Грчко МНР: Европскиот пат на Северна Македонија и односите со Грција зависат од спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име

Билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за инаугурацијата на Гордана Силјановска Давкова и употребата на името „Македонија“ и посочија дека оваа постапка претставува прекршување и на договорот и на Уставот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во реакцијата од грчкото МНР пишува дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“.

– Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР.

Посочија дека грчката Влада, и покрај приговорите што ги искажа како опозиција, го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор, кој надвладува која било друга законска одредба.

-Грција, во овој контекст, категорично изјавува дека дополнителниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот тек на земјата зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата, соопштија од грчкото МНР, пренесе МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот