Грција легализираше 30.000 мигранти поради недостиг на работна сила

Фото: МИА

Илјадници мигранти ќе добијат правни документи во Грција како дел од напорите за справување со акутниот недостиг на работна сила што ги погодува клучните сектори на инаку заживеаната балканска економија, објави БГНЕС. Во потег што предизвика превирања во неговата централно-десничарска партија, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го протурка законот со кој се регулира статусот на околу 30.000 илегални работници. Критичарите на законот, кој беше усвоен во парламентот со поддршка на левичарската опозиција, го опишаа како опасен. Претходникот на Мицотакис, Андонис Самарас, кој гласаше против законот, рече дека тој ризикува да ја претвори Грција во „центар на привлечност за илегални мигранти“. Во одбрана на еднократната мерка, министерот за миграција и азил на земјата, Димитрис Каиридис, изјави за Гардијан дека законот ќе помогне не само да се реши недостигот на работна сила, туку и социјалната кохезија.

„Ова е мал чекор во задоволувањето на акутните потреби на тесниот пазар на труд и голем чекор во зајакнувањето на јавната безбедност“, рече тој. Како и другите делови на Европа, Грција се бори да се справи со одливот на работници предизвикан од пандемијата ковид-19. Недостигот на работна сила најмногу се чувствува во земјоделството, туризмот и градежништвото. Земјоделските здруженија кои зависат од мигрантите за берба на овошје и зеленчук се повеќе се жалат дека нивните производи скапуваат, а руралните пратеници го притискаат Мицотакис да преземе акција. Пораснаа и стравувањата за годинешната жетва на маслинки, а земјоделците чии приноси се намалија поради климатската криза изразија загриженост поради изгледите за намалена жетва и недостаток на работна сила.

Според законот, мигрантите ќе можат полесно да го легализираат својот статус со добивање дозвола за престој на три, наместо на седум, доколку докажат дека се вработени. Грчките владини претставници побрзаа да истакнат дека со интегрирање на „невидливите луѓе“ мерката ќе помогне да се зголемат јавните приходи од даноци и придонеси за вработување. Според синдикатите, многу од работните места што луѓето од странство се подготвени да ги работат се оние што невработените Грци нема да ги сакаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот