Груевски стана заеднички џокер во игрите за уставни измени

Христијан Мицкоски и Никола Груевски на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово

СДСМ е уверена дека ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа и најавува дека ќе направи сè за Христијан Мицкоски да не ја земе државата како заложник, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на следните избори ќе добие 61 пратеник и ја предупредува СДСМ да обезбеди мирно примопредавање на власта!

Силно се заострува реториката меѓу двете најголеми македонски партии во изминатите три дена, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го обвини експремиерот Никола Груевски, сега бегалец и азилант во Унгарија, дека тајно преговарал со СДСМ за измените на Кривичниот законик, за овој да помогне да се фрагментира партијата и така да се обезбедат вмровски пратеници за уставните измени.
СДСМ е уверена дека ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа и најавува дека ќе направи сè за Христијан Мицкоски да не ја земе државата како заложник, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на следните избори ќе добие 61 пратеник и ја предупредува СДСМ да обезбеди мирно примопредавање на власта!
Иако ВМРО-ДПМНЕ најави дека има докази за тајната комуникација на Груевски со висок функционер на СДСМ и министер на ДУИ, до вчера не ги обелодени и покрај апелите на Груевски и на СДСМ да ги докаже тврдењата.

Мицкоски обвинува, ама не покажува докази

Наместо доказ за обвинувањата, Мицкоски вчера рече дека е згрозен од трилингот СДСМ-ДУИ-Груевски и ја обвини власта дека во следните шест месеци ќе направи сè за да го оцрни ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, во последните денови добила многу нови членови што му укажува на Мицкоски дека на изборите ќе има 61 пратеник.

– Ама на тој начин само се создава еден вид лоша практика, а потоа ние како идна влада ќе треба да го контролираме гневот што ќе се создаде во овие шест месеци и наместо да работиме од првиот ден, ние ќе треба да менаџираме ефекти од црна кампања. Мојата порака на тие во Владата е да бидат разумни и да имаме едно цивилизирано европско примопредавање на власта за неколку месеци – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски

На новинарски прашање кој ја води ВМРО-ДПМНЕ и дали судирот со Груевски е опасност за кохезијата во пратеничката група и во партијата, тој одговори дека партијата ја води раководството, структурите, членовите и активистите, а тоа дека некој друг му ја води паријата е лажна кампања.

– Граѓаните во овој момент имаат опција или да ја изберат оската помеѓу ДУИ, СДСМ и поранешни малубројни структури од ВМРО и нивните тајни средби, а Македонија да продолжи да тоне во криминал, корупција и национални порази или да избере реформи и вистинска перспектива. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било пообединето, гориме од желба да бидат распишани парламентарни избори за да покажеме колкаво е тоа единство, а после ова што се случува, бројот на граѓани што ни пристапуваат, ги надмина моите очекувања. Имаме јасен план како понатаму и наскоро ќе почнеме да го артикулираме во јавноста. ВМРО е комотна – рече Мицкоски.

На прашањето што ако сепак некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставните измени, Мицкоски рече дека 44-те пратеници во парламентот веруваат во тоа што го прават и ако нешто не се смени во условите, нема да има гласање за уставите измени додека е тој лидер. А потоа, како премиер е подготвен да разговара со Брисел, бидејќи претходниот договор не е договор на народот, туку, како што рече, на неколку корумпирани политичари, кои ја завеле меѓународната заедница дека можат да испорачаат, а не можат и по 15 месеци.

– Ако некој мисли да дивее, ние ќе се браниме – потенцира Мицкоски.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска вчера оцени дека ДПМНЕ се распаѓа и дека се големи внатрепартиските проблеми во белата палата и во анти-ЕУ кампусот.

– Јавноста е сведок дека повторно внатрешниот раздор, кавгите и поделбите во ВМРО-ДПМНЕ кои кулминираат овие денови, Мицкоски се обидува да му ги натовари на СДСМ. Обидите за создавање конфузија во јавноста и очајната потреба да ја вмеша и СДСМ во внатрешните поделби и кавги во ДПМНЕ, нема да му помогнат на Мицкоски. Граѓаните тоа многу добро го знаат. Очајниот Мицкоски воопшто да не ја меша СДСМ во меѓусебната пресметка и сам да си ги решава кавгите. Впрочем, јавноста сè уште чека одговори од Мицкоски за диловите со Груевски. Дали со тоа ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, поради незадоволството токму од него внатре во неговата партија – праша Кузеска.

Богданка Кузеска

Таа рече дека Мицкоски е бледа копија на Груевски, а неговата политика на блокада е исто така само копија на оригиналот.

