Груби за косовска ТВ: С. Македонија ќе има премиер-Албанец, така се договорија Ахмети и Заев

Фото: RTV Dukagjini / printscreen

Вицепремиерот Артан Груби вечерва во интервју за косовската телевизија „Дукаѓини“ изјави дека земјава ќе има премиер-Албанец и дека тоа било договорено меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Дека на чело на Владата ќе застане Албанец, и тоа „за неколку месеци“, вчера најави и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на обраќање на партиски собир во Чаир.

„Во 2020 година смисливме модерна кампања, која одекна во Приштина и во Тирана, и велеше дека е дојдено времето за првиот премиер-Албанец, а ова исто така е и проект на Али Ахмети, да се скршат табуата. Дојде времето да се надминат предрасудите со избор на премиер-Албанец. Одлуката на народот беше: Социјалдемократскиот сојуз освои 46 пратенички места, ДУИ 15, а заедно имавме 61 пратеник“, рече Груби за косовската телевизија.

На делови од интервјуто на Груби, во кои тој вели дека етничките Македонци се плашат од Бугарите, од Грците, Албанците и така натаму, вечерва реагираше младиот правник и граѓански активист од Скопје, Умејр Муамеди, кој го критикува Груби за искажаните ставови.

„Го следам Артан Груби на косовската телевизија РТВ „Дукаѓини“ како им објаснува на Косоварите дека Македонците (како етникум) имаат страв од Бугарите, од Грците, од Албанците итн. од можни територијални поделби и генерално ги претставува Македонците како фобична нација. Триумфалистички го кажува тоа дека клучните позиции им се земени на Македонците, но не и калта и лошата инфраструктура по албанските населени места, дека нему шеф му е Али Ахмети, а не Димитар Ковачевски. Груби кажа и многу други шовинистички муабети (нешта што не одат ниту во прилог на Албанците, ниту во прилог на Македонците, а на штета на сите)“, коментира Муамеди.

Тој во објава на Фејсбук напиша и дека Груби за Македонците зборува како да му се непријатели, а не сограѓани. Муамеди вели дека премиерот Димитар Ковачевски по ваквиот настап на неговиот заменик – треба да поднесе оставка.

„Во вакви моменти премиерот треба да излезе и да даде оставка, бидејќи кога твојот заменик така се претставува, треба да му биде срам, а не привилегија дека е премиер. Македонија и официјално нема премиер односно има „британска Кралица“, а де факто премиер е Артан Груби“, коментира Муамеди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот