И оризот влегува во стоковните резерви, производителите задоволни

Производителите на ориз велат дека имаат доволно складиштен простор за да одговорат на законската регулатива во име на државата да чуваат стоковни резерви

Во Законот за стоковни резерви се додава и оризот како производ од исклучително значење за населението во Република Северна Македонија. Ова не само што ќе обезбеди поголема сигурност во снабдувањето на населението во кризни ситуациии, може да влијае и како стабилизатор на цените, ако тоа е потребно, но ова е добра вест и за производителите на ориз.

Во законските измени пишува дека „Примарна цел на предложениот закон е да се опфати оризот како производ од исклучително значење и да се создадат услови за негово чување како стоковни резерви во вид на оризова арпа“.

Во законот е објаснето и дека стоковните резерви на оризова арпа се складираат, чуваат и обновуваат кај складиштари кои поседуваат силоси или подни магацини за кои имаат одобрение за пуштање во промет на прехранбени производи издадено од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Бело злато“: Ова е добра вест, а годинава поминавме одлично

Од Здружението на производители на ориз „Бело злато“ велат дека се задоволни од грижата на Владата кон производителите на ориз. Според нив, протестите што се случија на крајот на минатата година беа резултат на несогласувањата со откупувачите кои воедно имаат и капацитети за преработка на оризовата арпа. Но, како што вели Зоран Борисов, претседател на Здружението, состојбата се нормализира и во моментов е постигната „екстра цена“.

– Откупувачите беа тие што манипулираа со земјоделците. Но, оризот одлично се продава и сега имаме екстра цена. За оризот „Андреа“ таа е 34 и 35 денари за килограм во моментов. Со тоа имаме одлична заработувачка. Досега се откупени околу 70 отсто од последнава реколта на ориз – вели Борисов.

Тој објаснува дека со измените на законот за стоковни резерви од наредната реколта ќе се откупува ориз и од страна на државата.

– Ова е добра вест за нас – дециден е Борисов.

Тој вели дека производителите на ориз имаат доволно складиштен простор за да одговорат на законската регулатива во име на државата да чуваат стоковни резерви.

Што сѐ се чува како стоковните резерви?

Според Законот, во стоковни резерви, покрај оризот што е нов продукт, влегуваат: пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.

„Стоковните резерви се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи како и при поголемо нарушување на пазарот“, пишува во Законот.

Инаку, Владата е таа што со годишната програма за стоковните резерви утврдува: вид, количина и вредност на стоките во стоковните резерви кои се набавуваат и обновуваат, рокови и начин на обновување, износ на средства потребни за финансирање на годишната програма, изградба и купување на сместувачки капацитети.

Често пати досега, кога се зборуваше за стоковните резерви и за залихите, податокот не се откруваше од страна на владата, како доверлив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот