Грчките власти договорија пониска цена на јагнешкото месо, Бугарите на јуриш по евтина храна за празниците!
Цената на јагнешкото месо во Грција, од пред два дена е намалена на 10 евра за килограм во комерцијалната мрежа, откако Министерството за развој се договори со производителите и трговците да ги намалат цените на велигденските стоки, објави БНР, пренесува порталот Телеграф.бг. Во моментов месото за најголемиот православен празник во Грција чини околу 15 евра за килограм, исто како и во Бугарија, но во преостанатите две недели до празникот, соседите ќе можат да купат поевтино за 5 евра.
Симеон Караколев, претседател на НОКА /Национална асоцијација за одгледување овци и кози, за „Телеграф“ коментира дека тоа што го прави Грција во моментов не е непозната трговска практика и е познато како инвестирање во кампања. Тој додаде дека има случаи кога комерцијалните синџири го купуваат месото од кланицата за 13,5 евра и го нудат под цената на чинење за 12 евра! Целта е да се привлечат муштерии кои освен јагнешкото, купуваат и друга стока, објасни тој. Караколев додаде дека одгледувачите на овци во Грција добиваат субвенција од 90 евра по овца. Сличен потег направија и супермаркетите во Велика Британија, кога за католичкиот Велигден го намалија јагнешкото месо на половина цена, а компирот на 25 пени за килограм, објави „Телеграф“. Караколев порача дека цените на јагнешкото месо во Бугарија не се покачени од минатата година, а од фармите заминуваат по цена од 8 до 12 лева за килограм и тие се исти како оние во соседните земји. Тој додаде дека поради доцниот Велигден ќе има и потешки јагниња чија цена за жива мера е пониска. Засега не е јасно дали во Бугарија трговците и власта ќе го повторат курсот на Грција, па оттука и се очекува голем дел од бугарфските граѓани да одат кај јужниот сосед на пазарење во комбинација со априлското море.
Во меѓувреме, грчките финансиски власти вршат увид во продавниците и за една недела веќе ги казниле трговците со 1,5 милиони евра за фиктивни попусти. Попустите за православниот празник вклучуваат детски играчки и облека, училишен прибор и велигденски слатки. Од друга страна, во Грција поскапеа рибните деликатеси, овошјето и зеленчукот.