– Очигледно дека има структури во ВМРО-ДПМНЕ што не се задоволни од него. СДСМ ќе направи сè и нема да дозволи Мицковски или кој било повторно да ни ја земе државата како заложник – потенцира Кузеска.

Аналитичарите порачуваат да си купиме пуканки

Аналитичарите деновиве разврзуваат разни тези што е заднината на дуелот Груевски-Мицкоски, каков ефект се очекува од таа игранка, дали станува збор за блеф или, пак, за вин-вин-вин решение сервирано однадвор. Многумина се уверени дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ сепак има внатрешен судир и покрај тврдењата за единство.

Политикологот Петар Арсовски вели дека голем дел од изнесеното е во доменот на шпекулациите.

– Не е тајна дека власта е во потрага по двотретинско мнозинство за уставните измени и најави разговори со сите пратеници поединечно, како и со сите кои можат да помогнат во процесот. Затоа, како шпекулација, сосема е можно да разговарале и со екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Будимпешта. ВМРО-ДПМНЕ има добра пол-позиција за наредните парламентарни избори. Но, тие имаат спротивен наратив од оној на меѓународните партнери кои бараат што поскоро да ги продолжиме преговорите за членство во ЕУ, а пат кон тоа се уставните измени. Наративот кој е спротивен на тоа, во секој случај ќе доведе до внатрешен конфликт во партијата, без разлика дали во тоа има удел СДСМ и без разлика дали има тајни разговори со Груевски или нема – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Петар Арсовски за Утрински брифинг
Петар Арсовски / Утрински брифинг

Според него, сегашната ситуацијата ќе покаже дали и колку навистина е влијателен Груевски во ВМРО-ДПМНЕ.

– Но, искуството покажува дека поранешните претседатели при судири или спротивставувања не поминуваат добро во партиите, односно членството секогаш останува со лидерот на партијата на подолг рок, а примери за тоа се Љупчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. Така што, на краток рок ова може да им донесе некаква штета. Ако се одлеат пратеници и да речеме десетмина гласаат за уставните измени, од тоа поголема штета ќе има Мицкоски, а помала штета ќе има самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се покажа и кога се одлеаја осуммина пратеници при потпишувањето на Преспанскиот договор, по што рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ беше во континуиран пораст, засновано на нивните понатамошни дневни активности на терен. Теоретски се е можно, но да не заборавиме дека притисокот за ЕУ има големо влијание. Да земеме кофа пуканки до декември – вели Арсовски.

Тој очекува дека декември е некој последен рок до кога власта ќе мора да ги издејствува уставните измени, затоа што тогаш е самитот во ЕУ на кој се очекува Украина да ги отвори преговорите за членство и не би било добро Македонија да заостане, иако, теоретски Владата има рок до март како последен рок за уставните измени оти потоа ќе следи техничката влада пред редовните избори кои се налето.

На аналитичарот Алберт Муслиу „случајот Мицкоски“ му наликува на примери кога некое дете во основно училиште ќе се налути некому, па бара и сите други другарчиња да му се налутат.

– Таков беше случајот со градоначалникот на Кавадарци, со градоначалничката на Град Скопје. Ова е внатрешна поделба во ВМРО-ДПМНЕ, нивна внатрешна работа што ескалира во период кога државата треба да донесе важна одлука за својата иднина и кога партијата треба да се приклучи во таа одлука. Можеби тие имаат хомогеност како пратеничка група, ама сигурно во партијата има разлики во размислувањата како да се надмине овој проблем и да се продолжи кон ЕУ. Оваа работа требаше да оди со консензус, ама за жал, Мицкоски ја пропушти таа шанса и сега треба да најде начин како да се приклучи. Ако смета дека со измените на Кривичен законик ќе има неказнивост на функционерите, нека ги условат уставните измени со одредба во Уставот дека ќе нема заостреност на гонење на функционерите што ја злоупотребиле службената положба. Ако ги изгласаат измените, секако тоа ќе има рефлексија на рејтингот, но треба да се свесни и дека рејтингот може да им настрада и ако не продолжиме со евроинтеграциите. Кој ќе биде виновен за нашиот застој, странскиот фактор? – вели Муслиу.

Според него, преписката Груевски-Мицкоски е алиби за да се случат уставните измени, а потоа Груевски да биде виновен. Се случува свесност во партијата за важноста на моментот да продолжат евроинтеграциите. Муслиу смета и дека нема ништо драматично, ако некој оди во посети на Груевски, затоа што тој има влијание во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот