15 C
Скопје

Граѓанските здруженија бараат учество на јавноста во одлуките за отворање рудници

Иако е 20 години потписничка на Архуската Конвенција, државата ја има „заборавено“ обврската да ја праша јавноста за мислење кога е во прашање отворање на рудници на својата територија, а тоа не го предвидува ниту новиот предлог на закон за минерални суровини, чиешто донесување по итна постапка во Собранието во јануари беше повлечено под притисок на еколошките здруженија. Токму спротивното, државата сака да си го задржи дискреционото право, дури и покрај негативни мислења на локалната самоуправа и на државни институции за некој рударски проект, во иднина да даде концесија за отворање на тој рудник, реагираат граѓанските здруженија.

– Фрапантно е што државата не го предвидела консултирањето на јавноста во законот за минерални суровини иако овој закон уредува област која остава најстрашни последици врз животот и здравјето на луѓето и врз квалитетот на животната средина, посебно кога се работи за рудници со отворени копови, со хидројаловишта“, рече Татјана Чакулев од „О2 Коалицијата“ на денешниот брифинг во врска со измените на предложениот закон за минерални суровини за кои граѓанските здруженија во рамките на  еко-алијансата „Разбистри сѐ“ преговараат со Министерството за економија кое е предлагач на законот.

– Успеавме да спречиме законот да биде донесен по скратена постапка како и да ја вратиме во законот избришаната обврска на концесионерот да изготви техничко-технолошки елаборат каде ќе објаснат за каква постапка и за какви хемикалии се работи, издејствувавме да има обврска да се знае крајниот сопственик на рудникот, за тој да не се прикрива како досега кога се тргува со акции на рудникот, туку да си го плати задолжително данокот кон државата, рече Лилјана Поповска од Зелениот Институт.

Но сепак, според Поповска, во Министерството имало отпор и за барањето државата да издвојува дел од концесискиот надомест за надомест за рекултивација на земјиштето зафатено со експлоатација на минерални суровини.

– Не се согласуваме ниту со драматичното намалување на казни за загадувањето на животната средина од страна на рудниците, рече Поповска, нагласувајќи дека од Министерството е побарано во законските решенија да се вметне и поголемо учество на Државниот инспекторат за животна средина во контрола на хидројаловиштата, кои го содржат најголемиот ризик од хаварија и потенцијал за еколошка катастрофа кога се во прашање рудниците.

Досега хидројаловиштата не се градени со потребното внимание и грижа за животната средина, иако се најопасни за природата и за луѓето бидејќи содржат милиони тони отровна смеса на цијанид, сулфурна киселина и други опасни материјали помешани со кал.

– Е, сега замислете кога тоа треба да го имате над вашите глави, а за рудникот „Иловица“ беше предвидено да имаат брана висока 276 метри која треба да спречи отровната кал да се истури врз нас и да се слее во струмичката котлина, рече Костадин Ристоманов активист од Зелена  котлина, едно од еколошките здруженија од струмичкиот регион кои се залагаа за укинување на концесијата за рудникот за злато и бакар крај Иловица.

Тој истакна дека, во ситуација кога капиталот ги диктира правилата на игра, граѓаните немаат доволно гаранции дека се заштитени нивните животи и нивното здравје од сегашните и идни рудници со отворени копови.

– Досега никој нема прецизен одговор кој и како ќе се грижи за безбедноста на хидројаловиштата и кога, по 20 или 30 години експлоатација ќе си замине концесионерот, вели Ристоманов и прашува дали ќе мораат луѓето што живеат покрај рударските јаловишта да стравуваат за своите животи секогаш кога ќе има дождови и други природни појави да не попуштат браните.

 

Поврзани вести

Нова скандалозна порно-група со слики и видеа: На Телеграм се појави „Перверзии на Балканот“

Слободен печат

Лајчак: Несомнено за Косово, успех во дијалогот значи да се стане земја кандидат за ЕУ

Слободен печат

Германија, Шпанија и Франција заедно ќе развијат нов борбен авион

Слободен печат

Регионален ковид-19 пресек: Мал пад на бројот на нови инфекции

Слободен печат

Бугарски брачен пар заврши зад решетки во Германија: Продавале новороденчиња во Грција

Слободен печат

Маск: Старлник услугата ја нарачаа половина милион луѓе

Слободен печат

Остави Коментар