Гужвата по паркинзите ќе се решава со воведување зонско во Стар Аеродром

Градски паркинг / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Од Општина Аеродром тврдат дека со ова решение комплетно ќе се задоволат потребите на станарите што живеат во околните згради, а кои досега имаа реален проблем околу наоѓањето слободно паркинг-место на кое би го оставиле својот автомобил.

Еден од најгусто населените делови на општина Аеродром, Стар Аеродром наскоро ќе добие зонско паркирање, најавуваат од оваа скопска општина од каде што тврдат дека ваквата одлука била донесена по барање на граѓаните. Претставници од локалната самоуправа, во изминатиот период на терен спровеле анкета меѓу тамошните жители, и како што информираат од Општината, мнозинството од анкетираните граѓани се изјасниле позитивно и  дале зелено светло за оваа иницијатива.

–  Населбата Стар Аеродром наскоро ќе добие зонско паркирање по барање на граѓаните, кои со години се соочуваат со недостиг на слободни паркинг-места, како и узурпација на зелени површини, пешачки патеки и тротоари од возилата. Општина Аеродром во изминатиот период спроведе анкета меѓу тамошните жители, при што над 90 отсто од анкетираните што можеа да се изјаснат „за“ или „против“, се изјаснија позитивно и дадоа зелено светло за оваа иницијатива. Анкетата опфати 18 згради што се наоѓаат на булеварот Јане Сандански и улиците 23 Октомври, Ангел Димовски и Коста Новаковиќ – информираат од Аеродром.

Оттаму објаснуваат и дека за конечно донесување на ваквата одлука, значајно придонел и фактот што станува збор за густо населен и многу фреквентен дел од општината, каде што жителите долги години имаат проблем со недостиг на слободни места за своите возила.

Од Аеродром тврдат дека со ова решение комплетно ќе се задоволат потребите на станарите што живеат во околните згради, а кои досега имаа реален проблем околу наоѓањето на слободно паркинг-место на кое би го оставиле своето возила.

– По нивно барање ќе воведеме зонско паркирање, како едно од најсоодветните решенија за овој дел од Аеродром. Зонското паркирање кое е воспоставено и во други делови од општината се покажа како успешен начин за решавање на еден од најголемите проблеми со кои граѓаните се соочуваат – рече градоначалникот Тимчо Муцунски, кој заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски изврши увид на локациите каде што ќе се воведе зонско паркирање.

Според надлежните, со оваа одлука на граѓаните, Општината во соработка со ЈП „Градски паркинг“ ќе ги преземе сите соодветни чекори за регулирање на паркирањето во овој дел, со што ќе се зголеми безбедноста на возачите и пешаците.

–  Истовремено, Општината спроведува анкети меѓу граѓаните за воведување зонско паркирање и во Ново Лисиче, а наскоро ќе започне анкетирање на жителите во Реонски центар. Интензивно и многу посветено работиме на што побрзо изнаоѓање квалитетни и трајни решенија околу проблемот со паркирањето на ниво на целата територија на Општина Аеродром – информираат од оваа скопска општина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот