Хунтата на Мјанмар ја загуби контролата врз важен град на границата со Тајланд

Фото: EPA-EFE/LYNN BO BO

Бунтовничките групи во Мјанмар наводно, ја презеле контролата врз важниот трговски град Мјавади на границата со Тајланд, пренесе ДПА.

Рано утрово револуционерен сојуз предводен од вооруженото крило на Националната ослободителна армија Карен (КНЛА) го зазеде последниот воен гарнизон во градот, јавија локалните медиуми и очевидци.

– Ситуацијата не е многу јасна во моментот, но силите на КНЛА го зазедоа последниот воен пункт во Мјавади и војниците бегаат од кампот, изјави за ДПА член на бунтовничкиот сојуз.

На армијата и е тешко да ги засили трупите во Мјавади, бидејќи има само еден главен пристапен пат кој го надгледуваат бунтовниците, рече тој.

– Затоа е тешко војската да го врати Мјавади во моментов, додаде тој.

КНЛА е вооружено крило на Националниот сојуз на Карен, најстарата бунтовничка група во мултиетничката држава Мјанмар. Се бори за слобода повеќе од 70 години и нуди заштита на многу внатрешно раселени лица од државниот удар во февруари 2021 година.

– Слушнавме дека војниците на хунтата бараат од тајландските власти да им дадат заштита во Тајланд, рече жител од Мае Сот на тајландската страна. Мостовите на реката Моеи ги поврзуваат двете села.

Тајландската армија беше распоредена покрај реката со бројни оклопни возила и засилен безбедносен персонал.

За мјанмарските генерали, ова е уште еден тежок удар откако пред само неколку дена изгубија град на границата со Кина од бунтовниците од Армијата за независност Качин (КИА).

Мјавади се смета за едно од најважните трговски места меѓу поранешна Бурма и Тајланд. Многу жители побегнале во Мае Сот во соседната земја.

Тајландскиот министер за надворешни работи Парнпре Бахида-Нукара неодамна изјави дека неговата земја е подготвена да прими 100.000 бегалци од Мјанмар.

Мјанмар е заглавен во хаос и насилство по соборувањето на демократски избраната влада во февруари 2021 година. Воената хунта, која ја собори и приведе тогашната шефица на владата Аунг Сан Су Чи, се наоѓа под зголемен притисок.

Бунтовниците веќе и нанесоа големи загуби на армијата во Мјавади на крајот на минатата недела. Од вторникот има нови жестоки борби. Војската одговори со воздушни напади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот