И албанската министерка Џачка повика да се усвојат уставните измени

Албанската министерка за надворешни работи Ољта Џачка се придружи на повиците на странските дипломати и официјални претставници македонското Собрание да ги усвои уставните измени со што на земјава ќе ѝ се отвори патот на евроинтеграциите.

– Сметам дека треба да се направат измени во Уставот зашто така ќе им се отвори патот на евроинтеграциите. Ние со вас стоиме рамо до рамо и во координација за овој процес кој има нова динамика во контекстот на ставот на ЕУ за проширувањето. Важно е политичките чинители да не го испуштат овој момент зашто е отворена можноста да се движиме побрзо. Тој што ќе остане поназад ќе назадува и ќе биде тоа неповолност за граѓаните“, изјави Џачка на заедничката прес-конференција со минитерот Бујар Османи во Скопје.

Османи, пак, потсети дека 2030 година е историска можност, како што рече, да бидеме сите внатре во ЕУ.

– Дали ќе ја искористиме таа шанса или ќе го повториме тоа што ни се случи пред 15 години како со Грција, останува во наши раце. Дали ќе се изолираме или ќе бидеме дел од овој брз воз што вози директно во Брисел е одлука на секој пратеник во Собранието, рече Османи.

Тој додаде дека не е фер да бараме од Албанија, ако не успеме да ги направиме уставните измени, да застане и да не продолжи, бидејќи, како што рече, процесот е индивидуален се базира на меритократија на секоја држава посебно.

Османи оцени дека со Албанија повторно заеднички успешно минуваме низ скрининг процесот, ги спроведуваме внатрешните реформи и одлучно чекориме кон полноправно членство во ЕУ.

– Сојузници сме во НАТО со стопроцентна хармонизација на својата надворешна политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, тоа испраќа јасна порака за нашата јасна припадност и посветеност на западните принципи и вредности, рече Османи.

Албанската министерка Џачка информираше дека дискутирале за начините како може да се интензивира соработката не само во инфраструктурата, туку и во делот на енергијата, трговската размена, културата, туризамот и образованието.

-Делиме заедничка визија. Нашите влади имаат пријателска и конструктивна комуникација за широк спектар на прашања. Се чувствувам горда што соработката меѓу двете земји е модел за соработка меѓу соседите во нашиот регион. Нашите држави не само што успеваат да ги интензивираат работите на билатерално ниво туку даваат придонес се поголем во регионална смисла, а посебно во гаранцијата на нејзната ориентација кон евроантлантските перспективи, рече Џачка.

На средбата се разговарало и за економската соработка која што е оценета како успешна, но недоволна, со потреба на бизнисите и на граѓаните да им се обезбедат уште повеќе потенцијали за размена и соработка.

Османи уште информираше дека утре ќе има министерски состанок на САД-Јадранската повелба под претседавање на нашата земја на кој ќе се разговара за регионалните предизвици, но и за новите состојби во меѓународните односи предизвикани од руската агресија во Украина.

Министерката Џачка денеска беше примена и од претседателот Стево Пендаровски со кого разговарале за континуираниот политички дијалог и севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави, за билатералниот скрининг на двете држави со ЕУ, за состојбите во регионот, со фокус на дијалогот Белград-Приштина по последната рунда разговори во Охрид, како и за случувањата во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот