ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Љупчо Николовски: До 15 март целосна исплата на сите субвенции

Љупчо Николовски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Говорејќи за политиките на субвенционирање во земјоделието, ресорниот министер Љупчо Николовски во Слободен печат рече дека оваа Влада во изминативе три години исплатила 360 милиони евра за субвенции и тоа само по една програма, а таа е за директни плаќања.

Како споредба Николовски потсети дека од 2014 година до 2016 година се исплатени околу 290 милиони евра за субвенции, и никогаш субвенциите не биле толку бргу исплатени, вели министерот Николовски.

Денес имаме брза и навремена и привремена субвенција како што тоа го направивме во декември. Еве најавувам дека следи во месец март, поточно до 15 март буквално целосна исплата на сите основни субвенции“. Во минатото сите пари се чуваа на страна, за два дена пред изборите, во петок, да бидат исплатени 48 милиони евра – посочи Николовски.

Според зборовите на министерот за земјоделие последната цена на откупот на тутунот достигна рекорди од 465 денари со највисока субвенција.

„Едно време субвенцијата беше 60 денари линеарно, денес за прва класа имаме 100 денари субвенција. Пред неколку години 2013 г. или 2014 година цената на килограм тутун беше 127 денари, а таа денес изнесува 365 денари. Но, расте и преработувачката индустрија, а тоа се гледа преку извозните бројки. Извозот достигнува и до 80 милиони зашто црпеа од ИПАРД програмата – вели тој.

Според министерот земјава е лидер во регионот по извоз на вино.

„Извозот на македонско вино достигна рекорд од 59 милиони евра, што никогаш не било и како никогаш досега се извезува најголем процент на флаширано вино. Ние сме први во регионот во 2023 година, станавме прва земја во регинот пред Бугарија, Грција, Словенија пред Хрватска по извоз на вино, односно 13-та земја во светот. Тоа е резултат на сите политики кои ги преземавме“ посочи Николовски.

Како што објаснува Николовски за жал опозицијата многу закони ги блокира во Собранието кои се однесуваат на развој на винската индустрија а еден од нив е и законот за решавањето на проблемот кој денес го има во Св.Николе, за што се поднесени измени на законот.

„Зборуваме за измени на законот за земјоделско земјиште каде што токму во овој изборен процес токму на сите оние кои ќе им истече договорот, а за да земат субвенција за оваа тековна година имаме измени на законот во собраниска процедура. Тоа се прави се со цел да не бидат избришани од регистарот на земјоделските стопанства и да можат да го остварат правото со стариот договор земање на субвенции. Овој закон е блокиран од собраниската комисија предводена од опозицијата“ – објасни Николовски.

Како што објасни тој со законот за прв пат се обидуваме да забраниме трајна пренамена на земјоделското земјиште и истиот е заглавен со над 700 амандмани од страна на опозицијата.

– Постојано сме на терен и секоја една мерка предложена од земјоделците ја анализираме внимателно и ја вградуваме во нашите програми и токму затоа мислам дека сме едни од ретките каде што и нема протести за разлика од цела Европа, оценува Љупчо Николовски во интервју за Слободен печат.

Повеќе од интервјуто со министерот за земјоделие погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот