Иако од мешаната комисија се очекува „нова динамика“: Историчарите на различна фреквенција од премиерите

Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров/ Фото: МИА

Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија – вели Драги Ѓоргиев, копретседавачот од македонска страна.

Кога ќе има заедничко прифатливо решение со Бугарија, тоа нормално ќе биде комуницирано во согласност со процедурите, законите и Уставот на државата кај нас, а досега сите комуникации што нашето МНР ги има со МНР на Бугарија, се во фаза на работни документи, рече вчера премиерот Димитар Ковачевски. Тој додаде дека е внесена нова динамика во разговорите со Бугарија и е договорен нов пристап во разговорите, свртен на реални теми, за што на заедничката владина седница во Софија се формирани работните групи за економија, инфраструктура, образование и култура и за евроинтеграции.

Премиерот рече и дека меѓу министерствата ќе имаат комуникација според потребите, особено меѓу министерствата за одбрана, бидејќи и РС Македонија и Бугарија се членки на НАТО, а динамична работа и резултати се очекуваат и од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања.

– Во Комисијата ветија дека ќе има нова динамика во наредниот период, со цел да дојдат до решенија што тие ќе можат да ги презентираат пред јавноста – рече вчера Ковачевски при посета на училиште во Прилеп.

Наспроти политичарите кои очекуваат резултати, историчарите од Мешовитата комисија веќе најавуваат дека резултатите нема да дојдат толку брзо, ако воопшто дојдат.

– Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија – вели Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна, прашан да ги коментира последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров дека во Комисијата нема напредок „поради неподготвеноста на колегите да прифатат дека имаме заедничка историја што почнала во средниот век“.

Ѓоргиев вели дека од двете страни зависи колку ќе се овозможи приближување на ставовите, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците.

– Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика, всушност се минираат исходите на средбите – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој најавува дека до крајот на мај е договорено да се одржат три средби. Претходниот договор бил да се одржат до крајот на јуни, но на состаноците во Софија минатата недела било договорено да се скрати рокот за да може и Комисијата да даде свој придонес во новата динамика на односите на двете држави.

– На заедничките разговори неодамна во Софија со колегата Ангел Димитров се договоривме дека годишно можеме да имаме најмногу шест средби, затоа што и меѓу средбите имаме многу работа. Претходно бевме договорени да имаме по пет средби годишно, сега додадовме плус една – вели Ѓоргиев.

Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи кон крајот на февруари во Софија, затоа што последната средба во живо беше во Скопје. Ѓоргиев вели дека сакаат колку може повеќе да се гледаат во живо, но тоа ќе зависи од состојбата со пандемијата.

Копретседавачот од бугарска страна Димитров за бугарските медиуми изјави дека работата сѐ уште е застаната во средниот век, по предметот што се учи во основно училиште, а по три години работа не стигнале до она што се учи во средно училиште.

– Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја што започнала во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работата на Комисијата и малите постигнати резултати – вели тој.

Димитров рече дека инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев. Но, изразува жалење дека средбата на Комисијата ќе биде по 150-годишнината од раѓањето на Делчев.

– Кога се разговара за тоа како да се подготви текст до владите за заедничка прослава, колегите од РС Македонија се движат од сегашноста во минатото – од нивната идеја за Гоце Делчев, без да зборуваат за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап што не е историски. Предлагаме прво да се оцени личноста во неговото историско време и оттаму да се разбере неговото значење за сегашноста – порачува Димитров.

Македонскиот револуционер долго време беше тема на разговори во Комисијата, а членовите не успеаја да усогласат заедничка препорака. Досега Комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности – цар Самоил, браќата Кирил и Методиј, Климент Охридски и Наум Охридски.

Тргање на ветото ќе внесе стабилност во регионот

Надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан – нагласил претседателот Стево Пендаровски во вчерашниот разговор со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, соопшти кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски го информирал Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји и се заблагодарил за интересот и за поддршката на Велика Британија за македонско-бугарскиот проблем. По дводневната посета на Македонија, Фич ќе ја посети Бугарија.

Фрчкоски: Владата треба да знае дека она што го прави е добро

Бугарската позиција околу проблемите со Македонија во последниве месеци драматично се промени со тоа што историјата е ставена во втор план. Од застарената националистичка политика, сега Бугарија се враќа на Копенхашките критериуми како услов за почеток на преговорите, вели проф. Љубомир Фрчкоски за „Утрински брифинг“.

– Кај нас работата се одвива обратно. Сега кога малку се олабавија работите, оние што постојано молчеа, сега почнаа да реагираат. Станува збор за токсична политика, која е само антивладина и не станува збор само за десничари туку и за т.н. левичари – рече Фрчкоски.

Предлогот на пратеникот Антонио Милошоски сите работи околу спорот да се дебатираат во Собранието, тој го оцени како обид за забавување на целиот процес. Фрчкоски вели дека преговорите се работа на извршната власт, а кога работите ќе се доведат до крај, тогаш може да се дискутира во Собранието.

Тој вели дека власта има чувство на одговорност, па и на вина спроведувајќи една тешка задача во решавањето на спорот со Бугарија.

– Едноставно, не може да има споделена одговорност. Тие треба да знаат дека она што го прават е во ред и да продолжат така. Таков беше пристапот на Зоран Заев кон Преспанскиот договор. Чувството на тежината на задачата, не смее да ја попречи извршната власт – вели Фрчкоски.

Според него, она што ќе треба да се реши соодветно брзо е прифаќање на решенијата 4+1, плус  став околу јазикот, односно да биде споменат како македонски, прашањето околу користењето на терминот „бугарски фашистички окупатор“, а опозицијата гледа дека оваа приказна е успешна и сега сака да ја отежне работата со барањето за вонредни избори во јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот