Израелска војска во подготовка за копнена офанзива на Газа - Израел EPA/ABIR SULTAN

Хамас е спремен за договор, атмосферата на преговорите се подобрила

Разговорите засега изгледаат најветувачки за ставање крај на војната, но сите страни предупредуваат на претпазливост околу можноста за брз договор.

Хамас во вторникот соопшти дека е подготвен да постигне договор за крај на војната во Газа врз основа на планот на претседателот Доналд Трамп, но сепак има одредени барања, во момент кога премиерот на Катар и високи американски посредници заминаа за Египет да се приклучат на индиректните преговори меѓу палестинската милитантна група и Израел, објави „Ројтерс“.

На втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел, со кој започна војната во Газа, Трамп изрази оптимизам дека има напредок кон договор. Американска делегација, во која се и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер – кој беше негов специјален пратеник за Блискиот Исток во првиот мандат – замина за разговорите.

„Мислам дека постои можност да имаме мир на Блискиот Исток,“ изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба, додавајќи дека тоа може да се прошири и пошироко од Газа.

Атмосферата била подобра одошто во понеделникот

Извор близок до преговорите рече дека тие биле прекинати за денот, а атмосферата била подобра отколку во понеделникот. Средбите в среда ќе бидат клучен показател дали е можен напредок, со оглед на присуството на високите посредници.

Премиерот на Катар, шеикот Мохамед бин Абдурахман ал-Тани, кој е еден од клучните посредници, ќе се приклучи на разговорите в среда, со цел да се поттикне планот за примирје во Газа и договор за ослободување на заложниците.

Откриени тајните планови на Тони Блер за повоено управување со Газа

На вториот ден од разговорите во египетското летувалиште Шарм ел-Шеик, висок лидер на Хамас, Халил ал-Хаја, за египетската телевизија Ал-Кахера изјави дека групата дошла „да учествува во сериозни и одговорни преговори“. Тој нагласи дека Хамас е подготвен за договор, но бара „гаранции“ дека војната ќе заврши и дека нема да се повтори.

Според властите во Газа, од нападот на 7 октомври 2023 година загинале околу 67.000 луѓе, а појасот на Газа е разурнат. Израел тврди дека тогаш биле убиени 1.200 луѓе и 251 биле однесени како заложници во Газа.

Разговорите засега изгледаат најветувачки за ставање крај на војната, но сите страни предупредуваат на претпазливост околу можноста за брз договор. Израелците се потсетуваат на најкрвавиот ден за Евреите по Холокаустот, а Палестинците во Газа се надеваат на крај на страдањата. Дури и ако се постигне договор, ќе останат отворени прашањата кој ќе управува со Газа, кој ќе ја обнови и кој ќе го финансира огромниот трошок за реконструкција.

Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе исклучија каква било улога на Хамас.

Две години по нападот на Хамас врз Израел, мирот ниту на повидок, регионот сè подлабоко дестабилизиран

Условите на Хамас

Трамп се сретна со Виткоф и со Кушнер пред нивното заминување за Египет, за да добие информации за напредокот во разговорите. Се дискутирало за безбедноста на заложниците и за гаранциите за сигурност.

Сениорниот функционер на Хамас, Фавзи Бархум, во телевизиска изјава рече:

„Делегацијата на движењето, која учествува во актуелните преговори во Египет, работи на надминување на сите пречки за постигнување договор што ќе ги исполни стремежите на нашиот народ во Газа“.

Тој додаде дека договорот мора да гарантира крај на војната и целосно повлекување на израелските сили од Газа – услови што Израел никогаш не ги прифатил. Израел, пак, бара Хамас да се разоружа, што групата го одбива.

Хамас бара трајно и целосно примирје, комплетно повлекување на израелските сили и веднаш да започне сеопфатна реконструкција под надзор на палестинско „национално технократско тело“.

Подвлекувајќи ги пречките, чадор на палестински фракции, вклучително и Хамас, објави заедничко соопштение со кое ветува „отпор со сите средства“ и нагласува дека „никому не му е дозволено да се откаже од оружјето на палестинскиот народ“.

Доколку Хамас предаде заложници, тоа би значело крај на војната, смета посредникот во преговорите 

„Израел е во судбоносни денови на одлука“

Нетанјаху не коментираше веднаш за статусот на преговорите, но на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека Израел е во „судбоносни денови на одлука“.

„Ќе продолжиме да дејствуваме за да ги постигнеме сите цели на војната: враќање на сите заложници, елиминација на власта на Хамас и гаранција дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел,“ порача тој.

Американските официјални лица посочуваат дека сакаат првично да се фокусираат на прекин на огнот и на логистиката за ослободување на заложниците и палестинските затвореници во Израел. Во отсуство на примирје, Израел продолжува со офанзивата во Газа, што ја зголемува неговата меѓународна изолација.

Противниците на израелските акции во Газа одржаа протести во Сиднеј и во неколку европски градови на годишнината од нападот на Хамас, и покрај осудите од политичари кои рекоа дека таквите маршеви ризикуваат да ја величаат насилната акција.

Надежи за пробив од двете страни

На годишнината, дел Израелци ги посетија местата најтешко погодени тој ден. Израелка застана на местото на музичкиот фестивал на југот на Израел покрај фотографијата од нејзината ќерка која била убиена заедно со својот вереник. Тие беа меѓу 364 луѓе кои таму беа застрелани, претепани или изгорени до смрт.

„Требаше да се венчаат на 14 февруари, на Денот на вљубените. Погребани се еден до друг, затоа што никогаш не беа разделени,“ рече тажната мајка.

Израелците се надеваат дека разговорите наскоро ќе доведат до ослободување на 48-те заложници кои сè уште се во Газа, од кои 20 се верува дека се живи.

Во Газа, 49-годишниот Палестинец Мухамед Диб изрази надеж за крај на конфликтот што предизвика хуманитарна катастрофа и повеќекратно раселување на Палестинците.

„Две години живееме во страв, ужас, раселување и уништување,“ рече тој.

Израел: Семејствата на заложниците бараат Трамп да добие Нобелова награда за мир

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот