Грчкиот селектор Заравинас ги најавува мечевите со Македонија како две пријателски средби со Скопје (!?)

Фото: facebook@Hellenic Handball Federation)

Македонската ракометна репрезентација ќе биде гостин во Солун на двата пријателски меча со Грција в петок и в сабота. Грчкиот селектор Јоргос Заравинас во изјава објавена на сајтот на Грчката ракометна федерација ги најавува мечевите со Македонија како средби со Скопје?!

Селекторот на грчката ракометна репрезентација Јоргос Заравинас во пресрет на мечевите на Грција со Македонија ги најавува пријателските средби на официјалната интеренет страница на Грчката ракометна федерација, нарекувајќи ја нашата земја „Скопје“.

– Сега во Солун ја водиме првата недела на подготовките за нашиот нов потфат, нашето учество на ЕУРО. Оваа фаза е важна за нас и ние ќе играме две силни официјални пријателски средби со Скопје. Вредно е за нас да имаме силни пријателски средби против земји што во последниве години биле постојано присутни во финалните фази од европските и светските шампионати. Ќе испробаме некои работи, ќе консолираме некои наши посилни особини и ќе се обидеме да вклучиме некои нови имиња поврзувајќи го сениорскиот национален тим со јуниорскиот национален тим што учествуваше минатото лето на светското првенство. Сениорскиот тим мора да биде отворен за младите кои си бараат место. Нашиот следен собир ќе биде на 16-17 декември во последната фаза од подготовките – е целосниот пасус од изјавата на грчкиот селектор кој ги најавува средбите со Македонија, што тој ја нарекува „Скопје“, на официјалната страница на Грчката ракометна федерација.

Линк од текстот објавен на споменатата интеренет страница на 30 октомври. Во претходните два текста на овој сајт, кои се објавени на 30 октомври и на 26 октомври, а посветени на собирот на грчката репрезентација, пријателските мечеви се најавени како средби со тимот на Северна Македонија.

Заравинас (47) е некогашен ракометар, а од 2014 се занимава со тренерскиот занает. Селектор на Грција е од 2021 година.

Инаку, двата пријателски меча Грција – Македонија ќе се играат во Солун в петок и в сабота, како дел од ЕХФ-неделата.

Грција првпат ќе учествува на европско првенство, а за Македонија, која на европските првенства дебитира во 1998 година, учеството на ЕП 2024 ќе биде осмо, а седмо во низа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот