Хрватска воведува посебно кривично дело „тешко убиство на жена“, во Македонија за четири години имало дваесетина случаи на фемицид

Фото: Профимедиа

Хрватска соопшти дека воведува нови мерки и построги казни за борба против насилството врз жените, како и специјалното кривично дело тешко убиство на жена. „Приоритет е построго казнување на насилството и зајакнување на правата на жртвите“, рече премиерот Андреј Пленковиќ на презентацијата на мерките на средбата со претставници на институции и здруженија на граѓани во Загреб.

Станува збор за измени на повеќе закони, а меѓу новитетите, покрај кривичното дело фемицид, има и притвор за прекршување на заштитните мерки, повисоки казни за силување и информирање на жртвата за ослободување на сторителот.

„Одлучивме да испратиме јасна и недвосмислена порака до сите сегменти на општеството дека е неприфатливо да се убива жена, бидејќи е жена. Затоа воведуваме посебно кривично дело – тешко убиство на жена, фемицид, за кое ќе се казни со затворска казна од најмалку десет години до долготраен затвор“, рече Пленковиќ.

Со измените и дополнувањата на повеќе закони, меѓу другите, Кривичниот законик, Законот за заштита од семејно насилство, Законот за судовите и Законот за семејство, се укинуваат застареноста на сите тешки кривични дела сексуална злоупотреба и експлоатација на деца, се воведува правото на жртвата да поднесе жалба против решението за заштитна мерка, а полицијата добива овластување да го приведе насилникот кога постои сомневање дека е прекршена мерката.

Измените на законот ќе бидат пуштени на јавна расправа до крајот на следната недела за да бидат усвоени на почетокот на 2024 година. Граѓанските здруженија и Народниот правобранител за родова еднаквост ги поздравија најавените мерки.

Во Северна Македонија од 2019 година досега евидентирани се дваесетина случаи на фемицид . За четири години се покренати 17 кривични постапки за фемицид, во кои се убиени 19 жени. Повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови, покажува најновиот извештај за фемицид во Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот