Грковска: Донаторската поддршка во сајбер безбедноста е неопходна, но мора да биде координирана и соодветно испланирана

Фото: Влада на РСМ

Во денешниот меѓусебно поврзан свет, од клучно значење е да се осигура дека ниту една земја нема да заостане кога станува збор за решавање на потребите произлезени од технолошкиот развој. Ова значи обезбедување на потребната поддршка и ресурси за премостување на диспропорциите меѓу земјите и справување со финансиските и политичките предизвици што се јавуваат при градењето на сајбер капацитетите, рече вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска на панелот во рамки на Глобалната конференција за градење сајбер капацитети што се одржува во Акра, Гана.

Како што истакна Грковска, помошта од развиените партнерски земји во процесот на дигитална трансформација е исклучително важна за земјите кои имаат ограничени ресурси и бројни политички и социо-економски предизвици.

Според неа, донаторската помош, особено за малите земји како што е Северна Македонија, мора да биде координирана за да нема преклопување на проектите, но мора и особено да се внимава преку таа поддршка да се постигнат одржливи и долгорочни промени.

Претставувајќи ја работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој претседава, Грковска нагласи дека особено важна е координацијата на донаторската помош, без разлика дали се работи за финансиска или експертска поддршка, бидејќи често се забележува, како што рече, појава на проекти кои се преклопуваат, што значи несоодветно искористување на добиените средства. Според неа, не е доволно да се обезбедат средства од поразвиените земји или меѓународни организации за унапредување на дигитализацијата, туку и начинот на кој таа се користи мора темелно да се испланира и имплементира. Токму затоа, додаде Грковска, таа организира месечни координации со меѓународните донатори, со цел да се избегне преклопување на проектите.

Грковска напомена и дека асиметричниот развој не создава слабости само за помалку развиените земји, туку и за меѓународната заедница.

-Откако се разгоре војната во Украина, често велам дека постојано сме во сајбер војна и мораме да бидеме целосно подготвени да одговориме на сајбер заканите. Особено што веќе имаме искуство со големи напади, кои предизвикаа проблеми за нашите граѓани и институции. За жал, требаше да се случи агресијата врз Украина за да сфатиме дека инвестициите во сајбер безбедноста се инвестиции за наша безбедна иднина, а не трошок, заклучи Грковска на панел-дискусијата „Ниедна земја да не заостане – Справување со асиметриите и политиките во градењето сајбер капацитети“ која се одржува последниот ден од Глобалната конференција што ја организира Германското федерално министерство за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот