Хо, хо, хо!

Верувате ли во Дедо Мраз?

Тоа е оној белобрад дедо, кој е насекаде околу нас, а ете веќе утревечер, на Бадник, ќе им дели подароци на децата што биле умни цела година. Сиот во скарлетно, се спушта низ оџаците и остава подароци во обесените шарени чорапчиња или под накитените елки, а притоа се облажува со ликер или колаче оставени специјално за него. Живее некаде во Лапонија, кај Северниот пол, каде што во скриената фабрика волшебните џуџиња цела година му помагаат да ги прочита писмата со желби од децата, да ја наполни торбата со играчки и бомбони за да може да ги подели, секому според желбата. А, кога ќе тргне со санката, во живо го следат сателитите на НОРАД. На Пентагон, еј!

Скептици ја отфрлаат оваа приказна што ги надминува границите на просторот и времето. Статистичари пресметале дека за да подели подароци за 2,1 милијарда деца на планетата, Дедо Мраз мора да посети 842 милиони домови од Њу Фаундленд до Нов Зеланд. Супермоќни ирваси со моќ натприродна десетици илјади пати би морале да ја влечат санката од 400.000 тони со брзина од 2.060 километри во секунда, а Дедо Мраз би имал едвај по една милисекунда за да се спушти низ оџак, да остави подарок, да дрмне чашка ликер и да грицне колаче, и така уште 842 милиони пати.
Верувате ли сега во Дедо Мраз?

Неверниците, а такви, верувајте, има многумина, тврдат дека приказната за Дедо Мраз е дрско исткаена од нишки од Свети Никола, од холандскиот фолклор и од германскиот паганизам. Скарлетниот костум му го скроила „Kока-кола“ пред речиси еден век, а митот за подароците е искован во ударно копје на конsумеризмот, кое боде и во средини туѓи на христијанскиот светец и на германските пагани и нивниот Крампус, кој патем, не наградувал умни деца, туку лошите ги тепал со стап.

Верувате ли во Дедо Мраз?

Шегаџиите, пак, прикажуваат за несреќник од Германија, работник во магацин за мизерна плата, кој исцрпен до коска и презаситен од неправди, решил да се прости од животот. На работ на мостот го запрел звук на ѕвончиња и прапорци.

– Кое лошо? – прашал брадестиот дедо, а несреќникот, да скратам, му ја кажал тешката мака.

– Не тревожи се, јас сум Дедо Мраз, сега сѐ ќе средиме. Туку, да не ти останале нешто пари, мојата тарифа е сто евра – рекол дедото.

Несреќникот брцнал во џебот и рекол: „Еве, тоа е сѐ што ми остана“.

Иако под тарифата, дедото се насмевнал и ги примил парите. На заминување, му рекол:

– Само уште нешто. Колку години имаш?

– Четириесет и шест.

– И, уште веруваш во Дедо Мраз?

Некои велат дека овој глобален крал на комерцијализмот, кој управува со сѐ што има цена, всушност и не е мит ниту лик од шеги. Името му е Џеф, живее во Њујорк, а не во Лапонија, а богатството му е проценето на 111,4 милијарди долари. Нема ирваси и санки, но торбата со подароци му е подлабока дури и од онаа на Дедо Мраз. Светот е сѐ позависен од него, а тој, пак, зависи од 750.000 вредни „џуџиња“ од кои го цица и последниот атом енергија. Компанијата „Амазон“, гигант со кој би се гордеел и вистинскиот Дедо Мраз, годинава продала и дистрибуирала подароци во вредност повисока од 200 милијарди долари. Само за божикните празници, џуџињата на Дедо Џеф селектирале, спакувале и разнесле подароци во вредност од 60 милијарди. И како да е малку што „Амазон“ остварува 51 отсто од сите желби на оние што пазарат преку интернет, па воведе привилегиран систем со гарантирана испорака за помалку од еден ден. Тоа до исцрпеност ги впрегна „џуџињата“ во халите. Им вградуваат уреди што им го следат движењето за да не безделничат, па немаат време ни да појдат во тоалет. Сѐ тоа за мизерна плата.

Ете зошто група „џуџиња“ на Дедо Џеф од Германија овој празник решија да штрајкуваат. Нивната божикна желба е пристојни услови за работа и пристојна плата. Во земјата што одамна ги надминала паганските обичаи на старите Германи, несреќниците како оној од шегата погоре се решени сурово да ги разочараат децата што обесиле чорапче над огништето и сонуваат дека ќе намине веселиот Дедо Мраз, а не злиот Крампус.

Верувате ли во Дедо Мраз?

Хо, хо, хо!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот