говор на Слави Трифонов со сигурност е грешка, погрешно толкување на Преспанскиот договор, според кој ние сме Македонци, граѓани на Република Северна Македонија и секое поинакво ословување е грешка. Е, сега, комуникациски, со тоа „пардон“ што го користи Трифонов пред да каже „Северномакедонци“, очигледно сака да постигне нешто со тоа истакнување. Но, што и да сака тој лично да постигне, суштината е дека нема подобар начин од позитивниот начин на комуникација доколку се сака да се реши некаков спор. Според тоа, имаме две можности – ако сакаме соработка со Бугарија и заедничка иднина со европски вредности, тогаш мора да го градиме тоа заедништво со позитивен наратив, а ако користиме негативен говор, проблемот само ќе се продлабочува, а решението ќе биде сè подалечно – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Според него, балканштината во регионот ќе се победи со професионализам.

– За употребата на именката „Северномакедонци“ и придавката „северномакедонски“, колку што сум запознаен од медиумите, Владата досега реагирала на такви случаи во Германија, во Португалија итн. Но, важно е да се развие една служба, која на организирано, институционално ниво ќе реагира на ваквите примери. Имаме Преспански договор кој е внесен во Обединетите нации, има меѓународно право, па таа служба треба да реагира на секоја грешка во ословувањето и употребата на придавката, без разлика дали е намерна или ненамерна – вели Кордалов.

По реакциите во бугарската јавност што се движеа од тоа дека Трифонов ги уценува САД, до тоа дека е подготвен да ги жртвува бугарските интереси и да направи отстапки кон Македонците за некакви си визи, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување“ дека „РС Македонија задолжително треба да ги исполни сите точки од Договорот за пријателство, а ‘Северномакедонците’ да си ги признаат историските бугарски корени“.

„Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно“, повтори Трифонов.

Арсовски: Хумор што може да ја растури бугарската влада

Според амбасадорот Љупчо Арсовски, ставовите на Трифонов се хумор и се несериозни.

– Ова е несериозна изјава на какви сме навикнале на политичарите од источниот сосед, особено од објавувањето на Декларацијата во нивниот парламент, по која следуваше прилично агресивен владин Меморандум доставен до сите земји на ЕУ, со кој практично се затвори можноста за отпочнување преговори со Унијата. Фактот што од оваа изјава се оградија повеќе бугарски политичари особено од коалициониот состав, зборува дека се работи за обид на овој „сестран уметник“ (само слаб политичар) да го сврти вниманието на својата „публика“, но и да најави свој натамошен посилен настап на политичката сцена. Факт е дека тој не прими реакција на соодветни нивоа од ЕУ, туку „ударот“ го прими новоименуваната министерка за надворешни работи на Бугарија, која е од неговата партија и тоа на особено високо ниво. Се чини дека  американската страна ѝ одржала добра лекција – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека ваквите излети може да направат проблеми во владината коалиција во Бугарија.

– Да потсетиме дека и новиот министер за одбрана исто така пребрзо даде изјава дека нема потреба од распоредување трупи на НАТО на бугарска почва поради кризата со Украина и Русија. Вметнувањето на отвореното прашање околу ветото со Македонија и неговите потценувачки именувања за Македонците, го дополнуваат овој бесмислен хумор, кој може да најави дополнителни компликации во билатералните односи, но и во самата нова коалиција. Влегувањето на Бугарија во Шенген зоната „со трговија“ и укинувањето на американските визи е исто така смешен предлог, бидејќи и двете барања се под строги правила и критериуми – вели амбасадорот Арсовски.

По „трговскиот“ предлог „визи за деблокада“ на Трифонов, завчера и вчера во Бугарија следуваше серија од оградувања од трите коалициски партии. Координаторот на пратеничката група на ПП Андреј Ѓуров рече дека Бугарија има јасен став за односите со Македонија.

– Имаме стратегија разговорите да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само за историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство. Ова е ставот на коалицијата и на ПП – изјави Ѓуров.

Според него, работите што ги споменува Трифонов, не треба да се поврзуваат една со друга.

– Тоа не функционира на меѓународно ниво, да се поврзува една одлука со друга – вели тој.

Копретседателот на Демократска Бугарија Атанас Атанасов изјави дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оцени дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на Македонија во ЕУ.

– Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите – рече Атанасов додавајќи дека ДБ не го поддржува предлогот на Трифонов.

И потпретседателот на бугарското Собрание Кристијан Вигенин од БСП се огради од изјавата на Трифонов посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на РС Македонија.

– Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес – оцени Вигенин.

Тој рече и дека одржувањето на Консултативниот совет за национална безбедност на тема РС Македонија е „добра можност за да се добијат нови информации и за споделување политички ставови за следните чекори“.

Бугарите во нашиот Устав, Бугарија да им даде права на Македонците

Андреј Петров, член на новото раководство на СДСМ, вчера го повтори ставот дека Бугарите биле окупатори, а не администратори за време на Втората светска војна и дека не ни е потребна ЕУ по секоја цена.

– Не можеме да ја менуваме историјата, за мене Бугарите биле окупатори, а не администратори. Не можеме да зборуваме за јазикот и идентитетот поради тоа што тоа е слобода, тоа е нешто што не зависи од никој друг туку зависи од нас самите и е факт што се случува на повеќе катедри на универзитети низ целиот свет. На прашањето на Уставот, не е проблем да влезат Бугарите во македонскиот Устав, бидејќи тоа покажува дека ние сме различни народи, но нормално е дека тоа треба да биде со реципроцитет, решавање на правата на Македонците во Бугарија, на македонското малцинство во Бугарија – изјави Петров вчера на „Телма“.

Советничка на Петков ја подготвува неговата посета на Скопје

Советничката за надворешна политика на премиерот Кирил Петков, Весела Чернева, на 2 јануари го посетила Скопје, јави БНТ, а Владата на Република Бугарија ја потврдила информацијата.

Чернева била во Скопје по наредба на премиерот Петков, со цел да се подготви претстојната посета на Петков со идниот македонски премиер Димитар Ковачевски.

БНТ пишува дека Петков најавил дека во Скопје ќе се сретне со Ковачевски, кој го наследи Зоран Заев, а во меѓувреме организации на Бугарите од РС Македонија со писмо до сите бугарски институции побарале да бидат вклучени во преговорите со Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот